„Занаети и народни носии” – сведоштво за нашата култура на Википедија

Во рамките на програмата „ГЛАМ“ на Викимедија МКД, секоја година се спроведуваат активности со јасно дефинирана тематска насока, посветени на културното и општественото наследство. Годинава, темата „Занаети и народни носии“ зазема централно место во оваа програма, со цел не само да се документираат туку и да се оживеат занаетчиството и традициите кои се закануваат да бидат заборавени. Преку создавање нови и подобрување на постојните содржини на Википедија на македонски јазик и нејзините сродни проекти, Викимедија МКД продолжува да гради мост меѓу младите генерации и богатото македонско културно наследство.

Во тој дух, на 15 април 2025 година, Вики Клуб Велес, под менторство на професорката Лили Арсова, организираше едукативна работилница во ковачницата „Ковач Гоце“, лоцирана во населбата Превалец во Велес. Настанот беше вистинско враќање во минатото, во времето кога ковачот беше еден од најпочитуваните занаетчии во секое маало. Учениците-википедијанци имаа можност да го запознаат Гоце Грујов – последниот активен ковач во Велес, кој го наследил занаетот од својот татко Ацо Грујов, започнувач на оваа семејна традиција во 1970 година. Денес, ковачницата „Ковач Гоце“ сè уште пулсира со звукот на чеканот и мирисот на загреано железо, благодарение на посветеноста на Гоце, кој со љубов и вештина продолжува да ја раскажува приказната на својот род.

За време на работилницата, младите википедијанци одблиску се запознаа со техниките на ковање, видовите алати што се користат – од менгемиња и различни типови чекани до алати специјално изработени за обликување на метал. Грујов демонстрираше целосен процес – од загревање до обликување, во што учесниците уживаа со сите сетила. Звуците на металот, искрите и топлината од огништето создадоа автентична атмосфера која долгорочно ќе остане во нивната меморија.

Следниот ден, на 16 април, се одржа втората работилница, овојпат во грнчарската работилница на Ване во населбата Којник во Велес. Таму, учениците имаа можност да го следат целиот процес на изработка на грнчарски производи – од обработка на глината, нејзино обликување на грнчарско колце, до завршното печење во печка која достигнува температури до 900°C. Секоја алатка, секој движење и секој детал беа објаснети со ентузијазам, а атмосферата беше исполнета со љубопитност и восхит. На крајот од оваа креативна авантура, грнчарот Ване им подари на учениците по еден уникатен, рачно изработен производ – симболичен подарок кој ќе ги потсетува на искуството и знаењето што го стекнаа.

Со овие активности, Викимедија МКД не само што ги зајакнува вештините на младите википедијанци и го поттикнува нивниот интерес за културното наследство, туку и активно придонесува кон негово зачувување преку слободни и достапни содржини на Википедија. Занаетите и народните носии не се само дел од минатото – тие се жива врска со нашиот идентитет, вредности и историја. Затоа, нивната документација и промоција претставуваат инвестиција во колективната меморија на едно општество.

Фотографскиот материјал од работилниците може да го погледнете на следнава врска.