Резултати од уредувачките денови и уредувачките викенди за март 2026

Во текот на март 2026 година, Викимедија МКД успешно ги спроведе редовните уредувачки денови и уредувачките викенди, продолжувајќи ја динамиката на активно создавање и подобрување на содржините на Википедија на македонски јазик. И овој месец, заедницата покажа посветеност, ентузијазам и висок степен на соработка.

Во активностите учествуваа вкупно 22 уредници, кои со заеднички ангажман придонесоа за значително зголемување на енциклопедиската содржина. Во текот на март беа создадени 116 нови статии, а дополнително беа подобрени 3 постојни статии. Овие бројки претставуваат значаен раст и уште една потврда за континуираниот развој на уредувачката заедница.

Уредниците работеа на разни тематски области, со што придонесоа за разноврсноста и длабочината на содржината. Со секое ново уредување и подобрување, се зголемува пристапот до квалитетни и проверени информации за пошироката јавност. Овој процес не само што ја збогатува енциклопедијата, туку исто така ја поттикнува размената на знаење и зајакнува чувството на заедништво меѓу волонтерите.

Врз основа на вкупниот придонес и активност во текот на месецот, беше избран и добитникот на месечната награда за март 2026 година. Добитник на наградата е:

Bojan9Spasovski– вредносен ваучер од 2500 денари

Им упатуваме благодарност на сите учесници за нивниот труд, време и посветеност. Токму преку ваквата континуирана активност се зајакнува заедницата и се создава стабилна основа за понатамошен развој на Википедија на македонски јазик. Со нетрпение очекуваме и наредните уредувачки денови и викенди, како и нови придонеси кои ќе продолжат да го зголемуваат обемот и квалитетот на слободното знаење.

Започнува „СИЕ Пролет 2026“ – приклучете се и збогатете ја Википедија

Започнува уредувачкиот натпревар „СИЕ Пролет 2026“, дел од меѓународната иницијатива што има за цел збогатување на содржините на Википедија поврзани со земјите од Средна и Источна Европа. Овој натпревар традиционално се организира секоја година, обединувајќи уредувачи од различни јазични заедници, со цел да се подобри квалитетот и опфатот на слободното знаење за регионот.

Натпреварот се одржува во периодот од 1 до 30 април 2026 година и е отворен за сите регистрирани корисници на Википедија на македонски јазик. Учесниците можат да создаваат нови статии или да ги подобруваат постоечките, согласно зададената листа на предложени теми, како и правилата и насоките на натпреварот.

Главната цел на „СИЕ Пролет 2026“ е да се намалат содржинските празнини за теми поврзани со регионот на Средна и Источна Европа, но и да се поттикне активноста на заедницата, да се мотивираат нови уредувачи и да се зајакне соработката помеѓу постоечките членови. Преку ваквите иницијативи, Википедија на македонски јазик продолжува да расте и да се развива како значаен образовен и информативен ресурс.

Сите статии треба да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии треба да бидат напишани на енциклопедиски стил и да имаат извори. При уредување на натпреварот или по завршувањето на истиот, сите учесници треба да се запишат со кои статии учествувале. Во натпреварот имаат можност да учествуваат сите регистрирани корисници на Википедија на македонски јазик освен членовите на оценувачкиот одбор, а за најдобрите учесници се обезбедени награди.

Наградите за овој натпревар се предвидени да бидат вредносни купони за техничка стока и ваучери за книги. Наградите ќе бидат купени по завршувањето на уредувачкиот натпревар во вид на ваучери од продавница со седиште во Македонија. Наградите се следниве:

  • Прва награда за најдобар уредник  – вредносен купон во висина од 10.000 денари.
  • Втора награда за најдобар уредник  – вредносен купон во висина од 5.000 денари.
  • Трета награда за најдобар уредник  – вредносен купон во висина од 3.000 денари.

