Пишуваме и учиме за Словенија – работилница во ОУ „Димитар Миладинов“ – Скопје

Во соработка со Словенечкиот центар во Скопје, Викимедија МКД реализираше уште еден успешен и значаен настан кој значително ја збогати содржината на Википедија на македонски јазик. Овој настан претставуваше уште еден чекор кон остварување на нашата визија за креирање слободни, достапни и квалитетни информации на македонски јазик. Викимедија МКД, преку својата постојана работа, организира различни настани, работилници, обуки и заеднички уредувања, со цел да го намали содржинскиот јаз на македонската Википедија и да создаде поголема достапност на знаењето за пошироката јавност.

На 18 декември 2024 година, во просториите на ОУ „Димитар Миладинов“ во Скопје, се одржа тематска работилница под наслов „Запознајте ја Словенија“. Настанот беше организиран во соработка со Словенечкиот центар во Скопје. Во работилницата учествуваа 15 ученици од ОУ „Димитар Миладинов“ од Скопје, кои имаа можност не само да научат нешто повеќе за Словенија, туку и активно да придонесат за збогатување на содржините на Википедија.

Работилницата беше свечено отворена од заменик амбасадорот на Република Словенија во Македонија, г-ѓа Ника Ротар, која ги поздрави присутните и ја истакна важноста на ваквиот вид соработка меѓу двете земји. По него, кратко обраќање имаше и конзулот на Република Словенија г. Мартин Глажар, кој ја потенцираше културната и образовната вредност на настанот. Претседателот на Словенечкиот центар во Скопје, г-дин Сашо Стојковски, исто така одржа воведен говор, каде што ја нагласи улогата на центарот во промовирање на словенечката култура и јазик во Македонија. Свои обраќања имаа и извршната директорка на Викимедија МКД г-ѓа Снежана Штрковска и раководителката на секторот за јавни дејности во Општина Центар – Скопје г-ѓа  Јагода Јанковска, како и директорката на ООУ “Димитар Миладинов” г-ѓа Марија Варсамис Симоновска.

По официјалните обраќања, учесниците преминаа кон вториот дел од работилницата, кој беше посветен на уредување и преведување статии на Википедија на македонски јазик. Темата на уредувањето беше словенечката кујна – една од најбогатите и најразновидните аспекти на словенечката култура. Во текот на работилницата, учесниците создадоа 22 нови статии, кои сега се достапни за македонската читателска публика.

Овој практичен дел од настанот не само што им овозможи на учесниците да ги развијат своите вештини за пишување и истражување, туку и да придонесат кон слободното знаење. Ваквиот тип на настани се од особена важност за македонската википедијанска заедница, бидејќи го поттикнуваат збогатувањето на локалната енциклопедија со квалитетни и релевантни содржини. Секој придонес, без оглед на неговата големина, е од непроценлива вредност за заедницата. Слободните информации кои се достапни за македонската читателска публика претставуваат големо богатство, кое ја зајакнува нашата култура и образование.

Атмосферата на настанот беше пријатна и инспиративна, а дел од таа енергија може да ја видите преку фотографскиот материјал. Овие моменти го прикажуваат ентузијазмот на учесниците и значењето на заедничката работа во создавањето на нешто што ќе остане трајно и вредно за сите нас.

Реализирана археоекспeдицијата за 2024 година во Градиште, кај селото Град во Општина Делчево

Покрај викиекспeдициите и геокспедициите, археоекспeдициите се уште еден успешен проект на Викимедија МКД кој има за цел да ја истражи Македонија. Овој проект има за цел да помогне во подобрување на постоечките и создавање на нови статии за археолошките наоѓалишта и наоѓалишта, и нивните особености во областите низ целата територија на Македонија на македонски јазик од страна на активните корисници и уредувачи, како и самите членови на здружението.

За оваа 2024 година беше планирана една археоекспeдиција која беше успешно реализирана. На 24 ноември нашиот тим од википедијанци го посети Градиште кое се наоѓа во близина на селото Град, во Општина Делчево.

