„Вики го сака филмот“- Уредувачки активности посветени на светот на филмот

Во рамките на меѓународната иницијатива „Вики го сака филмот“, Викимедија МКД организираше уредувачки активности посветени на збогатување на содржините од областа на филмот и кинематографијата на Википедија на македонски јазик. Преку изборот на различни теми поврзани со филмската уметност, уредниците имаа можност да создаваат нови статии и да придонесат кон поголема застапеност на значајни филмски личности и остварувања.

Првата активност се одржа на 3 септември 2026 година, кога беше организиран уредувачки ден на тема „Добитници на Оскар за најдобар глумец во главна улога“. Уредниците се насочија кон создавање статии за глумци кои низ годините ја освоиле оваа престижна филмска награда. На тој начин, беа опфатени личности од различни периоди на светската кинематографија, а Википедија на македонски јазик беше збогатена со нови биографски содржини од областа на филмот.

Активностите продолжија на 5 и 6 септември 2026 година со уредувачки викенд посветен на филмографијата на Брижит Бардо, една од најпознатите личности на француската и европската кинематографија. Темата им овозможи на учесниците да се посветат на различни филмски остварувања од нејзината кариера и да создадат статии за филмови кои дотогаш не биле застапени на Википедија на македонски јазик. Со тоа беше проширена содржината не само за нејзината филмографија, туку и за француската и европската филмска продукција воопшто.

Во двете уредувачки активности вкупно учествуваа 17 уредници, а како резултат на нивниот заеднички ангажман беа напишани 37 нови статии на Википедија на македонски јазик. Создадените статии опфаќаат биографии на познати глумци, како и филмови од различни периоди, со што беше направен значаен придонес кон проширување на содржините поврзани со светската кинематографија.

Организирањето на тематски уредувачки активности претставува можност уредниците заеднички да работат на области во кои постојат содржински празнини. Истовремено, преку создавањето нови статии, информациите за значајни личности, филмови и достигнувања од светот на кинематографијата стануваат достапни на македонски јазик за поширок круг читатели.

Овие активности се дел од заложбите на Викимедија МКД во рамките на меѓународната иницијатива „Вики го сака филмот“, чија цел е збогатување на слободно достапните содржини поврзани со филмот, кинематографијата и филмското културно наследство. Преку ваквите активности, Викимедија МКД продолжува да ја поттикнува уредувачката заедница да придонесува кон проширување и подобрување на знаењето достапно на Википедија на македонски јазик.

 

Успешно заврши натпреварот „Статии без илустрација 2026“

„Статии без илустрација 2026“ беше натпревар посветен на збогатување на постоечките статии на Википедија на македонски јазик со соодветни фотографии и други визуелни илустрации. Голем број статии содржат квалитетни и корисни информации, но сè уште немаат илустрации што би ја надополниле нивната содржина и би им овозможиле на читателите подобро да се запознаат со темата.

Илјадници фотографии се достапни на Заедничката ризница, поставени преку бројни ГЛАМ проекти, институционални соработки, фотографски натпревари и други активности што се одржувале низ годините. Овие визуелни материјали претставуваат вреден ресурс на слободно знаење кој заслужува да биде правилно и целосно искористен. Преку внимателен избор и вметнување илустрации во соодветните статии се подобрува не само нивниот изглед, туку и нивната едукативна и информативна вредност. На тој начин, содржините стануваат попрегледни, поинтересни и подостапни за читателите.

Токму со таа цел, Викимедија МКД и оваа година им овозможи на уредувачите да дадат свој придонес во овој натпревар и воедно да освојат награди. Натпреварот се одржа од 1 јули до 31 август 2026 година, со јасно утврдени критериуми за учество и бодување.

Награди беа предвидени за највредните учесници кои имаа поставено илустрација на најмалку 100 различни постоечки статии на Википедија на македонски јазик. Секоја валидно илустрирана статија носеше еден поен, независно од бројот на слики вметнати во неа. Не се земаа предвид новосоздадени статии создадени само за целите на кампањата. Учесниците можеа да користат неограничен број фотографии, под услов тие да се со слободна лиценца или во јавна сопственост. При секое зачувување на измена, задолжително се вклучуваше ознаката #WPWPMK, како и на самата статија.