Покрај овие три награди, овој уредувачки натпревар предвидува и:

  • Награда за најдобра статија – вредносен купон во висина од 4.000 денари
  • Награда најдобар постоечки учесник кој претходно не учествувал на уредувачките натпревари „СИЕ Пролет“ – вредносен купон во висина од 2.000 денари
  • Награда за најмногу уредени статии од различни земји учеснички на натпреварот – вредносен купон во висина од 2.000 денари

За да може некој учесник да добие награда во некоја од категориите, мора да има напишано/подобрено најмалку 20 статии од списоците на другите учесници во натпреварот и истите да бидат оценети со просечна оценка од најмалку 2,0 од страна на членовите на оценувачкиот одбор).

Ги повикуваме сите заинтересирани да се приклучат на „СИЕ Пролет 2026“ и да дадат свој придонес во создавањето и споделувањето на слободното знаење, истовремено збогатувајќи ја содржината на Википедија на македонски јазик и проширувајќи ги темите поврзани со Средна и Источна Европа.

Википедија на македонски јазик достигна 160.000 статии

Википедија на македонски јазик достигна значаен јубилеј – над 160.000 создадени статии, со што уште еднаш се потврдува континуираниот раст и развој на слободната енциклопедија на македонски јазик. Овој успех е резултат на долгогодишната посветеност, ентузијазам и волонтерска работа на уредувачката заедница, која секојдневно придонесува кон збогатување на содржините и унапредување на квалитетот на информациите.

Од своето основање, Википедија на македонски јазик прерасна во еден од најзначајните извори на слободно достапно знаење за македонските говорници. Со текот на годините, таа не само што бележи пораст во бројот на статии, туку и значително се подобрува нивниот квалитет, структуриранoст и покриеност на различни теми. Денес, читателите можат да најдат информации од најразлични области – од историја, географија и култура, до наука, технологија, медицина, спорт и современи општествени теми. Зад ова достигнување стои силна и посветена заедница на волонтери – уредувачи, администратори и поддржувачи, кои преку својата работа придонесуваат за развојот и унапредувањето на Википедија на македонски јазик. Нивниот придонес не се состои само во создавање нови статии, туку и во постојано подобрување на постоечките содржини, проверка на факти, додавање извори и одржување на енциклопедиски стандарди.

Особено значајна улога во овој процес има Викимедија МКД, која како локална организација активно ја поддржува заедницата преку организирање на уредувачки маратони, натпревари, обуки и работилници. Преку овие активности се мотивираат нови корисници да се приклучат и да придонесат, но и се поттикнува континуирано учество на постоечките уредувачи. Ваквите иницијативи придонесуваат не само за зголемување на бројот на статии, туку и за подигање на свеста за важноста на слободното знаење и неговата достапност.

Покрај квантитативниот раст, значаен е и квалитативниот напредок на Википедија на македонски јазик. Ова ја прави Википедија сè порелевантен и доверлив извор на информации за ученици, студенти, истражувачи и пошироката јавност.

Достигнувањето на 160.000 статии претставува значаен чекор напред, но и мотив за понатамошен развој. Заедницата продолжува да работи кон проширување на содржините, намалување на тематските празнини и подобрување на квалитетот на постоечките статии. Во иднина, фокусот останува на привлекување нови уредувачи, зајакнување на заедницата и зголемување на влијанието на Википедија како образовен и информативен ресурс.

Овој јубилеј е уште една потврда дека преку заедничка работа, ентузијазам и посветеност може да се создаде вредна и трајна база на знаење на македонски јазик, достапна за сите. Википедија на македонски јазик продолжува да расте, развива и инспирира, останувајќи верна на својата мисија – слободно знаење за секого, насекаде.

Работилница на тема „Растенијата околу нас: Демир Хисар“ за членовите на вики клуб Демир Хисар

Работилниците на Викимедија МКД претставуваат значаен сегмент од активностите насочени кон унапредување на слободното знаење и поттикнување на младите да станат активни уредувачи на Википедија. Преку овие едукативни настани, учениците и младите учесници имаат можност да стекнат практични знаења и вештини за истражување, критичко размислување, како и за пишување и уредување енциклопедиски содржини. Воедно, работилниците придонесуваат кон збогатување на содржините на македонската Википедија, особено во области кои се од национално значење.

