Конференција за наставници во Кочани – прва во овој македонски град!

На 15 март 2024 година Викимедија МКД ја одржа првата конференција за наставници во Кочани. Оваа конференција се одржа во основното училиште „Никола Карев“, каде функционира и Вики Клуб Кочани предводен од координаторот Љупка Стојменова. Оваа конференција беше посетена од 21 учесник.

Конференцијата започна во 11 часот во просториите на училиштето. Самата конференција беше составена од два дела, предавања и практична работа или обука на Википедија.

Конференцијата ја започна Снежана Штрковска, која одржа говор пред учесниците на конференција. Штрковска ги запозна учесниците за самата организација, целите на Викимедија МКД, како и со основните цели и задачи на Движењето Викимедија. Покрај тоа, учесниците се запонаа и со идеите за креирање и споделување на слободни содржини достапни за сите, првенствено преку користењето на проектите на Викимедија. По обраќањето на Штрковска, следеше предавање на координаторот на Вики Клуб Велес – Лили Арсова. Арсова ги започна учесниците за работата и достигнувањето на Вики Клуб Велес. Дополнително, Арсова претстави каков вид на проекти сработил Вики Клубот и потенцијалот на Википедија за употреба во образованието. Кон крајот на првиот дел од конференцијата говор одржа и координаторот на Вики Клуб Кочани, Љупка Стојменова, која се осврна на нејзините искуства и видувања за Викимедија МКД и нејзината работа.

По паузата за освежување, следеше вториот дел од конференцијата. Овој дел всушност беше обука и начелно уредување на Википедија како еден од најголемите проекти на Викимедија. Учесниците, потпомогнати од организаторите, беа обучени и упатени како успешно да создадат корисничка сметка на Википедија. Дополнително, баа запознаени со основните принципи и начела на уредување на Википедија и беа запознани со начинот на започнување, уредување и објавување нови содржини. Учесниците успешно објавија 14 нови содржини до крајот на конференцијата, што е голем успех и збогатување за самата Википедија.

Ви прикажуваме дел од настанот преку нашите фотографски записи кои можат да се видат и на нашата Заедничка ризница.