Википедијнците се упатија во раните утрински часеви кон Делчево, но со претходно застанување во Македонска Каменица за да појадуваат. Самото археолошко наоѓалиште Градиште се наоѓа на врвот на ридот над селото и преовладува во самото село. Од тврдината се зачувани доста од бедемите и кулите и за него се вели дека наоѓалиштето најверојатно е доцноантичкиот град Армонија. До наоѓалиштето може да се дојде од двете страни во селото, но нашиот тим се одлучи да го следи текот на малата река низ селото и да ја оставиви колата на само неколку стотина метри од тврдината. Пред да се дојде до самата тврдина википедијанците направија фотографии од пештерата „Коњска Дупка“, која претставува најисточна пештера во Македонија. Во поново време кај тврдината е подигнат крст, кој надвиснува над кулите и селото. Додека еден од членовите на тимот  го управуваше дронот за добри снимки и фотографии од тврдината, останатите членови прошетаа низ кулите и остатоците на тврдината.

Бидејќи уште при првата посета на селото во рамки на проектот „Викиекспидиции” мештаните кажуваа за некаков тунел под тврдината нашиот тим  се упати да го најде, за кој мештаните тогаш велеа дека бил дел од планот за изградба на пруга кон Бугарија. По малку барање каде точно се наоѓа влезот на тунелот, бидејќи истиот е целосно обраснат,  тимот успеаа да го најде и да влезе само неколку метри во неговата внатрешност бидејќи истиот е исполнет со вода.

На крајот на самата археоекспидиција беа направени и фотографии од самото село, основното училиште и селската црква.

Археоекспедициите ја потврдуваат важноста на заедничката работа за зачувување и промовирање на културното наследство. Посетата на Градиште, со сите откритија и документирани информации, претставува голем придонес за Википедија на македонски јазик и еден чекор напред во нашите напори за дигитализација на културните и историските знаменитости.

Со секој изминат проект, ентузијазмот за истражување расте, а македонските археолошки и природни богатства добиваат заслужено внимание и признание. Ваквите активности ги инспирираат сите љубители на историјата и културата да се приклучат кон мисијата за запознавање, документирање и зачувување на нашето наследство за идните генерации.

„Викисело”- уште еден успешен проект на Викимедија МКД

„Викисело” е проект на Викимедија МКД кој има за цел да ги промовира и истакнува градбите кои се културно наследство на Македонија лоцирани во македонските села, со поставување на информациски таблички до нивната непосредна близина. Табличките содржат назив на градбата, два QR кодови (еден на Википедија на македонски и англиски јазик) кои преку нивно скенирање со телефон водат до соодветните статии кои содржат информации за градбата. Покрај тоа проектот вклучува барање книги и други материјали, достапни информации со цел создавање создавање/подобрување на статиите на избраните градби

Проектот „Викисело” за оваа 2024 година е применет во Општина Демир Хисар. Проектот беше започнат во јуни 2024 година, со првични разговори со луѓето од општината кои се одговорни за туризам, урбанизам, како и со градоначалникот на општината. Целта на овие средби беше планирање на поставувањето на табличките и соработка за прибирање дополнителни информации.

Според разговорите со надлежните, како и според посетата на лице место, договорено беше да се постават табли на следниве места: една табла во новиот парк што летово се оформува во Демир Хисар на која ќе бидат означени сите 11 културни наследства на општината, една табла сред село во село Вирово, и поединечни табли на следните верски објекти: Слепченски Манастир, Топлички Манастир, Журчевски Манастир и Црква „Св. Димитриј“ – Жван.

Исто така при разговори со надлежните договорено беше да добиеме текстови за статии поврзани со општината, меѓу кои и биографии на досегашните градоначалници и некои други значајни личности. За неколку објекти кои се прогласени за културно наследство, а за кои нема статии, ниту пак општината не поседува информации, испратено беше барање за повеќе информации до Управата за културно наследство, како и од Теолошки факултет за некои цркви кои се сметаат за локално наследство.

Проектот се покажа како доста успешен. Веќе на 26 октомври 2024 година на Ризницата беа прикачени 73 фотографии и исто така подобрени 5 статии и создадени 7 нови статии. Додека пак таблите се готови, а се чекаат подобри временски услови за нивно поставување.

Со овој проект, културното наследство на Демир Хисар доби видливост и вредност не само за локалното население, туку и за туристите и истражувачите. Идните планови вклучуваат проширување на проектот во други општини низ Македонија, со цел да се зачува и промовира богатата историја и културно наследство на нашата земја.

