Обуката беше поделена на два дела – теоретски и практичен, со цел учесниците најпрво да се запознаат со основните правила и принципи на Википедија, а потоа стекнатото знаење да го применат преку самостојно уредување на статии.
Во првиот, теоретски дел, Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма во Викимедија МКД, одржа предавање на кое ги запозна учениците со Википедија, нејзиното значење и улогата што ја има во овозможувањето слободен пристап до знаење. За време на предавањето беа претставени основните начини на уредување, структурата на енциклопедиските статии и правилата што треба да се почитуваат при нивното создавање. Посебно внимание беше посветено на значењето на придонесите на доброволните уредници и можноста секој заинтересиран корисник да учествува во развојот на Википедија.
По завршувањето на теоретскиот дел следуваше практичниот дел од обуката, во кој учениците имаа можност непосредно да се запознаат со постапката за создавање нови статии. Тие работеа на избрани теми, преведувајќи и приспособувајќи енциклопедиски содржини од Википедија на англиски јазик. Во текот на работата се запознаа со начинот на внесување и форматирање текст, поставување внатрешни врски, додавање категории и организирање на содржината според правилата на Википедија.

Практичната работа им овозможи на учениците да го применат наученото од предавањето и да стекнат непосредно искуство во создавањето енциклопедиски содржини. Воедно, тие имаа можност да поставуваат прашања, да ги разјаснат недоумиците што се појавуваа во текот на уредувањето и подобро да го разберат процесот преку кој се создаваат и подобруваат статиите на Википедија. На овој начин, обуката претставуваше можност за развивање на нивните дигитални вештини, самостојноста во работата и интересот за стекнување нови знаења.
На обуката учествуваа 10 ученици, кои со својата работа придонесоа за создавање на 35 нови статии на Википедија на македонски јазик. Постигнатите резултати претставуваат конкретен придонес кон збогатувањето на слободните енциклопедиски содржини, но и поттик за учениците да продолжат со уредување и по завршувањето на обуката.
Со организирањето на ваквите образовни активности, Викимедија МКД продолжува да ја поттикнува вклученоста на младите во создавањето и споделувањето слободно знаење. Соработката со училиштата претставува значаен дел од напорите за доближување на Википедија до новите генерации и за развивање на свеста за важноста на слободните образовни содржини. Преку непосредна работа со учениците, здружението настојува да создаде услови за нивно понатамошно активно учество во развојот на Википедија на македонски јазик.
Фотографскиот материјал од обуката може да го погледнете на следнава врска.