На 25 март 2026 година се одржа работилница за членовите на Вики клуб Демир Хисар на тема „Растенијата околу нас: Демир Хисар“. Настанот беше организиран со цел да се поттикне интересот кај учениците за ботаниката и за истражување на растителниот свет во нивната локална средина, како и нивно активно вклучување во создавање на слободна енциклопедиска содржина.

Работилницата беше осмислена како динамичен и содржаен настан, поделен во два комплементарни дела што успешно ги поврзаа теренската едукација со практичната примена на знаењата. Во првиот дел, учениците го посетија манастирот Слепченски манастир, каде што имаа ретка можност непосредно да се запознаат со богатството на растителниот свет во неговата околина, но и со духовното и културното наследство што го носи ова свето место.

За време на посетата, монахињата сестра Ксенија ги воведе присутните во историјата на манастирот, споделувајќи значајни податоци за неговото постоење и значење. Особено внимание беше посветено на фактот дека во манастирот се чуваат моштите на Свети Кипријан Слепченски и на Света преподобномаченичка Стефанида Битолско Скадарска, која била прогласена за света на 30 јуни 2024 година и вброена во диптихот на светителите и исповедниците на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Овој дел од посетата им овозможи на учениците да стекнат подлабоко разбирање за духовната традиција и историската вредност на манастирот.

Во продолжение, сестра Марина, настојателка на манастирот, заедно со сестра Харитина, која се грижи за манастирската градина, ги поведоа учениците кон овоштарникот и манастирскиот стакленик. Таму, во пријатна и инспиративна атмосфера, сестра Харитина одржа едукативна работилница со практична настава. Учениците имаа можност одблиску да се запознаат со начинот на одгледување на различни видови тревки, цвеќиња и зеленчук, како и со основните принципи на грижа за растенијата.

Преку ова искуство, тие не само што ги проширија своите знаења за растителниот свет, туку и развија поголема свест за значењето на природата, одржливото одгледување и трудот вложен во создавањето здрава животна средина.

Во вториот дел од работилницата, учесниците се фокусираа на практична работа со уредување на Википедија. Под менторство и координација на извршниот директор на Викимедија МКД, Снежана Штрковска и координаторката на Вики клуб Демир Хисар, Александра Шундовски, учениците пишуваа нови статии за растенија кои растат во Македонија, почитувајќи ги правилата за енциклопедиско пишување. Преку оваа активност, тие ги унапредија своите дигитални вештини, како и способноста за селекција и обработка на информации.

На работилницата учествуваа 5 ученици, кои за време на настанот напишаа вкупно 15 статии на Википедија на македонски јазик. Со тоа, тие дадоа значаен придонес во збогатувањето на содржините поврзани со ботаниката, особено во контекст на локалното природно наследство.

Оваа работилница претставува успешен пример за тоа како преку соработка меѓу Викимедија МКД и локалните вики клубови може да се поттикне интересот кај младите за истражување и споделување на знаење. Воедно, ваквите активности придонесуваат за зачувување и промоција на природното и културното наследство на Македонија, правејќи го подостапно за пошироката јавност преку Википедија.

Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.

Одржана работилница „Растенијата околу нас: Велес“ во организација на Вики клуб Велес

Уредувачките маратони претставуваат една од најзначајните активности на Викимедија МКД, преку кои се поттикнува создавање, подобрување и споделување на слободно знаење на македонски јазик. Овие настани обединуваат ученици, студенти, наставници и волонтери кои, преку заедничка работа, придонесуваат кон збогатување на содржините на Википедија, истовремено развивајќи дигитални вештини. Уредувачките маратони често се тематски насочени и овозможуваат поврзување на теоретското знаење со практична примена, како и поттикнување на интересот за различни научни и општествени области.

Во таа насока, на 17. 03.2026 година, Викимедија МКД организираше уредувачки маратон на тема „Растенијата околу нас: Велес“, за Вики клуб Велес,со цел да се поттикне интересот кај младите за природните науки, но и да се збогатат содржините поврзани со локалната флора на Википедија. Настанот беше реализиран под менторство на координаторката на Вики клуб Велес, Лили Арсова и на професорката по биологија Елизабета Николовска со учество на ученици од СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ – Велес, кои активно се вклучија во сите фази од активноста — од теренско истражување до креирање на енциклопедиски содржини.

