На 20 февруари 2026 година, во просториите на Викимедија МКД, сместени во Младински културен центар (МКЦ) во Скопје, се одржа обука за уредување на Википедија наменета за ученици од СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“. Настанот беше реализиран како дел од образовните активности на Викимедија МКД насочени кон вклучување на младите во создавањето слободна енциклопедиска содржина на македонски јазик.
На обуката учествуваа 5 ученици, под менторство на професорката Ирена Трајковска Стерјовска, кои покажаа интерес за стекнување практични знаења и вештини поврзани со уредување на Википедија. За нив ова беше прво директно запознавање со процесот на создавање статии.
Обуката беше организирана во два дела. Во првиот дел, Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма во Викимедија МКД, одржа предавање во кое ги запозна учениците со мисијата на Википедија и со улогата на волонтерите-уредници во нејзиното развивање. Таа говореше за значењето на слободното знаење, за можноста секој да придонесе со пишување и подобрување на статии, како и за начинот на кој се гради и проширува содржината на Википедија на македонски јазик. Учениците беа запознаени со техничките аспекти на уредување — отворање корисничка сметка, користење на визуелниот уредувач, поставување на наслови и поднаслови, додавање внатрешни врски и категории, како и основно средување на изгледот на статијата.

Во вториот дел од обуката следеше практична работа, која претставуваше и најдинамичниот сегмент од настанот. Учениците избраа теми што веќе постојат на англиската верзија на Википедија и започнаа со нивно преведување и прилагодување на македонски јазик. Работејќи индивидуално, но со постојана поддршка од менторката и од присутните обучувачи, тие го обликуваа текстот во енциклопедиски стил, внимаваа на јазичната точност и на соодветната терминологија. Во текот на неколкучасовната работа беа успешно напишани вкупно 5 нови статии, со што учениците директно придонесоа кон проширување на содржината на Википедија на македонски јазик.