Геоекспедициите продолжуваат со истражување на Македонија!

Геокспедиции“ и оваа година продолжува со истражување на Македонија и збогатување на содржините на Википедија во однос на македонски географски теми. Главната цел на проектот е да помогне во подобрување на постоечките и создавање на нови статии за засебните и специфични географски области, предели и особености низ целата територија на Македонија.

Оваа година првата геоекспедиција се одржа на 18 февруари 2024 година, кога членови на Викимедија МКД се упатија на еднодневна геоекспидиција на „Станечки Водопади“ и „Плоче Литотелми“.

Првичната замисла на тимот беше посета на Длабочичкиот Водопад, но поради предизвиците на патот, експедицијата се упати кон друга насока.  Преку селото Страцин групата го посети природниот резерват Плоче Литотелми,  и таму тимот беше фасциниран од природното богатството, но и историското  наследството , вклучувајќи ја селската црква „Св. Димитриј“ и напуштениот бункер од ЈНА. Потоа членовите на експедицијата се упатија кон селото Ранковце, каде беше фотографирана селската црква.

Геоекспидијата заврши со посета на Станечкиот водопад до кој води патека од самото село Станци. Пристапот до водопадот е олеснет со изградбата на повеќе мовчиња на реката, а на крајот ве дочекува платформа на која има клупи на кои може да одморите. Во близина на големиот водопад, се наоѓаат и други помали водопади на помалите потоци, кои се влеваат во самата Козја Река.

Ова патување не само што ни го покажа огромното природно богатство, туку и ни помагнa  да ја истражиме историјата и културата на регионот. Од посетата на селските цркви до адреналинското искуство на Станечкиот Водопад, геоекспедицијата претставуваше вистинско уживање за сите учесници.

Со секое откритие и секој преминат километар, нашите геоeкспидиции нè поттикнуваат сите да се запознаеме за значењето на природата и наследството што ни го оставила, а на корисниците на Википедија на македонски јазик им помага во подобрување на постоечките и создавање на нови статии за засебните и специфични географски области

 

Викимедија МКД го проширува својот тим!

Викимедија МКД, како невладина организација врши промоција и поддршка на Википедија и другите сродни проекти. Нашата  креативна заедница има за цел да ја рашири базата на знаења и да ја олесни достапноста до информации за сите.

Викимедија МКД е огранок на Фондацијата Викимедија, фондација која промовира слободно знаење и слободен пристап до информации, воглавно преку Википедија и нејзините сродни проекти.

Поради обемот на работа и зголемен број проекти за 2024, Викимедија МКД отвора две нови работни позиции, за кои ве охрабруваме да се пријавите. Имено, се објавуваат следните два огласа за работа:

1. Менаџер на заедница

*Потребни квалификации:

– ВСС VII/1 степен или еквивалентни 240 кредити според ЕКТС;

– Одлично познавање на англиски јазик;

– Познавање на работа со Википедија и нејзини сродни проекти се сметаат за предност;

– Работно искуство од најмалку 2 години во невладин сектор се смета за предност.

*Работно време:

– 6 часа дневно (4 платени и 2 волонтерски часа);

– Флексибилно работно време во зависност од проектите.

*Одговорности и задачи:

– Водење на активности и настани со заедницата;

– Спроведување на уредувачки повици и наградни активности;

– Проверка на уредувачките повици;

– Помош на другите членови при изведбата на настани и проекти;

– Организирање на материјали и услуги за проектите.

*Ние ви нудиме:

– Платена обука и вработување;

– Интересна и разновидна работа;

– Соработка со различни профили на луѓе;

– Патувања.

2. Менаџер на образовната програма

*Потребни квалификации:

-Најмалку ВСС VII/1 степен (или најмалку 240 кредити според ЕКТС);

-Одлично познавање на англиски јазик (пишување и зборување);

-Возачка дозвола Б – категорија – не е услов;

-Познавање на работа со Википедија и нејзините проекти се смета за предност;

-Работно искуство од најмалку 2 години во невладин сектор се смета за предност;

-Работно искуство од најмалку 2 години во образовние (на проекти и/или работа со ученици) се смета за предност.

*Работно време:

-Работното време е 6 часа дневно, од кои 4 платени и 2 волонтерски часа, но доколку проектите го бараат тоа, може да биде и попладневно или за време на викенди.

*Одговорности и задачи:

-Да ги води Вики клубовите кои ги имаме веќе воспоставено низ Македонија, како и да отвора нови;

-Да ги организира и да ги води обуките на учениците, наставниците и возрасните за уредување на Википедија;

-Да органзира и спроведе (со помош на останатите вработени и волонтерите): вики конференции за наставници, натпревари за уредување, работилници, вики камп и други активности поврзани со образовната програма; и

-Да врши организирање на материјали и услуги потребни за проектите.

