Одржана конференција за наставници во ООУ „Браќа Миладиновци“ во Миладиновци, Скопје

Викимедија претставува глобално движење посветено на создавање, споделување и слободен пристап до знаење за сите. Преку своите проекти, како што се Википедија, Викимедија Ризница, Википодатоци и други сестрински проекти, Викимедија нуди богати и проверливи образовни ресурси кои можат успешно да се користат како наставно средство во формалното и неформалното образование. Овие платформи овозможуваат наставниците и учениците активно да учествуваат во создавањето на содржини, да развиваат дигитална писменост и критичко размислување, како и да ја поттикнуваат културата на слободно знаење.

Интеграцијата на проектите на Викимедија во наставниот процес придонесува кон унапредување на наставата, поголема ангажираност на учениците и користење на современи дигитални алатки во согласност со образовните потреби на денешното општество. Преку образовните програми на Викимедија МКД, наставниците добиваат поддршка, обуки и ресурси за практична примена на слободните образовни содржини во својата секојдневна работа.

На 16 декември 2025 година, во ООУ „Браќа Миладиновци“ во село Миладиновци, Скопје, се одржа конференција за наставници, на која присуствуваа  27 професори од училиштето. Конференцијата беше организирана со цел да се претстават можностите што ги нуди Википедија во образованието, како и да се поттикне соработката помеѓу наставниците и Викимедија МКД.

Конференцијата започна во 12 часот во просториите на училиштето. На почетокот се обрати Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма, која ги претстави образовните активности, програмите и можностите за вклучување на наставниците. Снежана Штрковска, извршен директор на Викимедија МКД, одржа предавање за мисијата и визијата на организацијата и нејзината улога во унапредувањето на образованието, како и  за самата енциклопедија, како функционира Википедија, кои се придобивките од употребата на Википедија како наставно средство и како правилно да се користи Википедија како информативен извор за точни и потврдени информации.  На конференцијата се обрати и Ана Вишинова, ГЛАМ координатор, која се осврна на значењето на соработката со културни и образовни институции и на потенцијалот на ГЛАМ програмата.

Во текот на конференцијата беа презентирани конкретни примери на користење на Википедија и другите проекти на Викимедија во наставата, како и успешни практики од образовниот процес. Наставниците имаа можност да поставуваат прашања, да дискутираат за предизвиците со кои се соочуваат во наставата и да разменат идеи за понатамошна соработка и примена на слободните образовни ресурси.

Ваквите активности ја потврдуваат важноста на Википедија како релевантен и доверлив ресурс во образованието. Примената на слободните образовни содржини во наставниот процес придонесува кон развој на дигитални вештини кај учениците, како и кон унапредување на наставната практика. Викимедија МКД продолжува да гради партнерства со образовните институции и наставниот кадар, со цел поттикнување на отворено, квалитетно и достапно знаење за сите.

Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.