Пишувај статии на Википедија и освои награди!

Во текот на 2024 година Викимедија МКД организира уредувачки денови и ќе се одржуваат секој вторник и четврток. Уредувачките денови се изведуваат во текот на денот од 24 часа, со почеток во 00:00 ч. и крај во 23:59 ч. истиот ден. Предвид се земаат сите создадени или подобрени статии на зададената тема од корисници на Википедија на македонски јазик кои ги пријавиле во уредувачкиот ден.

Исто така Во текот на 2024 година е планирано да се одржуваат и уредувачки викенди. Уредувачките викенди се изведуваат во текот на еден викенд, со почеток во 00:00 ч. во сабота и крај во 23:59 ч. во недела.

На крајот на годината ќе им бидат доделени награди на тројцата најплодотворни учесници кои ќе имаат највисок успех при заедничкото и споено бодување од уредувачките денови и уредувачките викенди. Наградите се во облик на вредносни купони за книги или техничка опрема, и тоа:

-Прва награда: купон во вредност од 15.000 денари.

-Втора награда: купон во вредност од 9.000 денари.

-Трета награда: купон во вредност од 6.000 денари.

За да се освои било која награда, потребно е да се исполнат следните критериуми:

-да се учествува во најмалку 100 изданија на уредувачките денови и/или викенди;

-да се учествува во барем 10 од 12-те календарски месеци; и

-да се создадат или подобрат најмалку 150 статии, предлошки или модули.

Бидете дел од најголемата мрежна енциклопедија во светот! Бидете дел од Википедија!

Среќна Нова година во ново руво!

Уште една година помина од заедничкото дружење, создавање, придонесување и делување на полето на споделување на слободни содржини. За многу од нас Википедија и активностите поврзани со Википедија и сродните проекти оставија добар впечаток, дадоа добри резултати и одлично поминати моменти работејќи заедно.
 

2023 година како успешна приказна ја привршуваме и активностите планирани за оваа календарска година се успешно завршени. Успешната приказна која траеше во текот на целата година сакаме да ја продолжиме заедно и тимски. Се стремиме сите заедно да работиме уште повеќе и да добиеме уште поголеми резултати – сите ние заедно тоа го можеме. Секој член е незаменлив за Движењето Викимедија, а секој придонес огромно богатство. Се гордееме на нашата работа и нашиот труд – на сите ние кои сме дел од ГЛАМ Македонија и Движењето Викимедија.
 

Новата 2024 година ја почнуваме со ново име, ребрендиран организациски облик и со здружени сили одиме кон поголеми успеси. ГЛАМ Македонија и Споделено Знаење стануваат ВИКИМЕДИЈА МКД. Ново име, поголеми цели, достижни стремежи!

 

Среќна нова 2024 на сите членови на ГЛАМ МАКЕДОНИЈА!

Обука на нови членови во Гимназијата „Никола Карев“ во Скопје

21.12.2023
На 21.12.2023 во просториите на Гимназијата „Никола Карев” во Скопје  беше одржана Обука на нови членови на веќе активниот Вики клуб.
Википедијанците, средношколци од Гимназијата „Никола Карев “ се досега активни во пишување статии, беа дел и од годинешниот Вика камп одржан во Михајлово и учествуваат на натпревари и други активности.
Со овие нови членови ВикиКлубот-Карев, брои над 20 ученици.
               
Вики клубот работи под водство на професорката Емилија Ристановска а нивната цел е се поголема ангажираност  во збогатување на Википедијата на македонски јазик со поголем број на статии.

Резултати од повикот за пишување статии во месец ноември 2023-Наградени статии

7. декември 2023
ГЛАМ Македонија ги повика  членовите на Вики клубовите од Македонија, што ги води Здружението, да се активираат со пишување на статии на Википедија на македонски јазик во периодот од 1 до 30 ноември 2023 година.
На повикот за сите членови од Вики Клубовите, за уредување и објавување на статии во месец ноември, учествуваа 25 Википдијанци од шест клубови во Македонија. Од 80-те пристигнати статии, жири комисијата ги одбера најдобрите кои добиваат вредносни ваучери.
Наградени статии за ноември 2023, создадени од членови на Вики Клубовите.