Првиот дел од маратонот се одвиваше на терен, во природна средина, каде учениците имаа можност директно да ја истражуваат вегетацијата во својата околина. Преку практична работа и набљудување, тие се запознаа со разновидноста на растителниот свет, со посебен фокус на тревестите растенија, различните видови цветови и нивните карактеристики. Учениците ги анализираа формите на листовите, структурата на растенијата и начинот на нивно размножување, при што стекнаа подлабоко разбирање за биолошките процеси.

Дополнително, беше обработена и темата за иглолисните дрвја и нивните специфични карактеристики, како и за ползечките растенија и нивното ширење во природата. Ваквиот пристап им овозможи на учениците да го поврзат теоретското знаење стекнато во училница со реални примери од терен, што значително ја зголеми нивната заинтересираност и активност во процесот на учење.

Во рамки на настанот, учесниците се запознаа и со процесот на изработка на хербариум — од собирање и селекција на растителни примероци, до нивно сушење и соодветно чување. Инспирирани од ова, тие започнаа со изработка на сопствени хербариуми, користејќи материјали собрани за време на теренската работа. Оваа активност придонесе за развој на нивната внимателност, систематичност и одговорност кон природата, како и за поттикнување на научната љубопитност.

По завршувањето на практичниот дел, учениците се вклучија во уредувачкиот маратон, каде што стекнатите сознанија ги преточија во нови статии на Википедија. Преку овој процес, тие научија како да структурираат енциклопедиски текст и како да придонесуваат кон слободната база на знаење. Нивниот ангажман резултираше со креирање на содржини поврзани со биографии на ботаничари, со што овие информации станаа подостапни за пошироката јавност. Вкупно беа напишаани 6 статии.

Овој уредувачки маратон уште еднаш ја потврди важноста на ваквите иницијативи, кои успешно ги поврзуваат образовниот процес, практичната настава и дигиталните алатки. Преку вакви активности, младите не само што стекнуваат нови знаења, туку и се охрабруваат да бидат активни создавачи на содржини и учесници во современото дигитално општество.

Вики клуб Велес и понатаму продолжува со реализација на вакви настани, со што придонесува за развој на локалната заедница и за унапредување на културата на споделување знаење. Овие активности претставуваат пример за успешна соработка меѓу образовните институции и Викимедија МКД, како и за ефективно вклучување на младите во процесите на учење, истражување и креирање на слободна и достапна содржина за сите.

Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.

Младите википедијанци од Велес учеа за растенијата преку теренска работилница

На 13 март 2026 година се одржа едукативна теренска работилница за учениците – членови на Вики клуб Велес во рамки на ГЛАМ програмата на Викимедија МКД за 2026 година. Овогодишната тема на програмата е „Ботаника на Македонија“, со која се поттикнува истражување и документирање на растителниот свет во државата, како и збогатување на слободното знаење на интернет со информации поврзани со растенијата, нивната употреба и значење.

Работилницата се одржа во Велес, каде учениците имаа можност преку директна теренска работа да се запознаат со различни аспекти од растителниот свет, традиционалните знаења за лековити билки и основите на локалното земјоделско производство. Целта на оваа активност беше младите википедијанци преку практично искуство да стекнат нови знаења и идеи кои подоцна ќе можат да ги искористат при создавање и подобрување на содржини на Википедија.

Во текот на работилницата учениците најпрво го посетија локалниот пазар, каде имаа можност да разговараат со искусен билкар кој со години собира и продава лековити растенија. Тој им објасни како се препознаваат различните видови билки во природата, кога е најсоодветното време за нивно собирање и на кој начин правилно се сушат и чуваат. Посебно внимание посвети на традиционалната употреба на билките во народната медицина, споделувајќи примери за тоа како одредени растенија се користат за подготовка на чаеви, тинктури и други природни препарати.

