Ќе присуствувате на концерт, изложба или фестивал? Имате желба да споделите фотографии од настанот за едукативни и информативни цели? Тогаш проектот „Фотолов“ е токму за вас!
„Фотолов 2025“ е иницијатива наменета за поединци и групи кои сакаат да посетат некој настан или локација, со цел да создадат и објават фотографии под лиценца за слободна документација. Овие содржини ќе бидат достапни за користење на проектите на Викимедија, особено во статиите на Википедија на македонски јазик. Важно е фотографиите да имаат точни описи и да бидат употребливи за енциклопедиски цели.
Секој кој е заинтересиран да спроведе фотолов потребно е да поднесе предлог во полето „Назив на предлогот“ или со пополнување на следниот Формулар за пријавување. Предложувачот треба јасно да ги претстави своите планови, образложувајќи кој настан ќе го фотографира, со кое превозно средство ќе патува (доколку е ова важно), колку време ќе трае потфатот (дали е еднодневен и неколкучасовен настан или трае повеќе дена), колку членови ќе учествуваат во екипата (ако ги има) и колкави се проценетите трошоци. Заинтересираниот поединец или група ќе треба да ја најави својата намера за одење на фотолов најмалку 7 дена пред тргнувањето. Врз основа на содржината на барањето, заедницата ќе донесе одлука за тоа дали предлогот треба да биде одобрен. Сите фотографски материјали под лиценца за слободна документација да бидат подигнати на Заедничката ризница.
Право на надомест за направените трошоци за време на фотоловот има секој предлагач на фотолов одобрен од страна на заедницата на Википедија на македонски јазик. Трошоците што подлежат на надомест вклучуваат: патни трошоци, трошоци за локален превоз, трошоци за храна и пијалаци доколку е настан што трае повеќе дена, и трошоци за влезници, сето ова во висина до 4.000 денари, под услов да има подигнато најмалку 30 фотографски записи и да се приложат соодветни докази за трошоци.
Преку „Фотолов“, Викимедија МКД ви нуди можност да уживате во фотографирање на културни и јавни настани, додека истовремено придонесувате за слободното знаење!