Викимедија МКД одржа обука за ученици од СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“ – Скопје

Викимедија МКД продолжува со својата мисија за едукација и ангажирање на младите преку иновативната образовна програма. Главен фокус на програмата се младите генерации, со цел да се поттикне нивната љубов кон знаењето и слободната енциклопедија, Википедија. Исто така со обуките за ученици, Викимедија МКД има за цел да ги инспирира младите генерации да го прифатат концептот на слободно знаење и да станат активни учесници во создавањето на содржини достапни за сите.

На 26 февруари 2025 година во просториите на Викимедија МКД во МКЦ беше одржана уште една успешна обука за ученици. На обуката учествуваа 11 ученици од  СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“ под раководство на координаторката Лилјана Стојковска.

Првиот дел од настанот говор одржа Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма на Викимедија МКД  која ги запозна учениците за самата енциклопедија, како функционира Википедија,  како правилно да се користи Википедија како информативен извор за точни и потврдени информации, најчестите грешки што се прават при уредувањето и исто така ги презентираше основните принципи на Википедија.

По предавањето следуваше заедничко уредување на тема Запознајте ја Словенија , која е тема на моменталниот уредувачки маратон за членовите на Вики Клубовите во Македонија, што се одржува од 1 февруари 2025 до 28 февруари 2025, а е во организација на Здружението Викимедија МКД во соработка со Словенечкиот центар – Скопје, поддржан од Амбасадата на Словенија во Скопје.

 

Учесниците, потпомогнати од организаторите, уредуваа, подобруваа и објавуваа статии на Википедија на македонски јазик. Вкупно беа напишани 21 статија.

Преку фотографскиот материјал ви прикажуваме дел од атмосферата на овој настан.