Учениците со голем интерес ги следеа објаснувањата и поставуваа прашања поврзани со препознавањето на растенијата, нивните лековити својства и разликите помеѓу дивите и култивираните видови. Оваа средба им овозможи одблиску да се запознаат со богатството на природните билки и со знаењата што со генерации се пренесуваат меѓу луѓето.

Во рамки на посетата учениците разговараа и со локални производители на зеленчук, кои им го објаснија целиот процес на одгледување на растенијата – од подготовка на почвата и садење семе, па сè до негување на растението и добивање на финалниот производ. Тие им раскажаа колку е важна правилната грижа за растенијата, како се одржува почвата плодна и колку труд и посветеност се вложуваат во земјоделското производство.

Особено интересна беше и средбата со локален пчелар, кој им зборуваше за значењето на медоносните растенија и нивната поврзаност со животот на пчелите. Тој објасни дека пчелите се едни од најважните опрашувачи во природата и дека голем број растенија зависат токму од нив за да дадат плод. Учениците научија дека без пчелите би се нарушила природната рамнотежа и би се намалило производството на многу видови овошје и зеленчук.

Теренската работилница продолжи со посета на локална земјоделска аптека, каде учениците се запознаа со различни овошни и зеленчукови садници, како и со семиња од повеќе видови култури. Таму имаа можност да научат како се препознаваат младите растенија, на кој начин се подготвуваат за садење и какви услови се потребни за нивен правилен раст и развој. Дополнително, тие разгледаа и различни видови семиња и луковици на цветови, како и други производи што се користат во земјоделството.

Преку оваа теренска работилница учениците стекнаа нови практични знаења за растителниот свет, земјоделството и традиционалните начини на користење на лековитите растенија. Воедно, ваквите активности им помагаат подобро да ја разберат природата и нејзиното значење, но и ги поттикнуваат да фотографираат и да создаваат нови содржини поврзани со ботаниката.

Теренските активности се важен дел од работата на Вики клубовите, бидејќи им овозможуваат на учениците знаењето да го стекнат преку директно искуство. На тој начин тие не само што учат за природата и растенијата, туку се мотивираат и активно да придонесуваат кон слободното знаење преку уредување и збогатување на содржините на Википедија.

Фотографскиот материјал од работилницата може да го погледнете на следнава врска.

Одржана обука за ученици од ООУ „Коле Неделковски“ во Скопје

Обуките за уредување на Википедија наменети за ученици претставуваат значаен дел од активностите на Вики заедницата, бидејќи тие им овозможуваат на младите да се запознаат со принципите на слободното знаење, критичкото користење на извори и начинот на кој се создава енциклопедиска содржина. Преку ваквите обуки учениците добиваат практични вештини за пишување, истражување и дигитална писменост, а воедно придонесуваат и за збогатување на содржината на Википедија на македонски јазик. Посебен акцент се става на преведување и прилагодување на статии од англиската верзија на Википедија, со што се овозможува квалитетни и проверени информации да станат достапни и за читателите на македонски јазик.

На 13 март 2026 година се одржа обука за уредување на Википедија за ученици од ООУ „Коле Неделковски“ во Скопје. Настанот имаше едукативен и практичен карактер, при што учениците имаа можност да се запознаат со основите на уредувањето на Википедија, правилата за пишување енциклопедиски статии.

Во текот на обуката, присутните ученици најпрво беа запознаени со основните принципи на Википедија. Потоа следеше практичен дел, во кој учениците научија како да креираат и уредуваат статии, како да додаваат внатрешни врски, категории и референци, како и како правилно да преведуваат содржина од англиската верзија на Википедија на македонски јазик.

На обуката учествуваа 5 ученици и една наставничка од училиштето, кои активно се вклучија во процесот на создавање нова содржина. Како резултат на нивната работа, беа напишани вкупно 12 нови статии на Википедија на македонски јазик. Статиите беа преведени и прилагодени од англиската верзија на Википедија, при што учениците се погрижија содржината да биде јазично и енциклопедиски соодветна за македонските читатели.

