Викимедија МКД постојано организира уредувачки маратони со цел да ја зголеми слободната содржина на македонски јазик. Со различни теми, но со иста цел, уредувачките натпревари и маратони даваат и различни можности за добивање награди на учесниците кои се пројавиле. Овој пат, Викимедија МКД организира уредувачка седмица на тема „Право на домување“. Потфатот е дел од меѓународната иницијатива „Вики за човековите права 2024“.
Уредувачка седмица „Право на домување” се одржува од 3 јуни 2024 година и завршува на 9 јуни 2024 година. Сите статии треба да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии треба да бидат напишани на енциклопедиски стил и да бидат поткрепени со соодветни извори. При уредување на натпреварот, или по завршувањето на истиот, сите учесници треба да си го запишат своето корисничко име на проектната страница, заедно со статиите кои ги напишале. Покрај пишувањето на нови статии, учесниците имаат можност и значајно да надополнат некоја постоечка статија.
Во натпреварот имаат можност да учествуваат сите регистрирани корисници на Википедија на македонски јазик, а за најдобрите учесници се обезбедени награди.
Награди ќе им бидат доделени на тројцата најплодотворни учесници во облик на вредносни купони, и тоа:
- Прва награда: купон во вредност од 4.000 денари.
- Втора награда: купон во вредност од 3.000 денари.
- Трета награда: купон во вредност од 2.000 денари.
За да се освои било која награда, потребно е да се создадат или подобрат најмалку 20 статии!
Се надеваме дека оваа иницијатива не само што ќе ја збогати Википедија на македонски јазик, туку и ќе ја зголеми свеста за човековите права со особено осврнување кон правото на сопствен дом!