Културното наследство е сведоштво за историјата, традицијата и развојот на едно општество, а неговото документирање е важен чекор кон негово зачувување и поголема достапност за јавноста. Токму преку фотографијата, значајните споменици и заштитени објекти можат да бидат претставени пред пошироката јавност и да станат дел од слободното знаење достапно за сите.
Па со таа цел започнува „Вики ги сака спомениците 2026“, фотографски натпревар кој оваа година се одржува од 1 до 30 септември 2026 година. Целта на овој натпревар е да се обезбедат слободни фотографии на спомениците и заштитените објекти, односно културното наследство во Македонија.
Натпреварот во меѓународни рамки првпат бил организиран во 2010 година од страна на Википедија на холандски јазик, додека на Википедија на македонски јазик биле организирани изданијата во 2014, 2015 и 2021 година.
Правила за учество
Учесниците – ќе можат своите фотографии да ги прикачуваат на Ризницата на Викимедија (Wikimedia Commons) под лиценца за слободна документација (Криејтив Комонс,4.0). На тој начин, нивните дела ќе бидат достапни за целата заедница и ќе придонесат кон збогатување на слободното знаење.
Авторот на фотографијата мора да биде самиот учесник, или да ги има стекнато авторските права врз делото.
За учество е потребна пријава преку пополнување на официјалниот образец за учество.
Фотографијата мора да го прикажува објектот или дел/делови од објектите што претставуваат културно наследство на Македонија. Погледајте го издвоениот список на Списокот на објектите прогласени за споменици на културата (заштитени објекти). Напомена: Само фотографии од спомениците кои се наведени во списокот се сметаат за важечки.
-
Награди
Најуспешните фотографи според оценката на стручно жири ќе бидат наградени со ваучери од Pix+, и тоа:
- Една прва награда за најдобро оценета фотографија – денарска противвредност од бруто 400 евра
- Една втора награда за втора најдобро оценета фотографија – денарска противвредност од бруто 200 евра
- Една трета награда за трета најдобро оценета фотографија – денарска противвредност од бруто 100 евра
- Една посебна награда за најмногу различни фотографирани објекти од посебниот список – денарска противвредност од бруто 300 евра
За учесникот да ја добие посебната награда за најмногу фотографирани различни споменици, потребно е да бидат фотографирани најмалку 25 различни објекти од издвоениот список на културно наследство на Македонија, односно споменици кои немаат фотографија на Википедија.
Со учеството во „Вики ги сака спомениците 2026“, секоја фотографија станува повеќе од запис од едно место – таа придонесува кон создавање трајна и слободно достапна визуелна документација за културното наследство на Македонија. Натпреварот е можност љубителите на фотографијата да ги откријат и документираат спомениците низ земјата, а истовремено да помогнат тие да бидат подобро претставени на Википедија и на Ризницата на Викимедија.
Пријавете се, фотографирајте го културното наследство и придонесете неговите приказни да останат достапни за идните генерации!