Уредувачка седмица „Населени места во Пиринска Македонија”- нова можност да освоите награди

Викимедија МКД  продолжува со уредувачките маратони со цел да ја зголеми слободната содржина на македонски јазик.  Уредувачките натпревари и маратони даваат и различни можности за добивање награди на учесниците. За последен пат оваа година Викимедија МКД организира уредувачка седмица со тема „Населени места во Пиринска Македонија”.

Натпреварот почнува на 16 декември 2024 г. во 00:00 ч. и завршува на 22 декември 2024 г. во 23:59 ч. Учесниците во рамките на натпреварот треба да прошират статии поврзани со населени места во Пиринска Македонија. Сите статии треба да бидат проширени во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии треба да бидат проширени на енциклопедиски стил и да имаат извори. При уредување на натпреварот или по завршувањето на истиот, сите учесници треба да се запишат со кои статии учествувале.

Во натпреварот имаат можност да учествуваат сите регистрирани корисници на Википедија на македонски јазик.

Награди ќе им бидат доделени на тројцата најплодотворни учесници во облик на вредносни купони, и тоа:

  • Прва награда: купон во вредност од 4.000 денари.
  • Втора награда: купон во вредност од 3.000 денари.
  • Трета награда: купон во вредност од 2.000 денари.

За да се освои било која награда, потребно било да се подобрат најмалку 20 статии!

Учествувајте и освојте награди. Викимедија МКД ќе продолжи и во новата година да организира уредувачки натпревари. Заедно ја правиме Википедија подобра, поквалитетна и подобро напишана енциклопедија!

Четврта викиекспeдиција за 2024 година- Општина Брвеница

Викиекспедициите на Викимедија МКД претставуваат уникатен проект кој спојува истражување, документација и споделување на знаењето за богатото природно и културно наследство на нашата земја. Оваа иницијатива, која ја надополнува Википедија со нови содржини и информации за географските подрачја низ сите региони на Македонија, ја прикажува нашата историја и традиција. Со помош на овие експедиции, локалните приказни и скриените богатства стануваат достапни за јавноста.

По третата викекспидиција во која нашиот тим ја истражуваме Општина Тетово, четвртата викиекспeдиција ја искористивме да ја истражиме Општина Брвеница.  Оваа викиекспидиција беше спроведена на верскиот празник Голема Богородица (28 август).

Како прво село на експедицијата беше најоддалеченото планинско село, Гургурница. Од таму тимот се спушти во селото Стенче, и ја посети црквата „Св. Петка“ (кон селото Блаце) и базиликата кај Стенчевската тврдина, која е една од позачуваните во Македонија. Потоа нашиот тим се упати во новата црква „Св. Екатерина“, каде беа пречекани од локалните жители, кои им помогнаа да дојдат до главната селска црква „Св. Илија“ и да влезат внатре, бидејќи црквата беше заклучена, и тоа не само црквата, туку и влезните порти во дворот. По ова, беше фотографирано централното основно училиште „Гоце Делчев“ и тимот продолжи кон соседното село Волковија. Од таму, википедијанците се вратија кон Брвеница, но претходно се исклучија од регионалниот пат, за да дојдат до историското село Горно Фалише, кое денес влегува во атарот на Стенче. Од селото е зачувана само селската црква „Св. Атанасиј.

Потоа беше посетено селото Теново, каде има четири верски објекти и основно училиште и една од најнеобичната архитектура на нови куќи. По Теново, следуваше селото Радиовце, каде селската црква, џамијата и основното училиште се наоѓаат во непосредна близина. Од тука нашиот тим се упати кон селото Милетино каде се задржа подолго време да ги фотографира петте цркви и една џамија разместени на различни места.

Веднаш по Милетено следуваше селото Челопек. Помеѓу Милетино и Челопек, денес повторно се градат куќи, а во минатото овде се наоѓало историско село Млаки. Во Челопек беа фотографирани две селски училишта, пошта, како и две селски џамии. Како за крај на експедицијата, нашиот тим го посети општинското средиште Брвеница, во кое покрај бројните општествени објекти, имаше и две селски цркви кои исто така беа фотографирани, а во соседеното село Долно Седларце беа фотографирани подрачното училиште и селската црква, кои се наоѓаат во непосредна близина.

