Викимедија МКД се претстави пред студентите на УКИМ

На 1 октомври 2026 година, Викимедија МКД беше дел од свеченото одбележување на Првиот академски час на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со кој беше означен почетокот на академската 2026/2027 година и беше пречекана новата генерација студенти. Настанот се одржа во кругот на УКИМ и собра студенти, претставници на факултетите и организации кои ги претставија своите активности и можностите наменети за студентите.

Во рамките на настанот, Викимедија МКД имаше свој информативен штанд, каде што организацијата ја претставуваа Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма, и Јован Тасевски, менаџер за заедница. Тие разговараа со студентите и ги запознаа со работата на Викимедија МКД, нејзините програми и активности, како и со различните можности за вклучување во движењето на Викимедија и придонесување кон создавањето и ширењето на слободното знаење.

Посебно внимание беше посветено на програмата „Вики пракса“, која Викимедија МКД ја спроведува во соработка со Природно-математичкиот факултет (ПМФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Преку програмата, студентите од ПМФ имаат можност да ја реализираат својата задолжителна студентска пракса преку создавање и уредување статии на Википедија на македонски јазик. На студентите им беа претставени начинот на спроведување на „Вики пракса“, можностите за вклучување, како и останатите активности на Викимедија МКД преку кои можат да станат дел од заедницата и да придонесуваат кон збогатувањето на слободните содржини на македонски јазик.

Присуството на штандот овозможи директна комуникација со студентите и простор за размена на информации и идеи. Заинтересираните посетители можеа да поставуваат прашања за работата на организацијата, можностите за учество во нејзините програми и активностите преку кои можат да стекнат нови искуства. На овој начин, студентите добија подобар увид во различните форми на учество што им се достапни и во можностите активно да се вклучат во активностите на Викимедија МКД.

Учеството на Првиот академски час на УКИМ претставуваше одлична можност за доближување на работата на Викимедија МКД до студентската заедница и за воспоставување непосреден контакт со младите кои се заинтересирани за стекнување нови знаења, вештини и практично искуство. Воедно, присуството на настанот придонесе кон промовирање на можностите што Викимедија МКД им ги нуди на студентите и кон поттикнување на нивното идно вклучување во активностите на организацијата и движењето на Викимедија.