По завршувањето на кампањата, со гордост ги објавуваме добитниците на наградите:

Првата награда- Тиверполник – 1148 валидни илустрации – вредносен купон во износ од 12.000 денари.

Втората награда беше доделена на четворица корисници кои исто така остварија значителен број придонеси:

  • Lili Arsova – 390 валидни илустрации – вредносен купон во износ од 6.000 денари
  • P.Nedelkovski  – 290 валидни илустрации – вредносен купон во износ од 6.000 денари
  • Chnitke – 285 валидни илустрации – вредносен купон во износ од 6.000 денари
  • SirGoldenBlade – 128 валидни илустрации – вредносен купон во износ од 6.000 денари

Вкупно учествуваа 8 уредници, а беа поставени 2352 валидни илустрации во статии на Википедија на македонски јазик.

Со завршувањето на натпреварот, голем број статии добија визуелно збогатување кое придонесува кон нивно подобро претставување и полесно разбирање на содржината. Секоја правилно избрана и поставена фотографија претставува дополнителна вредност за статијата и овозможува слободните визуелни содржини од Заедничката ризница да ја исполнат својата вистинска цел – да бидат користени, споделувани и достапни за сите.

Им благодариме на сите уредници кои учествуваа во натпреварот и одвоија време за пронаоѓање и вметнување соодветни илустрации. Нивниот придонес уште еднаш покажува дека и со навидум мали уредувања може значително да се подобри квалитетот на Википедија на македонски јазик.

Им честитаме на добитниците на наградите и се надеваме дека ваквите активности ќе продолжат да поттикнуваат што повеќе уредници активно да придонесуваат кон создавањето поквалитетна, побогата и повизуелна слободна енциклопедија.

Викиманија 2026 се одржа во Париз, Франција со пораки за слобода, еднаквост и веродостојност

Викиманија 2026 оваа година се одржа по 21. пат во Париз, Франција, обединувајќи ја меѓународната википедијанска заедница на едно место. Овој најголем годишен собир на википедијанци се одржа во периодот од 21 до 25 јули 2026 година, а на него присуствуваа над 1.200 учесници од различни делови на светот. Во текот на неколкудневната програма, учесниците имаа можност да разменат знаења, искуства и идеи, да воспостават нови соработки и да разговараат за идниот развој на Википедија и останатите проекти на Викимедија.

Македонскиот тим, составен од Кирил Симеоновски, Тони Ристовски и Јован Тасевски, беше дел од овој значаен меѓународен настан. Покрај учеството во бројните предавања, работилници и дискусии, тимот имаше можност да ги претстави искуствата од Македонија и достигнувањата на македонската википедијанска заедница. Присуството на Викиманија беше и одлична можност за запознавање со успешни практики од други земји, размена на идеи со претставници на различни википедијански заедници и воспоставување контакти кои можат да придонесат за идни соработки и проекти.

Овогодишното издание на Викиманија беше во знакот на 25-годишнината од создавањето на Википедија, значаен јубилеј кој послужи како повод за осврт кон развојот на најголемата слободна енциклопедија во светот. Во изминатите две и пол децении, Википедија прерасна во глобален проект создаван и одржуван од огромен број доброволци, со милиони статии на стотици јазици. Јубилејот истовремено беше можност за одбележување на досегашните постигнувања, но и за разговор за современите предизвици со кои се соочуваат слободното знаење и википедијанското движење во дигиталниот свет.

Под мотото „слобода, еднаквост и веродостојност“, Викиманија понуди разновидна програма составена од предавања, презентации, панел-дискусии, работилници и други активности. Темите опфаќаа повеќе области од работата на Википедијанското движење – од образовните и ГЛАМ-програмите, преку развојот и примената на нови технологии, па сè до активностите насочени кон развојот и зајакнувањето на заедницата. Посебно внимание беше посветено на размената на добри практики и искуства меѓу учесниците, со што се создаде простор за учење едни од други и развивање нови идеи за идни активности.

