Кампањата #1Lib1Ref 2024 која и оваа година Викимедија МКД ја организира за корисниците и уредниците на Википедија на македонски јазик се покажа како уште еден успешно завршен проект. Корисниците на Википедија кои се јавија на овој повик и кои активно учествуваа во овој уредувачки натпревар значително ја подобрија цитираноста на Википедија, а со тоа и веродостојноста на содржината на енциклопедијата.
Учесниците активно внесуваа наводи и извори во статии кои немаат наводи или има употреба на недоволен број наводи и цитирани извори. Натпреварот траеше од 15 јануари 2024 година и заврши на 5 февруари 2024 година.
Во овој повик на Викимедија МКД учествуваа вкупно 7 корисници, беа внесени 4248 наводи и беа збогатени 999 статии на Википедија на македонски јазик. Натпреварот предвидуваше награди на месно и на меѓународно ниво. По разгледувањето на резултатите по завршниот ден, се добија следните резултати, односно добитници на награди на месно ниво:
- Месни награди:
- Прва награда: купон во вредност од 6.000 македонски денари – Dentedeleone со 2229 додадени наводи,
- Втора награда: купон во вредност од 4.000 македонски денари – Тиверополник со 1444 додадени наводи,
- Трета награда: купон во вредност од 2.000 македонски денари – Bojan9Spasovski со 297 додадени наводи.
Честитки за неуморните корисници кои беа дел од овој повик и освоија награда!