На 9 октомври 2026 година, во просториите на Викимедија МКД во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, се одржа обука за уредување на Википедија за ученици од СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“ – Скопје. Обуката беше организирана со цел учениците да се запознаат со начинот на функционирање на Википедија, нејзиното значење како слободна енциклопедија и можностите за активно учество во создавањето и збогатувањето на содржините на македонски јазик.
Обуката беше поделена на два дела, теоретски и практичен, со што учениците имаа можност најпрво да се запознаат со основните правила за уредување, а потоа стекнатото знаење да го применат преку самостојна работа. Во првиот дел, Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма на Викимедија МКД, одржа кратко воведно предавање во кое им го претстави начинот на кој функционира Википедија и им ги објасни основните постапки за создавање и уредување енциклопедиски статии. Посебно внимание беше посветено на структурата на статиите, правилното форматирање на текстот, додавањето внатрешни врски и користењето на различните алатки за уредување.

Во вториот, практичен дел од обуката, учениците имаа можност самостојно да уредуваат на Википедија на македонски јазик. Користејќи ги стекнатите знаења од воведното предавање, тие работеа на создавање нови енциклопедиски статии, при што се запознаа со целиот процес на уредување, од подготовката и внесувањето на содржината до нејзиното соодветно обликување и објавување. Во текот на практичната работа, учениците добиваа насоки и помош за успешно да ги завршат своите статии.
Покрај стекнувањето практични вештини за уредување, обуката им овозможи на учениците подобро да го разберат значењето на заедничкото создавање и споделување знаење. Преку непосредната работа на Википедија, тие се запознаа со можностите што ги нуди оваа слободна енциклопедија и со улогата на доброволните уредници во нејзиниот развој. Активноста беше и можност учениците да ја развијат својата самостојност при работа со дигитални содржини и да се охрабрат да продолжат со уредување и по завршувањето на обуката. На обуката присуствуваше и Лилјана Стојковска, координаторка на Вики клубот во СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“, која има значајна улога во поттикнувањето на учениците да се вклучат во активностите на Википедија.
На обуката учествуваа 13 ученици, кои создадоа вкупно 23 нови статии на Википедија на македонски јазик. Преку непосредното учество во уредувањето, тие стекнаа нови дигитални вештини и практично искуство во создавањето енциклопедиски содржини. Воедно, имаа можност да се запознаат со начинот на кој секој поединец може да придонесе кон проширувањето на слободното знаење и неговата достапност за пошироката јавност.
Со организирањето вакви обуки, Викимедија МКД продолжува да ја поттикнува вклученоста на младите во уредувањето на Википедија и да ја зајакнува соработката со образовните установи. Ваквите активности претставуваат значајна можност учениците да стекнат нови знаења и вештини, но и да развијат интерес за понатамошно учество во збогатувањето на Википедија на македонски јазик. Воедно, тие придонесуваат кон создавањето нови генерации уредници кои со својата работа можат да дадат придонес во развојот на најголемата слободна енциклопедија.
Фотографскиот материјал од обуката може да го погледнете на следнава врска.