Со комбинација од физичко присуство во импресивниот простор во Париз и виртуелно учество преку современи дигитални платформи, настанот овозможи поголема достапност и инклузивност. На тој начин, покрај учесниците кои отпатуваа во француската престолнина, дел од програмата можеа да ја следат и голем број членови на заедницата кои не беа во можност физички да присуствуваат. Овој хибриден пристап дополнително ја нагласи глобалната природа на Викиманија и стремежот знаењето, искуствата и дискусиите да бидат достапни за што поголем број луѓе.

Значаен дел од учеството на македонскиот тим беше и презентацијата посветена на искуствата од активностите на отворено, односно организирањетото викиекспедиции во Македонија. Преку неа беа претставени практичните искуства стекнати низ повеќегодишната работа на терен, како и пристапите што се користат при планирањето, организирањето и спроведувањето на ваквите активности. Презентацијата беше поделена во три главни дела, овозможувајќи систематски приказ на целиот процес – од почетната идеја и подготовките до создавањето и објавувањето слободни содржини.

Првиот дел претставуваше вовед во активностите на отворено, при што беа разгледани нивните предности и недостатоци, како и потребата од одржливо планирање. Беше истакната важноста на теренската работа за документирање места и културно, историско и природно наследство кои се недоволно застапени на Википедија и на Ризницата.

Вториот дел ги опфати шесте чекори за истражување и планирање на експедициите, од поставување цели и планирање ресурси, до реализација на теренската посета, создавање содржини и евалуација на резултатите. Преку практични примери беше истакната важноста на добрата подготовка за успешна реализација на експедициите.

Третиот дел беше посветен на фотографирањето за време на експедициите, вклучувајќи ја потребната опрема, изборот на објекти за фотографирање, правните аспекти и геотагирањето. Посебно внимание беше посветено на правилното прикачување, опишување и категоризирање на фотографиите на Ризницата за нивно полесно користење во проектите на Викимедија.

Претставувањето на овие искуства пред меѓународната заедница беше можност македонскиот тим да покаже како активностите на терен можат директно да придонесат кон документирањето на локалното наследство и создавањето слободни содржини. Воедно, разговорите со останатите учесници овозможија размена на различни пристапи и идеи кои во иднина можат да бидат применети и во активностите во Македонија.

Покрај официјалната програма, Викиманија традиционално претставува и простор за непосредно поврзување на луѓето кои стојат зад Википедија. Средбите со уредници, организатори, програмери и претставници на организации од различни земји овозможија создавање нови контакти, продлабочување на постојните соработки и размена на искуства за предизвиците со кои се соочуваат локалните заедници.

Викиманија 2026 заврши со порака за зајакнување на отпорноста и поврзаноста на заедницата, развој на нови алатки и начини за соработка и продолжување на заедничката мисија за создавање и споделување слободно знаење. Средбата во Париз уште еднаш покажа дека силата на википедијанското движење лежи во неговата разновидна и посветена глобална заедница. По 25 години од создавањето на Википедија, нејзината основна идеја останува непроменета – независното, проверливото и слободно знаење да биде достапно за секого.

Резултати од уредувачките денови и викенди за август 2026

Во текот на август 2026 година продолжија активностите во рамките на уредувачките денови и викенди, кои претставуваат можност за уредниците редовно да се вклучуваат во создавањето и подобрувањето на содржините на Википедија на македонски јазик. Преку овие активности се обработуваат најразлични теми и се создаваат нови енциклопедиски содржини достапни за сите читатели.

Иако август е месец на летни одмори, патувања и одмор од секојдневните обврски, уредувачката активност на Википедија продолжи и во текот на овој период. Учесниците одвоија дел од своето слободно време за пишување нови статии, но и за дополнување и подобрување на веќе постојните содржини.

На тој начин, уредувачките денови и викенди продолжија да ја исполнуваат својата цел – да поттикнуваат континуирано учество на заедницата и да придонесуваат кон зголемување на обемот и квалитетот на слободното знаење на македонски јазик.