Ваквите активности имаат големо значење за развојот на младата уредувачка заедница и за збогатување на слободната енциклопедија со нови и корисни информации. Воедно, учениците стекнуваат практично искуство во дигиталната соработка, критичкото размислување и одговорното користење на интернет.

Со реализацијата на оваа обука уште еднаш се потврдува важноста од вклучување на учениците во создавањето на слободно знаење, како и потенцијалот на образовните активности за понатамошно развивање и унапредување на Википедија на македонски јазик.

Викимедија МКД го одбележа Меѓународниот ден на жената

По повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, Викимедија МКД организираше уредувачки маратон, на 6 март 2026 година во просториите на Викимедија МКД, во МКЦ. Овој настан беше посветен на поттикнување на родовата еднаквост на Википедија, имајќи предвид дека жените и нивните достигнувања сè уште се помалку застапени во енциклопедиските содржини. Преку вакви активности се настојува да се намали родовиот јаз во содржината на Википедија и да се зголеми видливоста на значајните придонеси на жените во различни области. На настанот учествуваа  9 ученици од СУГС Гимназија “Јосип Броз Тито”- Скопје, кои активно се вклучија во збогатувањето на содржините на Википедија на македонски јазик.

Уредувачкиот маратон беше посветен на темата Жени ботаничари“, со што се истакна значајниот придонес на жените во развојот на ботаниката и природните науки. Преку процесот на уредување, учесниците имаа можност да се запознаат со животот, научната работа и достигнувањата на бројни ботаничарки кои дале значаен придонес во проучувањето на растителниот свет.

Темата на уредувачкиот маратон се поврзува со годишната ГЛАМ програмата на Викимедија МКД за оваа година, насловена „Ботаника на Македонија“, која има за цел збогатување и подобрување на содржините поврзани со ботаниката и растителниот свет во Македонија. Преку оваа програма се поттикнува создавање на нови енциклопедиски статии, како и проширување на веќе постојните содржини, со цел подобра достапност на знаење на македонски јазик.

Голем дел од овие теми сè уште не се доволно обработени на Википедија на македонски јазик, па така учениците ги преведуваа и прилагодуваа статиите од англиската верзија на Википедија. Учениците работеа на преведување на постоечки енциклопедиски содржини, при што се запознаа со начинот на адаптација на текстови, уредување на енциклопедиски статии и почитување на правилата и стандардите на Википедија. На овој начин се овозможува проширување на Википедија на македонски јазик со квалитетни и проверени информации, кои претходно биле достапни само на други јазици.

Во исто време, уредувачките активности се одвиваа и во рамки на вики клубовите низ државата, каде што членови од Вики клуб Куманово, Вики клуб Велес и Вики клуб Драчево паралелно пишуваа статии на истата тема, придонесувајќи кон заедничката иницијатива за одбележување на овој ден и за збогатување на Википедија на македонски јазик. Во текот на активноста, вкупно учествуваа 22 ученици и напишаа вкупно 45 статии, со што придонесоа за подобрување на застапеноста на жените научници на Википедија на македонски јазик.

Настанот се одвиваше во работна и мотивирачка атмосфера, при што учениците со голем интерес учествуваа во процесот на создавање слободно знаење. Покрај пишувањето на статии, тие имаа можност да научат повеќе за функционирањето на Википедија, за важноста на слободните лиценци и за значењето на придонесувањето кон отворени образовни ресурси.

Со ваквите активности, Викимедија МКД продолжува да ја исполнува својата мисија за поттикнување на младите да учествуваат во создавањето и споделувањето на слободно знаење. Воедно, преку теми поврзани со жените во науката се придонесува кон зголемување на нивната видливост во енциклопедиските содржини и кон подигнување на свеста за нивниот значаен придонес во научниот и општествениот развој.

Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.

Резултати од уредувачките денови и викенди за февруари 2026

Во текот на февруари 2026 година, Викимедија МКД успешно ги спроведе редовните уредувачки денови и уредувачки викенди, продолжувајќи ја динамиката на активно создавање и подобрување на содржините на Википедија на македонски јазик. И овој месец, заедницата покажа посветеност, ентузијазам и висок степен на соработка.