*Ние нудиме:

-Платена обука, и потоа вработување;

-Интересна и исполнета седмица, соработка со различни профили на луѓе; и

-Патувања.

 

Сите заинтересирани можат да испратат кратка биографија, мотивационо писмо и фотографија на kontakt@wikimedia.mk.

Придружете ни се во нашата мисија да го подобриме пристапот до знаења за сите!

#1Lib1Ref 2024 – познати се резултатите и добитници за овогодишниот натпревар!

Кампањата  #1Lib1Ref 2024 која и оваа година Викимедија МКД ја организира за корисниците и уредниците на Википедија на македонски јазик се покажа како уште еден успешно завршен проект. Корисниците на Википедија кои се јавија на овој повик и кои активно учествуваа во овој уредувачки натпревар значително ја подобрија цитираноста на Википедија, а со тоа и веродостојноста на содржината на енциклопедијата.

Учесниците активно внесуваа наводи и извори во статии кои немаат наводи или има употреба на недоволен број наводи и цитирани извори. Натпреварот траеше од 15 јануари 2024 година и заврши на 5 февруари 2024 година.

Во овој повик на Викимедија МКД учествуваа вкупно 7 корисници, беа внесени 4248 наводи и беа збогатени 999 статии на Википедија на македонски јазик. Натпреварот предвидуваше награди на месно и на меѓународно ниво. По разгледувањето на резултатите по завршниот ден, се добија следните резултати, односно добитници на награди на месно ниво:

  • Месни награди:
    • Прва награда: купон во вредност од 6.000 македонски  денари – Dentedeleone со 2229 додадени наводи,
    • Втора награда: купон во вредност од 4.000 македонски  денари  – Тиверополник со 1444 додадени наводи,
    • Трета награда: купон во вредност од 2.000 македонски денари – Bojan9Spasovski со 297 додадени наводи.

Честитки за неуморните корисници кои беа дел од овој повик и освоија награда!

 

 

Викиексперименти 2024 – нови обиди, нови видео записи!

Проектот „Викиексперименти“ веќе деветта година успешно се реализира во соработка со научните институции во Македонија. Уште од почетокот на овој проект, односно од 2015 година, Викиескперименти создава видеозаписи од научни екперименти од различна област во тесна соработка со професори од научни институти и факултети од земјава. Видеозаписите се подигнуваат на Заедничката ризница на Викимедија, што пак служи како база на фотографски и видео материјали кои се користат на различните проекти на Викимедија, вклучително и Википедија.

Како и минатата година, така и оваа година Викимедија МКД продолжува со добрата соработка со Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Успешноста на проектот во изминатите години беше дополнителна мотивација за реализирање на оваа програма и оваа тековна година. Така, на 15 февруари 2024 година тројца професори од Институтот за хемија со почеток во 10:00 часот започнаа со хемиските експерименти од различна прирорда. Притоа, член на тимот на Викимедија МКД со камера со висока резолуција ги снимаше обидите, кои подоцна се доработуваат и прикачуваат на Заедничката ризница.

Професор Марина Стојановска, професор Владимир Петрушевски и професор Миха Буклевски на професионален и на мошне вешт начин успеаа да направат обиди за да може истите да бидат снимени и понатаму употребувани од пошироката публика. Самите видеозаписи може да се употребуваат за образовни цели од различни возрасти, студенти, но и од љубители на хемијата кои сакаат да ја проучат подлабоко оваа природна наука.

Обидите може да се прегледаат на следната врска и се надеваме ќе ви го збогатат вашето знаење од областа на хемијата.

„Клима и климатски промени“ – годишна тема на активностите на програмата ГЛАМ

Програмата „ГЛАМ“ е една од трите главни програми на организацијата, покрај програмата за образование и програмата за заедница. ГЛАМ е всушност англиски акроним за галерии (galleries), библиотеки (libraries), архиви (archives) и музеи (museums) и подразбира соработка, делување и спроведување активности во тесно партнерство во институции од овој вид.

Програмата ГЛАМ во својата суштина е визија за зголемување на содржината на Википедија преку тесна соработка со институции како  галерии, библиотеки, архиви, и музеи. Ваквата соработка подразбира активности од различен вид, како што се работилници на зададена тема, обука на кадар од институциите за користење на Википедија, уредувачки сесии за збогатување на содржините на Википедија и нејзините сродни проекти, испраќање матичен Википедијанец кој би бил врска помеѓу институцијата и здружението и кој активно ќе ја подобрува содржината на Википедија и нејзините сродни проекти. Дополнително, образовни и информативни предавања и прошетки или посети на институции се исто така активности кои даваат продуктивност и зголемена заинтересираност за дадените теми и инсутиции.

