Дали те интересира светот на растенијата и науката? Дали сакаш твоето знаење да биде достапно за сите, засекогаш? Оваа пролет имаш можност да станеш дел од заедницата која ја гради најголемата енциклопедија на светот – Википедија. Придружи ни се на уредувачкиот натпревар на тема „Ботаничари со авторски кратенки“ и освои вредни награди додека учиш и споделуваш знаење.
Уредувачкиот натпревар на тема „Ботаничари со авторски кратенки“ има за цел да помогне во создавање на нови и подобрување на постоечките статии поврзани со ботаничари кои имаат свои авторски кратенки, кои се користат при научното именување на растенијата. Право на учество на натпреварот имаат сите заинтересирани корисници.
Натпреварот започнува на 20 април 2026 година и завршува на 10 мај 2026 година.
Учесниците во рамките на натпреварот треба да уредуваат статии кои недостигаат на Википедија на македонски јазик и да подобруваат веќе постоечки. Сите статии треба да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, односно во енциклопедиски стил и со наведени веродостојни извори. При уредување на натпреварот или по неговото завршување, сите учесници треба да се запишат со кои статии учествувале.
Напомена: На крајот од секоја седмица ќе биде прогласена најдобрата статија создадена во тој временски период, а не најголемиот број на создадени статии. Сепак, учесниците можат да учествуваат со повеќе квалитетни статии, со што ќе си ја зголемат можноста да добијат една од наградите.
Статиите ќе ги прегледува жири составено од тројца искусни уредувачи на Википедија. Жирито ќе ја донесе конечната одлука за победниците. На натпреварот имаат можност да учествуваат сите регистрирани корисници ученици на возраст од 15 до 18 години, на Википедија на македонски јазик, а за најдобрите учесници се обезбедени награди.
Наградите за овој натпревар се предвидени да бидат вредносни купони за книги/материјали, техничка стока или спортска опрема по избор на добитникот. На натпреварот ќе се доделат три награди за најдобрите статии по седмица, како и три награди за најдобрите уредници по завршување на трите недели. Еден учесник има можност да добие повеќе награди, на пример награда за најдобра статија по седмица, како и награда за најдобар вкупен придонес. Наградените ќе бидат прогласени по оценувањето на статиите од страна на жири-комисијата. Наградите се следниве:
- Прва седмица – Вредносен купон во вредност од 2.000 денари.
- Втора седмица – Вредносен купон во вредност од 2.000 денари.
- Трета седмица – Вредносен купон во вредност од 2.000 денари.
На крајот од трите седмици:
- Прва награда: вредносен купон во вредност од 6000 денари.
- Втора награда: вредносен купон во вредност од 4000 денари.
- Трета награда: вредносен купон во вредност од 2000 денари.
Биди дел од заедницата што го гради слободното знаење и помогни во збогатување на содржините на Википедија на македонски јазик. Преку овој натпревар ќе имаш можност да создаваш и да оставиш траен придонес кој ќе биде корисен за илјадници читатели.
Искористи ја оваа можност да го прошириш своето знаење и да придонесеш кон подобра и поквалитетна енциклопедија. Твојот придонес е важен.