Во светот на Википедија, визуелната содржина игра клучна улога во збогатување на знаењето. Илјадници статии сè уште се „невидливи“ – без ниту една слика која би го зајакнала разбирањето и би го привлекла вниманието на читателите. Токму затоа е тука кампањата „Статии без илустрација“, која ве повикува да помогнете да ги направиме овие статии повпечатливи, покорисни и подостапни за сите! Без разлика дали сте искусен уредник или нов љубител на слободното знаење, ова е ваша шанса да направите разлика и да освоите награда за тоа.
„Статии без илустрација“ е кампања на меѓународно ниво за вметнување на илустрации во статиите на кои им недостигаат. Илјадници фотографии се поставени на Заедничката ризница преку разни проекти на организацијата, како и преку фотографските натпревари низ годиниве. Идејата е да се искористат фотографиите и останатите илустрации во соодветните статии. Ова е огромен јаз кој оваа кампања се обидува да го премости. Викимедија МКД и оваа година ви овозможува да дадете свој придонес и да бидете дел од потенцијалните добитници на награди.
Кога и како?
Кампањата се одржува од 1 јули 2025 година до 31 август 2025 година. Нема ограничување во врска со бројот на илустрации што може да ги употребите. Фотографијата што ја користите мора да биде поставена под слободна лиценца или во јавна сопственост. Учесниците мора да го вклучуваат записот #WPWPMK на секое зачувување на промени кога внесуваат илустрација, и на секоја статија на која внесуваат илустрација. Исто така поставете го записот #WPWP за да учествувате за меѓународните награди.
Награди!
За македонските учесници се обезбедени посебни локални награди. Вкупно има на располагање 5 награди поделени на следниов начин:
- Прва награда – ваучер во вредност од 12.000 денари (се доделува 1 ваучер на еден корисник)
- Втора награда – ваучер во вредност од 6.000 денари (се доделуваат 4 ваучери на четири различни корисници)
Наградите ќе бидат доделени на најплодните учесници, кои имаат поставено илустрација на најмалку 100 различни статии на Википедија на македонски јазик. Доколку овој услов не биде постигнат, организаторите го задржуваат правото да не ги доделат наградите. За македонските награди, поените ќе се пресметуваат по принципот: една статија еден поен за илустрациите, без разлика колку илустрации сте поставиле во таа статија. Важно е да се напомене дека илустрации се вметнуваат на веќе постоечки статии, новосоздадени статии за целите на вметнување фотографии не се земаат во предвид.
Придонеси, инспирирај, освои! Со секоја илустрација што ќе ја додадеш, ги правиш статиите попривлечни и покорисни за читателите во Македонија. Кампањата „Статии без илустрација“ е одлична можност да направиш видливо влијание во заедницата, а притоа и да бидеш награден. Не ја пропуштај оваа можност – истражи, избери фотографија и збогати ги статиите!