Како резултат на заедничкиот ангажман, резултатите за август 2026 година се следниве:

  • Учествуваа вкупно 4 уредници;
  • Беа напишани 35 нови статии, а подобрени 3 постојни статии.

И овој месец беше доделена награда за најактивен уредник.

Добитник на наградата за август е:

Им благодариме на сите уредници кои и покрај летниот период одвоија време, знаење и ентузијазам и дадоа свој придонес кон Википедија на македонски јазик. Нивната активност уште еднаш покажува дека создавањето и споделувањето слободно знаење не познава сезона и дека секој придонес е важен за понатамошното збогатување на енциклопедијата.

Со новите и подобрените статии, Википедија на македонски јазик продолжува да расте и да станува побогат извор на слободно и достапно знаење за сите.

Фотографски натпревар „Вики ги сака спомениците 2026“ – да го промовираме културното наследство на Македонија на Википедија

Културното наследство е сведоштво за историјата, традицијата и развојот на едно општество, а неговото документирање е важен чекор кон негово зачувување и поголема достапност за јавноста. Токму преку фотографијата, значајните споменици и заштитени објекти можат да бидат претставени пред пошироката јавност и да станат дел од слободното знаење достапно за сите.

Па со таа цел започнува „Вики ги сака спомениците 2026“, фотографски натпревар кој се одржува од 1 до 30 септември 2026 година. Целта на овој натпревар е да се обезбедат слободни фотографии на спомениците и заштитените објекти, односно културното наследство во Македонија.

Натпреварот во меѓународни рамки првпат бил организиран во 2010 година од страна на Википедија на холандски јазик, додека на Википедија на македонски јазик биле организирани изданијата во 2014, 2015 и 2021 година.

Правила за учество

Учесниците – ќе можат своите фотографии да ги прикачуваат на Ризницата на Викимедија (Wikimedia Commons) под лиценца за слободна документација (Криејтив Комонс,4.0). На тој начин, нивните дела ќе бидат достапни за целата заедница и ќе придонесат кон збогатување на слободното знаење.

Авторот на фотографијата мора да биде самиот учесник, или да ги има стекнато авторските права врз делото.
За учество е потребна пријава преку пополнување на официјалниот образец за учество.

Фотографијата мора да го прикажува објектот или дел/делови од објектите што претставуваат културно наследство на Македонија. Погледајте го издвоениот список на Списокот на објектите прогласени за споменици на културата (заштитени објекти). Напомена: Само фотографии од спомениците кои се наведени во списокот се сметаат за важечки.

Награди

Најуспешните фотографи според оценката на стручно жири ќе бидат наградени со ваучери од Pix+, и тоа:

  • Една прва награда за најдобро оценета фотографија – денарска противвредност од бруто 400 евра
  • Една втора награда за втора најдобро оценета фотографија – денарска противвредност од бруто 200 евра
  • Една трета награда за трета најдобро оценета фотографија – денарска противвредност од бруто 100 евра
  • Една посебна награда за најмногу различни фотографирани објекти од посебниот список – денарска противвредност од бруто 300 евра

За учесникот да ја добие посебната награда за најмногу фотографирани различни споменици, потребно е да бидат фотографирани најмалку 25 различни објекти од издвоениот список на културно наследство на Македонија, односно споменици кои немаат фотографија на Википедија.

Со учеството во „Вики ги сака спомениците 2026“, секоја фотографија станува повеќе од запис од едно место – таа придонесува кон создавање трајна и слободно достапна визуелна документација за културното наследство на Македонија. Натпреварот е можност љубителите на фотографијата да ги откријат и документираат спомениците низ земјата, а истовремено да помогнат тие да бидат подобро претставени на Википедија и на Ризницата на Викимедија.

Пријавете се, фотографирајте го културното наследство и придонесете неговите приказни да останат достапни за идните генерации!

