Образовната програма на Викимедија МКД претставува важен мост меѓу формалното образование и слободното знаење. Преку Вики клубовите во училиштата ширум државата, учениците добиваат можност активно да учествуваат во создавање и споделување квалитетни, проверени и слободно достапни информации на македонски јазик. Овие клубови не се само место за учење на технички вештини, туку и простор за развој на критичко размислување, дигитална писменост, одговорност и тимска работа.
Еден од ваквите успешни примери е Вики клубот во Штип, кој со посветеност и ентузијазам веќе неколку години го води професорката Љиљана Манова. Преку нејзината работа, учениците се охрабруваат да станат активни создавачи на знаење и свесни учесници во дигиталното општество.
ВМ МКД: Колку години го водите Вики клубот во вашето училиште и што ве мотивираше да започнете со овој проект?
Љиљана Манова: Вики клубот во нашето училиште успешно го водам веќе четири години, односно од 2021 година до денес. Основниот мотив беше мојата желба да им помогнам на учениците да станат активни создавачи на знаење, а не само негови корисници. Дополнителна мотивација ми беше и личното задоволство – чувството кога ќе видите како учениците напредуваат, стануваат посигурни, пољубопитни и посвесни за својата улога во дигиталниот свет.
ВМ МКД: Кои се најголемите придобивки што ги гледате од водењето на Вики клубот?
Љиљана Манова: Придобивките од водењето на Вики клубот се навистина многубројни, како за учениците, така и за мене како ментор. Клубот претставува средина во која сите учиме, растеме и се развиваме заедно.
ВМ МКД: Какво влијание сметате дека Вики клубот има врз учениците?
Љиљана Манова: Преку активностите во Вики клубот, учениците учат како да истражуваат, да проверуваат информации и да создаваат статии кои се јавно достапни и корисни за пошироката јавност. Кај нив се развиваат вештините за писмено изразување, се јакне самодовербата и мотивацијата, како и чувството дека нивниот труд има вистинско значење.
Од друга страна, за мене како ментор, ова искуство значи унапредување на моите менторски и организациски вештини, како и големо лично задоволство од придонесот кон образованието и заедницата. Накратко, водењето на Вики клубот претставува инвестирање во знаењето, вредностите и иднината на учениците, но и во сопствениот професионален развој.
Вики клубот создава самостојни, одговорни и ангажирани млади луѓе, подготвени за предизвиците на дигиталното општество. Тоа вклучува развој на социјалните вештини, јакнење на дигиталната писменост, како и унапредување на правописот и јазичното изразување.
ВМ МКД: Кои се вашите идни планови за Вики клубот?
Љиљана Манова: Моите идни планови се насочени кон мотивирање и вклучување на поголем број ученици, со цел Вики клубот да прерасне во уште поширок простор за учење, соработка и отворена средина достапна за сите.
ВМ МКД: Што би им препорачале на наставниците кои размислуваат да се вклучат во водење на Вики клуб?
Љиљана Манова: На наставниците кои размислуваат да се вклучат во водење на Вики клуб би им препорачала со ентузијазам да го прифатат ова искуство и да ги поврзат вики-активностите со наставните содржини. Вики клубот не е само воннаставна активност, туку моќна алатка која ги подготвува учениците за современиот дигитален свет.
Истражете го светот на волонтерството и создавањето на слободни содржини за целата поширока македонска јавност. Приклучете се во активностите на Викимедија МКД и запознајте се со сосема нов академско-образовен свет. Доколку сте заинтересирани контактирајте нè на тел број: 078 455 549 или на obrazovanie@wikimedia.mk