Наградени се шест статии  и тоа две со први награди и вредносен ваучер од по 2000 денари и четири статии по 1500 ден ваучер.

Име на статија – Корисничко име

  1. Севиљска катедрала   –  Марко К.
  2. Ментално здравје  – Kostovska
  3. Протоколи на сионските мудреци – Ivickagorgieva0404
  4.  Аменореја   –   SimonaWikiOhrid
  5. Деловен предлог – Emilija Dobreva
  6. Мирослав Завидовиќ–   Baek147

Бидете дел од светот полн со нови знаења!

 

ГЛАМ Македонија- Организирана обука за наставници во училиштето “Христијан Тодоровски Карпош“

Обука за наставници во О.У. Христијан Тодоровски -Карпош, во текот на оваа недела  ја организираше и одржа ГЛАМ Македонија.
Обуката помина во исклучително конструктивна работна и креативна атмосфера. Како и досега овие обуки содржат три делови. Во првиот зборуваше Снежана Штрковска, Претседател на ГЛАМ Македонија (GLAM -galery, library, arshive,museum) , за значењето, организацијата и функционирањето на нашата јазична Википедија на македонски јазик.
Какви форми на организација има  ГЛАМ Македонија како непрофитна организација  со акцент на организиарњето на Вики Камповите, наставниците ги запозна Валентина Трајковска, наставник и член на ГЛАМ. Вики камповите се одржуваат секоја година (освен годините на корона ) и на нив учествуваат членови на активните Вики клубови. Секој камп има своја тема на која за време на кампот се пишуваат статии.
Дел од оваа обука е предавањето за Медиумска писменост и култура, кое го презентираше М-р Татјана Гогоска, новинар и магистер по комуникациски науки. За значењето на медиумското описменување на децата и возрасните, неговите цели, примена , учеството на поединецот во создавање а не само консумирање на медиумски содржини зборуваше Гогоска.
Оваа Обука е последната за оваа 2023 година од ваков вид, кои беа одржани во неколку основни училишта во Скопје.

Вики Клуб Охрид- Учиме и пишуваме за нематерјално културно наследство

Група на тековни и нови членови од Вики-клуб Охрид, под менторство на Наташа Неданоска, деновиве беа во посета на гајдаџијата Целе Блажески во село Белчишта. Дедо Целе е гајдаџија од својата 16 година, а изработува гајди од 30 години.

Целта на посетата е децата да научат повеќе за Нематерјално културно наследство кое е урбано колку што е и рурално

УНЕСКО има класифицирано  пет области во кои се манифестира нематеријалното (живо) културно наследство, и тоа:
*усна традиција и јазик.
*изведувачки уметности (музика, игра, танц и разни продукции / сценографија, како што се етно-театар, пантомима или театар).
*социјална практика, ритуали и празници (обичаи, верувања, митови, фестивали).
*знаења и вештини поврзани со природата и универзумот (практично познавање на природата, лековити билки, народна медицина, пагански народни календари).
*традиционална уметност (занаетчиство, ракотворби).

На оваа работилница Дедо Целе им ја кажа историјата за гајдаџиството во нивното село и нивното семејство, за неговите настапи на многу фестивали, за процесот на изработка на гајдата и за нејзино свирење.

Од оваа посета, а и од следните кои се планирани, ќе произлезат статии на оваа тема на Википедија на македонски јазик.