Низ селата на Прилепското Поле – трета Викиекспедиција за 2026 година

Викиекспедициите претставуваат теренски активности преку кои волонтерите придонесуваат кон збогатување на слободните содржини на Википедија и останатите проекти на Викимедија. Преку посети на населени места, културно-историски знаменитости, верски објекти, природни локалитети и други значајни места се создава фотографска документација и се собираат податоци кои понатаму се користат за подобрување на статиите на Википедија.

Третата Викиекспедиција во 2026 година се одржа од 7 до 9 август 2026 година во Прилепското Поле, со цел да се посетат преостанатите недокументирани села во околината на Прилеп, како и дел од селата во општините Кривогаштани и Долнени.

Прв ден

Првиот ден беше посветен на поголем број села во јужниот и рамничарскиот дел на Прилепското Поле. Теренската работа започна во Лопатица, каде беа фотографирани училиштето и црквата „Св. Никола“, а продолжи во Подмол, со документирање на училиштето, црквата „Св. Димитриј“ и археолошкото наоѓалиште Старо Бонче од воздух.

Следуваа Марул и Канатларци, каде беа фотографирани повеќе верски и јавни објекти, меѓу кои цркви, џамија, теќиња, училиште и здравствена амбуланта. Во Ерековци и Тополчани беа документирани цркви, училишта и други објекти, а особено интересна беше посетата на некогашната кино-сала во Тополчани, која денес е оставена да пропаѓа.

Остатоци од градба во Марул

Експедицијата продолжи кон Тројкрсти и Чепигово, при што беше фотографиран и античкиот град Стибера. Во Веселчани и Загорани, покрај црквите и манастирите, беа направени и воздушни фотографии со дрон, меѓу кои и фотографии од железничката станица Бакарно Гумно.

Во продолжение беа посетени Алинци, Шелеверци и Мало Рувци, каде беа документирани верски објекти, училишта и самите населени места. Првиот ден заврши со посета на Беровци, Галичани и Кадино Село, со фотографирање на цркви, училишта, градинка, железничка станица и други локални објекти.

Поглед на црквата „Вознесение Христово“ во Мало Рувци

Втор ден

Вториот ден започна со посета на Селце, вклучувајќи го новиот Селечки манастир „Покров на Пресвета Богородица“, училиштето, селската црква и стариот манастир.

Потоа беа посетени Волково и Прилепец, каде беа фотографирани цркви, поранешното училиште, археолошки локалитети и околните езера. Со дрон беа направени и пошироки фотографии од пределот, а беше посетен и манастирот „Св. Никола“ над Прилепец.

Во Леништа беа документирани параклисот и манастирот „Св. Петка“, како и споменикот посветен на загинатите кај Карпалак. Патувањето продолжи кон Ореовец и Крстец, каде особено впечатливи беа фреските во селската црква во Крстец.

Внатрешноста на црквата „Св. Петка“ во Леништа

Во завршниот дел од експедицијата беше посетено Прилепското Езеро, на чие дно некогаш се наоѓало селото Пештерица, како и околината на Стар и Нов Присад. По добиена дозвола за премин низ рудникот „Сивец“, членовите стигнаа до Стар Присад и ја документираа зачуваната црква „Св. Атанасиј“, околните езера и рудникот. Беа посетени и манастирот „Св. Ѓорѓи“ и изгорениот планинарски дом „Дервен“.

Последна точка беше Дабница, каде беа фотографирани селската црква и споменикот во селото. На патот беше документиран и впечатливиот споменик посветен на стреланите мештани од Дабница во Втората светска војна, кој денес, за жал, се наоѓа во непосредна близина на депонија и е затрупан со отпад.

Исход

Со оваа Викиекспедиција беше опфатен значаен дел од преостанатите недокументирани населени места во Прилепското Поле. Во текот на теренската работа беа фотографирани 24 нови села и едно историско село, заедно со голем број цркви, манастири, училишта, археолошки наоѓалишта, споменици и други значајни објекти.

Екипата помина повеќе од 500 километри, создавајќи нов фотографски материјал кој ќе придонесе за подобро илустрирање и документирање на Прилепскиот регион на Википедија и другите проекти на Викимедија.

