Викиекспедициите претставуваат теренски активности преку кои волонтерите придонесуваат кон збогатување на слободните содржини на Википедија и останатите проекти на Викимедија. Преку посети на населени места, културно-историски знаменитости, верски објекти, природни локалитети и други значајни места се создава фотографска документација и се собираат податоци кои понатаму се користат за подобрување на статиите на Википедија.
Третата Викиекспедиција во 2026 година се одржа од 7 до 9 август 2026 година во Прилепското Поле, со цел да се посетат преостанатите недокументирани села во околината на Прилеп, како и дел од селата во општините Кривогаштани и Долнени.
Прв ден
Првиот ден беше посветен на поголем број села во јужниот и рамничарскиот дел на Прилепското Поле. Теренската работа започна во Лопатица, каде беа фотографирани училиштето и црквата „Св. Никола“, а продолжи во Подмол, со документирање на училиштето, црквата „Св. Димитриј“ и археолошкото наоѓалиште Старо Бонче од воздух.
Следуваа Марул и Канатларци, каде беа фотографирани повеќе верски и јавни објекти, меѓу кои цркви, џамија, теќиња, училиште и здравствена амбуланта. Во Ерековци и Тополчани беа документирани цркви, училишта и други објекти, а особено интересна беше посетата на некогашната кино-сала во Тополчани, која денес е оставена да пропаѓа.

Експедицијата продолжи кон Тројкрсти и Чепигово, при што беше фотографиран и античкиот град Стибера. Во Веселчани и Загорани, покрај црквите и манастирите, беа направени и воздушни фотографии со дрон, меѓу кои и фотографии од железничката станица Бакарно Гумно.
Во продолжение беа посетени Алинци, Шелеверци и Мало Рувци, каде беа документирани верски објекти, училишта и самите населени места. Првиот ден заврши со посета на Беровци, Галичани и Кадино Село, со фотографирање на цркви, училишта, градинка, железничка станица и други локални објекти.

Втор ден
Вториот ден започна со посета на Селце, вклучувајќи го новиот Селечки манастир „Покров на Пресвета Богородица“, училиштето, селската црква и стариот манастир.
Потоа беа посетени Волково и Прилепец, каде беа фотографирани цркви, поранешното училиште, археолошки локалитети и околните езера. Со дрон беа направени и пошироки фотографии од пределот, а беше посетен и манастирот „Св. Никола“ над Прилепец.
Во Леништа беа документирани параклисот и манастирот „Св. Петка“, како и споменикот посветен на загинатите кај Карпалак. Патувањето продолжи кон Ореовец и Крстец, каде особено впечатливи беа фреските во селската црква во Крстец.

Во завршниот дел од експедицијата беше посетено Прилепското Езеро, на чие дно некогаш се наоѓало селото Пештерица, како и околината на Стар и Нов Присад. По добиена дозвола за премин низ рудникот „Сивец“, членовите стигнаа до Стар Присад и ја документираа зачуваната црква „Св. Атанасиј“, околните езера и рудникот. Беа посетени и манастирот „Св. Ѓорѓи“ и изгорениот планинарски дом „Дервен“.
Последна точка беше Дабница, каде беа фотографирани селската црква и споменикот во селото. На патот беше документиран и впечатливиот споменик посветен на стреланите мештани од Дабница во Втората светска војна, кој денес, за жал, се наоѓа во непосредна близина на депонија и е затрупан со отпад.
Исход
Со оваа Викиекспедиција беше опфатен значаен дел од преостанатите недокументирани населени места во Прилепското Поле. Во текот на теренската работа беа фотографирани 24 нови села и едно историско село, заедно со голем број цркви, манастири, училишта, археолошки наоѓалишта, споменици и други значајни објекти.
Екипата помина повеќе од 500 километри, создавајќи нов фотографски материјал кој ќе придонесе за подобро илустрирање и документирање на Прилепскиот регион на Википедија и другите проекти на Викимедија.
Третата Викиекспедиција за 2026 година со тоа успешно ја продолжи мисијата на проектот – теренски да се документираат помалку познатите и недоволно застапени места низ Македонија и нивното културно, историско и природно наследство да стане достапно за сите.
Фотографкиот материјал од викиекспедицијата може да го погледнете на следнава врска.