 

 

Нови Википедијанци – Формиран Вики клуб во Пробиштип

Учениците од Гимназијата “Наум Наумовски – Борче” во Пробиштип под менторство на професорката Елвира Јакимовска, професор по македонски јазик и литература, формираа Вики клуб со образовна поддршка на Снежана Штрковска, претседател на ГЛАМ Македонија.
“Википедијата на македонски јазик многу често ја користиме и затоа со нетрпение чекавме да станеме дел од ова семејство на Википедијанци” – рече професорката Јакимовска на денешниот почетен час на Вики клубот.
За почеток Вики клубот во Гимназијата брои 15 членови, но заинтересираноста на учениците е поголема и планираат да станат нависитна сериозен Вики клуб од кој ќе има многу статии.
Формирањето на Вики клубот, доби поддршка и од директорката на Гимназијата Снежана Насевска, за која секоја корисна новина за учениците е добредојдена а нејзините амбиции се учениците да станат Википедијанци во вистинската смисла на зборот.
Глам Македонија со формирањето на овој Вики клуб направи уште еден чекор во реализација на образовната програма која е корисна за целиот тој регион.
ГАЛЕРИЈА

Ноември – месец на натпревар на членови од Вики Клубовите

ГЛАМ Македонија ги повикува учениците членови во  Вики клубовите од Македонија, што ги води Здружението, да се активираат со пишување на статии на Википедија на македонски јазик во периодот  од 1 до 30 ноември 2023 година.

Статиите може да се на било која тема, само треба да се внимава на преводот и правописот.

За  Учениците – учесници на конкурсот  е важно да знаат дека не треба никаде да ги запишуваат своите придонеси, а одговорните ќе ги проверат сите кориснички придонеси. Она што е најважно е да се внимава при создавање на статите и  објавувања на истите на Википедија на македонски јазик, да бидат со вашето корисничко име.
За најдобрите ќе има награди. Неколку статии  ќе добијат  ваучери , што ќе бидат одбрани како најдобри од жири комисијата. Како најдобри, може да бидат одбрани само статии кои се доволно големи, односно најмалку 15.000 бајти, информација која може да се види во делот: “Историја на преработките“.
Доколку сакате информација плус или имате нешто нејасно во врска со овој повик, слободно обратете се до вашиот наставник – координатор или на пишете ни порака на нашата страница на Фејсбук – GLAM Macedonia.

Основан нов Вики клуб во О.У. Невена Георгиева-Дуња во Скопје

Денеска во просториите на ОУ “Невена Георгиева Дуња беше формиран Вики клуб.
“Вики клубот засега брои 15 тина членови, со намера нивниот број да се зголемува, се со цел да создаваме поголем статии” кажа Маја Трајковиќ наставник по француски јазик и библиотекар, која ќе го раководи овој Вики клуб со ученици од шесто, седмо, осмо и деветто одделение.
И овој Вики клуб е дел од образовната програма на ГЛАМ Македонија и претставува чекор во проширувањето на Википедијата на македонски јазик, за која постојано се залагаме – истакна Снежана Штрковска, претседател на ГЛАМ Македонија.
Досега Википедија на македонски јазик има 139.153 статии и 112.252 регистрирани корисници.  Со ваквите образовни активности на Здружението ГЛАМ Македонија се создаваат услови за побројност на корисници кои ќе пишуваат на македонски јазик. Инаку Википедијата на македонски јазик е почнала  да работи во септември  2003-та година, значи цели 20 години активности и промоција на македонскиот јазик, култура и општествено битисување преку најглобалната интернет Енциклопедија.

Годишна конференција за проектите на Википедија во Тбилиси-Грузија

Годишна конференција на која централна тема се википедијанските проекти, и на која учествуваат претставници од здруженијата и јазичните Википеди од централна и источна Европа, и од минатата година , и претставници од централна Азија.

Годинава конференцијата се одржа во Тбилиси, Грузија, а од Македонија зедоа учество 7 Википедијанци, кои имаа и свои предавања, односно претставување на проектите кои се работат на локално ниво, и кои се дел од насоките за вкупните проекти на Википедија.