Третата Викиекспедиција за 2026 година со тоа успешно ја продолжи мисијата на проектот – теренски да се документираат помалку познатите и недоволно застапени места низ Македонија и нивното културно, историско и природно наследство да стане достапно за сите.

Фотографкиот материјал од викиекспедицијата може да го погледнете на следнава врска.

Резултати за уредувачки денови и викенди за јули 2026 година

Во текот на јули 2026 година продолжија активностите во рамките на уредувачките денови и викенди, кои претставуваат значаен дел од заложбите за континуирано збогатување и унапредување на содржините на Википедија на македонски јазик. Овие активности им овозможуваат на уредниците да се посветат на различни тематски области, да создаваат нови статии, но и да ги дополнуваат и подобруваат веќе постоечките содржини.

Па така, учесниците активно работеа на збогатување на енциклопедиската содржина. Преку заедничката работа и редовното учество, овие активности придонесуваат не само кон зголемување на бројот на статии, туку и кон подобрување на нивниот квалитет, опфат и достапност за читателите.

Благодарение на посветеноста, ентузијазмот и континуираниот придонес на учесниците, овие активности уште еднаш ја потврдуваат виталноста и активноста на македонската википедијанска заедница. Особено значајно е што преку ваквите активности се поттикнува редовното уредување, се отвора простор за обработка на нови теми и се придонесува кон создавање посеопфатна енциклопедија на македонски јазик.

Како резултат на заедничкиот ангажман, резултатите за јули 2026 година се следниве:

  • Учествуваа вкупно 4 уредници;
  • Беа напишани 47 нови статии, а подобрени 4 постојни статии.

И овој месец беше доделена награда за најактивен уредник. Добитник на наградата за јули е:

Со успешно завршените јулски уредувачки активности продолжува континуитетот на заедничко создавање и подобрување на слободното знаење на македонски јазик. Секоја новосоздадена или подобрена статија претставува дополнителен придонес кон зголемување на обемот и квалитетот на Википедија на македонски јазик, а истовремено и кон поголема достапност на проверливи и корисни информации за пошироката јавност.

Им благодариме на сите уредници кои одвоија време, знаење и ентузијазам и дадоа свој придонес во текот на јули. Со нови теми, нови предизвици и уште повеќе содржини, уредувачките денови и викенди продолжуваат и во следните месеци.

Реализирана втората Викиекспедиција за 2026 година – низ долината на Црна Река

Викиекспедиции е проект чија цел е теренско истражување, фотографирање и документирање на населени места, природни предели, културно-историски знаменитости и други значајни објекти низ Македонија. Преку организирани експедиции се посетуваат различни региони и населени места, со посебен акцент на оние за кои недостигаат фотографии и други слободно достапни содржини.

За време на експедициите се фотографираат села, цркви, манастири, училишта, споменици, традиционални градби, природни знаменитости и други објекти од локално значење. Се користат и дронски фотографии за подобро документирање на населените места и нивната околина. Создадените материјали се објавуваат на проектите на Викимедија и придонесуваат кон збогатување и подобрување на содржините на Википедија.

Втората викиекспедиција за 2026 година беше насочена кон областа Железник и пошироката околина на Демир Хисар. Овој крај беше посетен и во рамките на претходните активности на Викиекспедиции, но дел од селата сè уште немаа соодветна фотодокументација, додека некои населени места воопшто не беа посетени. Оваа викиекспедиција беше реализирана од 10 до 12 јули 2026 година.

Главната цел на експедицијата беше да се надополнат постојните фотографии, да се документираат досега непосетени села и да се создадат нови фотографии од верски, историски и јавни објекти. Како база за дводневните теренски активности беше избрано Крушево, од каде екипата се упатуваше кон различни делови на Демирхисарско.

Прв ден

Првиот ден започна со посета на Журче, каде беа фотографирани селските цркви „Св. Илија“ и „Успение на Пресвета Богородица“, училиштето, задружниот дом, споменикот и други делови од селото. Беше направена и дронска фотографија со која селото беше документирано од воздух.