Тематската определба на активностите на ГЛАМ е пракса која Викимедија МКД ја спроведува во изминатите години. Одбирањето на една тема за сите проектни активности е обединувачки елемент и водилка за тоа кон што се цели заедницата која уредува или работи во делот на програмата ГЛАМ.

Во 2024 година програмата  ГЛАМ се фокусира на темата за „клима и климатските промени“. Преку уредување на нови статии на Википедија, подигнување на мултимедијална содржина на Заедничката ризница, организирање работилници, предавања, обуки и заеднички уредувања, заедницата ќе се стреми кон збогатување на содржините на Википедија од овој тип. Важноста на оваа тема за секојдневниот живот на луѓето е мотивација плус за придонес на нашата заедница кон оваа област.

Викимедија МКД сака и има желба да придонесе за подигнувањето на јавната свест за овој критичен аспект на нашата планета. Веруваме дека оваа наша мисија не само што ќе го зголеми бројот на статии, туку и ќе ја подигне јавната свест за еден од најголемите предизвици на современиот свет.

Уредувачки натпревар „Генетика“ – нова можност за збогатување на Википедија

Викимедија МКД секогаш се стреми кон збогатување на содржината на Википедија и нејзините сродни проекти. Создавањето нови статии на различни теми и подобрување на постоечките се меѓу најважните приоритети на организацијата. Токму поради тоа, Викимедија МКД организира голем број проекти и повици за збогатување на Википедија на македонски јазик.

Февруари 2024 година е месецот кога се органзира уредувачкиот натпревар на тема „Генетика“. Овој уредувачки натпревар трае од 1 февруари 2024 година до 29 февруари 2024 година. Сите корисници на Википедија можат да се пријават на овој уредувачки натпревар со тоа што ќе се запишат во списокот на натпреварувачи. Отворете ваша евидентна страница и додадете го вашето корисничко име на списокот. Оценувачкиот одбор составен од три члена ќе изврши преглед и оценување на вашите придонеси.

Уредувачкиот натпревар има предвидено и награди. За да освоите награда на овој уредувачки натпревар условот е да имате објавени најмалку 25 статии оценети со просечна оценка од најмалку 2,0 од страна на членовите на Оценувачкиот одбор. Наградите кои се предвидени за овој уредувачки натпревар се:

  • Прва награда за најдобар уредник  – вредносен купон во висина од 12.000 денари.
  • Втора награда за најдобар уредник  – вредносен купон во висина од 6.000 денари.
  • Трета награда за најдобар уредник  – вредносен купон во висина од 3.000 денари.

Покрај овие три награди, овој уредувачки натпревар предвидува и:

  • Награда за најдобра статија – вредносен купон во висина од 5.000 денари
  • Награда најдобар нов учесник – вредносен купон во висина од 2.000 денари
  • Посебна награда ќе биде доделена за корисникот кој ќе напише „најмногу статии за различните човечки хаплогрупи“ – вредносен купон во висина од 2.000 денари

Уредувајте, придонесувајте и научете нешто плус за генетиката!

 

 

#1Lib1Ref 2024 – да ја подобриме цитираноста на Википедија!

Веродостојноста на изворите и создавање на статии и содржини на Википедија кои се соодветно поткрепени со релевантни извори е една од главните цели на корисниците кои ја прават Википедија тоа што е денес. Поради тоа, Вики-заедницата неуморно работи и посветува огромно внимание за создавање на неутрална и добро цитирана енциклопедија. Како резултат на тоа и оваа година Викимедија е дел од меѓународната иницијатива именувана како #1Lib1Ref.

 

Оваа меѓународна иницијатива во облик на натпревар има за цел да ја подобри цитираноста на Википедија и создавање на поквалитетна и поверодостојна енциклопедија. Овој натпревар се организира на локално ниво, односно на Википедија на македонски јазик, но и на регионално, односно во регионот на Средна и Источна Европа.

 

Заинтересираните уредници може да учествуваат на овој повик и да ја подобрат содржината на Википедија која нема или има мал број на наводи. Натпреварот трае од 15 јануари 2024 до 05 февруари 2024.

 

Натпреварот има предвидено и соодветни награди за уредниците кои ќе го исполнат критериумот и соодветно ќе зачуваат уредувањето, односно:

  1. За да се освои награда, потребно е да се наведат најмалку 100 веродостојни извори во најмалку 50 различни статии, и
  2. Во описот на измената задолжително да се внесе #1Lib1Ref и #1Lib1RefCEE.

Наградите кои се предвидени за овој натпревар се:

  • Месни награди:
    • Прва награда: купон во вредност од 6.000 македонски  денари.
    • Втора награда: купон во вредност од 4.000 македонски  денари.
    • Трета награда: купон во вредност од 2.000 македонски денари.
  • Регионални награди
    • Прва награда: купон во вредност од 80 американски долари.
    • Втора награда: купон во вредност од 50 американски долари.
    • Трета награда: купон во вредност од 50 американски долари.