Во активностите учествуваа вкупно 17 уредници, кои со заеднички ангажман придонесоа за значително зголемување на енциклопедиската содржина. Во текот на февруари беа создадени 196 нови статии, а дополнително беа подобрени 10 постојни статии. Овие бројки претставуваат значаен раст и уште една потврда за континуираниот развој на уредувачката заедница.

Уредниците работеа на разни тематски области, од култура и историја до наука и современи настани, со што придонесоа за разноврсноста и длабочината на содржината. Со секое ново уредување и подобрување, се зголемува пристапот до квалитетни и проверени информации за пошироката јавност. Овој процес не само што ја збогатува енциклопедијата, туку исто така ја поттикнува размената на знаење и зајакнува чувството на заедништво меѓу волонтерите.

Врз основа на вкупниот придонес и активност во текот на месецот, беше избран и добитникот на месечната награда за февруари 2026 година. Добитник на наградата е:

  • SirGoldenBlade– вредносен ваучер од 2500 денари

Им упатуваме благодарност на сите учесници за нивниот труд, време и посветеност. Токму преку ваквата континуирана активност се зајакнува заедницата и се создава стабилна основа за понатамошен развој на Википедија на македонски јазик. Со нетрпение очекуваме и наредните уредувачки денови и викенди, како и нови придонеси кои ќе продолжат да го зголемуваат обемот и квалитетот на слободното знаење.

Извлечен добитникот на наградата од уредувачкиот маратон „Медалисти на ЗОИ 2026“ – напишани рекордни 98 статии

Уредувачките маратони кои ги организира Викимедија МКД претставуваат еден од клучните механизми за збогатување и унапредување на содржината на Википедија на македонски јазик. Преку овие настани се поттикнува активно учество на заедницата, се привлекуваат нови уредници и се создава простор за соработка, учење и размена на знаење. Уредувачките маратони имаат двојна улога – од една страна придонесуваат кон зголемување на квантитетот и квалитетот на содржината, а од друга страна ја зајакнуваат заедницата и ја промовираат културата на слободно, проверливо и неутрално информирање.

Во рамките на овие активности, на 23 февруари 2026 година се одржа уредувачкиот маратон „Медалисти на ЗОИ 2026“. Целта на маратонoт беше да се создадат нови статии за спортистите кои освоиле медали на ова значајно меѓународно спортско натпреварување, со што се збогати спортската содржина на Википедија на македонски јазик и се обезбедија точни, проверени и детални информации достапни за пошироката јавност.

Маратонот беше отворен за сите заинтересирани, без разлика на нивното претходно искуство во уредување. Учесниците требаше да имаат корисничка сметка на Википедија и да изберат статија од подготвениот список на медалисти кои сè уште не беа опфатени на Википедија на македонски јазик. Еден од основните критериуми беше статиите да содржат минимум околу 500 зборови или повеќе од 5000 бајти. Секоја создадена или уредена статија требаше да биде евидентирана во списокот на резултати, со што се овозможи транспарентно следење на придонесите.

Овој маратон се покажа како особено успешен, при што беа напишани рекордни 98 статии, што претставува значаен придонес кон развојот на спортските теми на Википедија на македонски јазик. Овој резултат ја потврдува посветеноста и ентузијазмот на уредувачката заедница, како и важноста на ваквите организирани настани.

Па така, на 26.02.2026 година, во 13:00 часот, се одржа јавното извлекување на наградата во живо на инстаграм профилот на Викимедија МКД. Во извлекувањето беа вклучени сите учесници кои ги исполнија условите предвидени со правилата на маратонoт.

Добитник на вредносен ваучер е Ivan dren со статијата Џејк Кантер“.

Со ова официјално се заокружи уште еден успешен уредувачки маратон, кој не само што резултираше со рекорден број нови статии, туку и дополнително ја зацврсти и мотивираше заедницата на уредници. Викимедија МКД изразува искрена благодарност до сите учесници и ги охрабрува и понатаму активно да придонесуваат кон создавање квалитетна, проверлива и слободна енциклопедиска содржина на македонски јазик.