Патувањето продолжи кон Сладуево, Белче и Граиште. Во овие села беа направени нови фотографии од црквите, училиштата и самите населени места. Во Граиште беа посетени црквата „Св. Леонтиј“ и манастирската црква „Св. Тома“, а со дрон беше фотографирана и тврдината Градиште над селото.

Манастирската црква „Св. Тома“ во Граиште

Следуваа Бараково, Единаковци и Света, каде беа документирани повеќе верски и историски објекти, меѓу кои цркви, споменици, стар млин и некогашни воени гробишта. Од воздух беше фотографирана и местоположбата на историското село Метимирци.

Експедицијата потоа продолжи низ Вардино, Кутретино и Суводол. Покрај селските цркви и училиштата, беа фотографирани манастирски комплекси и џамијата во Суводол. Дронските снимки овозможија дополнително документирање на селата и нивната непосредна околина.

Во продолжение беа посетени Стругово и Загориче, а од воздух беа фотографирани и Утово, историското село Крагуево, како и повеќе објекти во околината. Во Обедник беа направени нови фотографии од црквата, џамијата и училиштето.

Една од последните станици во текот на денот беше Смилево, каде беа посетени манастирот „Св. Петар и Павле“, селските цркви и повеќе споменици. Бидејќи музејот и Спомен-паркот на Даме Груев веќе имаа квалитетна фотодокументација, вниманието беше насочено кон објектите за кои недостигаа фотографии.

Гнездо со штрк во Света

Првиот ден заврши со посета на манастирот кај Лесково. Оттаму, со помош на дрон беше документирана и местоположбата на напуштеното село, до кое денес пристапот е значително отежнат.

Втор ден

Вториот ден започна со патување од Крушево кон Демир Хисар. Најпрвин со дрон беше фотографирано историското село Мургашево, кое денес е целосно споено со градот Демир Хисар.

Потоа екипата се упати кон Слепче, со попатна посета на историското село Добромирово, каде денес е зачуван манастир. Во Слепче беа посетени и фотографирани манастирот, селската црква и училиштето.

Следуваа Суво Грло и Сопотница. Во Суво Грло беа документирани верските објекти, додека во Сопотница, како некогашно општинско средиште, имаше поголем број значајни објекти за фотографирање. Меѓу нив беше и зачуваната железничка станица, некогашна крајна станица на железничката линија Бакарно Гумно – Сопотница.

Летен пејзаж кај Жван

Од Сопотница патувањето продолжи кон Радово, село со голем број стари камени куќи, од кои многу денес се во лоша состојба. И покрај отежнатиот пристап и густата вегетација, беше документирана и селската црква.

Во Жван повторно беа фотографирани селските цркви, но и двата манастира во неговата околина. Поради времето и условите на теренот, првичниот план беше приспособен, а последниот дел од експедицијата беше посветен на Боиште и Церово, две села кои претходно не биле посетени во рамките на проектот.

Во Боиште беа фотографирани селските цркви, училиштето и други објекти, додека во Церово беше документирана селската црква и самото населено место. Со ова беше заокружена дводневната теренска работа во областа.

Резултати

Втората експедиција во Долината на Црна Река овозможи значително дополнување на фотодокументацијата за Демирхисарско. Во текот на двата дена беа посетени голем број населени места и беа создадени фотографии од села, цркви, манастири, училишта, споменици, историски локалитети и други значајни објекти.

Како непосреден резултат беа фотографирани 10 нови села и 3 историски села, а во текот на експедицијата беа поминати повеќе од 600 километри. Новосоздадените фотографии ќе придонесат кон подобро претставување на овој дел од Македонија и збогатување на содржините на Википедија и другите проекти на Викимедија.

Фотографскиот материјал од викиекспедицијата може да го погледнете на следнава врска.

Одржана обука за наставници во ОУ „Гоце Делчев“ во Тетово

Образовната програма на Викимедија МКД е една од најзначајните програми на здружението, чија цел е да ја доближи Википедија до образовните институции и да ги поттикне наставниците и учениците активно да придонесуваат кон создавање и подобрување на слободното знаење на македонски јазик. Преку организирање семинари, конференции, работилници и практични обуки, наставниот кадар добива можност да се запознае со начинот на функционирање на Википедија, правилата за уредување и придобивките од интегрирањето на Википедија во наставниот процес.

