Програмата „ГЛАМ“ е една од трите главни програми на организацијата, покрај програмата за образование и програмата за заедница. ГЛАМ е всушност англиски акроним за галерии (galleries), библиотеки (libraries), архиви (archives) и музеи (museums) и подразбира соработка, делување и спроведување активности во тесно партнерство во институции од овој вид.
Програмата ГЛАМ во својата суштина е визија за зголемување на содржината на Википедија преку тесна соработка со институции како галерии, библиотеки, архиви, и музеи. Ваквата соработка подразбира активности од различен вид, како што се работилници на зададена тема, обука на кадар од институциите за користење на Википедија, уредувачки сесии за збогатување на содржините на Википедија и нејзините сродни проекти, испраќање матичен Википедијанец кој би бил врска помеѓу институцијата и здружението и кој активно ќе ја подобрува содржината на Википедија и нејзините сродни проекти. Дополнително, образовни и информативни предавања и прошетки или посети на институции се исто така активности кои даваат продуктивност и зголемена заинтересираност за дадените теми и инсутиции.
Тематската определба на активностите на ГЛАМ е пракса која Викимедија МКД ја спроведува во изминатите години. Одбирањето на една тема за сите проектни активности е обединувачки елемент и водилка за тоа кон што се цели заедницата која уредува или работи во делот на програмата ГЛАМ.
Во 2024 година програмата ГЛАМ се фокусира на темата за „клима и климатските промени“. Преку уредување на нови статии на Википедија, подигнување на мултимедијална содржина на Заедничката ризница, организирање работилници, предавања, обуки и заеднички уредувања, заедницата ќе се стреми кон збогатување на содржините на Википедија од овој тип. Важноста на оваа тема за секојдневниот живот на луѓето е мотивација плус за придонес на нашата заедница кон оваа област.
Викимедија МКД сака и има желба да придонесе за подигнувањето на јавната свест за овој критичен аспект на нашата планета. Веруваме дека оваа наша мисија не само што ќе го зголеми бројот на статии, туку и ќе ја подигне јавната свест за еден од најголемите предизвици на современиот свет.