Најдете извор, вметнете го во статијата и зачувајте! Можеби сте вие еден од потенцијалните добитници на награда.

Среќно!

 

Роденденски подароци за Википедија

Македонската Вики-заедница на 15 јануари 2024 година го прослави 23-тиот роденден на Википедија. Пред 23 години Википедија беше основана од Џими Вејлс и Лери Сангер. Првично оваа семрежна енциклопедија беше пуштена само на англиски јазик, но многу набрзо енциклопедијата прерасна во повеќејазична енциклопедија. Википедија, како една од најпосетуваните страници на Интернет, денес може да се прочита на над 326 јазици и има над 284.921 активен корисник.

Викимедија МКД и оваа година организираше заедничка прослава по повод роденденот на Википедија. На 15 јануари 2024 година во „Пјаца Либерта“ во Скопје Википедијанци и поддржувачи на Википедија се собраа и во пријатна атмосфера го прославија роденденот.

Покрај самиот настан и преувкусната торта, Википедија доби и свои подароци. На самиот ден на роденденот, на 15 јануари 2024 година, Викимедија МКД објави повик да сите корисници на Википедија да објават статии, нови или подобрени, како роденденски подарок за Википедија. Повикот траеше преку целиот ден, кога се објавиле 30 нови статии и 1 статија беше значајно подобрена. 27 Википедијанци дале свој подарок на Википедија и ја подобрија содржината на енциклопедијата.

Викимедија МКД го прослави 23-от роденден на Википедија

Глобалната Вики-заедница, и оваа година, го одбележа роденденот на Википедија со различен број на настани во различни земји. Македонската Вики-заедница и оваа година со свој настан ги прослави 23-те години постоење на најпознатата семрежна бесплатна енциклопедија.

Викимедија МКД оваа година, како и претходните години, со задоволство организираше настан за македонската Вики-заедница чија цел беше преку дружба и во пријатна атмосфера да се означат 23 години дружење и работење на Википедија. Настанот беше организиран на 15 јануари 2024 година во барот „Пјаца Либерта“ во Скопје со почеток во 19:00 часот. На настанот беа поканети сите љубители, придонесувачи и подржувачи на Википедија и нејзините сродни проекти.

24 Википедијанци успеаа да дојдат и со своето присуство да го разубават прославувањето на 23-от роденден на Википедија. Покрај прогодната закуска и пијалaци, неминовно за овој настан беше и роденденската торта. Специјално приготвнена за оваа пригода, тортата беше во централниот фокус на настанот со што и официјално се прославија 23 години дружење со Википедија.

Преку фотографии сакаме да ви го доловиме дружењето на Википедијанците за време на овој убав ден за Вики-заедницата.

 

 

 

 

 

 

 

 

Повеќе фотографии може да се прегледаат тука.

Викимедија МКД организира прослава за денот на Википедија

Википедија полни 23 години! Проектот „Википедија“ и идејниот концепт за истиот се родени пред точно 23 години, на 15 јануари 2021 година, кога Џими Вејлс и Лери Сангер дошле до идеја да ја основаат најпозната смрежна енциклопедија во светот.

Овој убав ден треба соодветно да се одбележи, и поради тоа, Викимедија МКД организира прослава за денот на Википедија. Поточно,  во понеделник на 15 јануари 2024 година во 19:00 часот во кафе-барот „ Пјаца Либерта“ во Скопје, Викимедија МКД организира роденденски собир. Настанот се одблежува на денот кога е основана Википедија, односно англиската верзија на Википедија, која воедно е и првата верзија на оваа повеќејазична енциклопедија.

Википедија денес е седма најпосетувана мрежна страница на Интернет и е достапна на 326 јазици. Таа се одржува и обновува со помош на огромна заедница на уредници-волонтери, кои се потпираат на повторувачки процес на објавување и коригирање. Се проценува дека 250.000 луѓе низ светот придонесуваат на „Википедија“, а месечно се проценува дека има 22 милијарди посети.

Енциклопедијата го слави својот роденден и во Скопје. Имено, Викимедија МКД ги повика сите заинтересирани уредувачи да напишат симболично по една статија на 15 јануари 2024 на слободна тема. Тоа ќе биде нашиот симболичен роденденски подарок за Википедија.

Исто така ве повикуваме и на забавата, истиот тој ден на 15 јануари 2024 во „Пјаца Либерта“ во Скопје.  Оваа наша прослава е дел од глобалната низа настани по повод роденденот и кои се одржуваат на шест континенти.

Среќен роденден Википедија!