Па така, како продолжение на конференцијата за наставници што се одржа во мај, на 7 јули 2026 година во основното училиште „Гоце Делчев“ во Тетово беше реализирана практична обука за наставниците. Целта на оваа активност беше учесниците стекнатото теоретско знаење од конференцијата да го применат во пракса преку непосредна работа на Википедија, со поддршка од обучувачите на Викимедија МКД.

За време на обуката наставниците детално се запознаа со процесот на создавање нови статии, уредување и проширување на постоечки содржини, поставувањето внатрешни врски, категоризацијата на статиите, како и со основните принципи што ја прават Википедија сигурен и проверлив извор на информации. Преку практични примери и индивидуална работа, секој учесник имаше можност да ги примени стекнатите знаења и активно да придонесе кон збогатувањето на Википедија на македонски јазик.

На обуката учествуваа 12 наставници, кои во текот на активноста создадоа вкупно 19 статии. Напишаните статии претставуваат значаен придонес кон проширувањето на слободното знаење достапно за сите читатели на Википедија. Воедно, наставниците покажаа голем интерес за понатамошно вклучување во активностите на Викимедија МКД и за примена на стекнатите знаења во работата со своите ученици.

Обуката помина во работна и интерактивна атмосфера, при што учесниците поставуваа прашања, разменуваа искуства и дискутираа за можностите Википедија да се користи како дополнителна образовна алатка во наставата. Со ваквите активности се зајакнува соработката помеѓу Викимедија МКД и образовните институции, а наставниците стануваат дел од заедницата која активно придонесува за развојот на слободното знаење.

Викимедија МКД и во иднина ќе продолжи да организира обуки, работилници и други едукативни настани со цел да опфати што поголем број наставници, ученици и образовни институции. Преку ваквите активности се создаваат нови можности за подобрување на квалитетот и обемот на содржините на Википедија на македонски јазик, а истовремено се поттикнува развојот на дигиталната писменост и културата на споделување слободно знаење.

Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.

Резултати за уредувачки денови и викенди за јуни 2026 година

Развојот на слободната енциклопедиска содржина на македонски јазик претставува континуиран процес кој зависи од активното учество, соработка и посветеност на уредувачката заедница. Преку различни организирани активности, како уредувачки денови и викенди, се поттикнува создавање и унапредување на квалитетни содржини кои се достапни за сите корисници. Ваквите иницијативи имаат значајна улога во јакнењето на заедницата, како и во зголемувањето на обемот и квалитетот на енциклопедиските материјали. Тие претставуваат важен сегмент од пошироката мисија за слободно споделување на знаењето и негово достапно презентирање на македонски јазик.

Во текот на јуни 2026 година беа организирани повеќе уредувачки денови и викенди, во рамките на кои учесниците активно работеа на збогатување на енциклопедиската содржина. Благодарение на нивната посветеност, ентузијазам и континуиран придонес, беа остварени значајни резултати кои уште еднаш ја потврдуваат виталноста и активноста на македонската википедијанска заедница.

Како резултат на заедничкиот ангажман, резултатите за јуни 2026 година се следниве:

  • Учествуваа вкупно 7 уредници;
  • Беа напишани 61 нови статии, а подобрени 2 постојни статии.

И овој месец беше доделена награда за најактивен уредник. Добитник на наградата за јуни е:

  • P.Nedelkovski – вредносен ваучер од 2.500 денари.

Резултатите од реализираните активности за овој период претставуваат континуиран придонес кон развојот на Википедија на македонски јазик и нејзината содржина. Уредувачката заедница и понатаму активно учествува во збогатување и унапредување на енциклопедиските статии, со што се одржува постојан развој на проектот. Секој индивидуален придонес има значајна улога во градењето на слободна и достапна енциклопедија. Со ваквата посветеност се зајакнува мисијата за создавање и ширење на слободно знаење на македонски јазик.