Оваа четврта викиекспедиција не само што ја надополни Википедија со вредни информации, туку и создаде база на фотографии и податоци кои ќе бидат корисни за идните генерации. Со секоја нова експедиција, тимот на Викимедија МКД ги зајакнува врските меѓу историјата, културата и современото општество, инспирирајќи ја јавноста да го цени и чува богатството на Македонија.

Макпортрет 2024 – нови награди и нови 867 фотографии на Википедија

Макпортрет 2024 беше фотографски натпревар кој се одржуваше од 15 октомври до 15 ноември 2024 година и чија главна цел беше да се соберат фотографии од личности од Македонија што се занимаваат со култура, наука, просвета, уметност, музика, спорт, телевизија, политика, медицина и други полиња. Овој настан го организираше Викимедија МКД, со цел обезбедување на слободни фотографии на значајни македонски современи дејци.

Учесниците, односно натпреварувачите, како автори на фотографиите требаше да ги прикачуваат на Заедничката ризницата на Викимедија под слободна лиценца, за во иднина тие фотографии да бидат користени за подобра илустрација во статиите на Википедија, како и за другите слободни проекти поврзани со Википедија.

Овој фотографски натпревар се покажа како доста успешен. Учествуваа 14 корисници и беа подигнати вкупно 867 фотографии. Жири од 4 корисници ги прогласи победниците кои освоија вредносни ваучери од  Pix+ и тоа:

Покрај овие награди беше предвидена и следнава награда:

  • Најдобро оценетата фотографија според оценките на стручното жири е фотографијата направена од Бени Шаќири, фотографиранa од  Корисник: Aleksandar Ristovski1 – вредносен ваучер  од 200 евра.

Им честитаме на победниците, а на останатите ви благодариме за вашето учество. Вашиот кадар стана дел од трајното наследство достапно за сите нас!

 

Викимедија МКД го одбележа Меѓународниот ден на планината

Уредувачките маратони, натпревари, како и уредувачките денови и викенди, претставуваат креативни и едукативни активности кои Викимедија МКД со големо задоволство ги организира. Главната цел на овие настани е збогатување на содржината на Википедија на македонски јазик, како и намалување на содржинските јазови во различни области. Овие активности ги инспирираат учесниците да продолжат со нивниот придонес кон слободното знаење, создавајќи вредност која останува трајна за сите корисници на енциклопедијата.

По повод Светскиот ден на планините, кој се одбележува секоја година на 11 декември, Викимедија МКД организираше уредувачки маратон. Настанот вклучуваше работилница со предавање, проследено со уредувачки маратон на тема „Планини“. Во него учествуваа членови од Вики клубот Скопје, составен од ученици од гимназијата „Јосип Броз – Тито“ под раководство на координаторката Ирена Трајковска Стерјовска. Со својот ентузијазам и труд, седум ученици дадоа значаен придонес кон збогатување на содржината на Википедија на македонски јазик.

Првиот дел од настанот беше резевиран за планинарот Игор Делов, кој беше поканет да се обрати пред присутните и да даде свој поглед кон планинарството и значењето на планините. Важноста на планините и нивната заштита беше особено потенцирана од Делов, кој потоа го презентира алпинизмот, придобивките од спортувањето и бенефитот кој може да се добие од овој вид на спорт. Дополнително, учесниците се запознаа со опремата за овој вид на спорт, како и соодветните мерки за безбедност и заштита при планинарењето.

По предавањето следеше заедничко уредување на тема „Планини“. Учесниците, потпомогнати од организаторите, уредуваа, подобруваа и објавуваа статии на Википедија на македонски јазик. Вкупно беа објавени 15 нови статии.

Преку фотографскиот материјал ви прикажуваме дел од атмосферата на овој настан.

 

 

Гeоекспедициите продолжуваат со посета на природниот феномен „Кукуље”

Геокспедициите имаат за цел да помогнат во подобрување на постоечките и создавање на нови статии за засебните и специфични географски области, предели и особености низ целата територија на Македонија. За оваа година Викимедија МКД имаше предвидено две геокспедиции.

По одржаната прва геокспедиција во февруари, втората геокспедиција за оваа година се одржа на 24 ноември 2024 година и тимот на искусни википедијанци го посети природниот феномен „Кукуље”. Оваа месност се наоѓа во Општина Делчево и иако на самите табли на локалитетот се користи називот природна реткост, сепак официјално месноста не е прогласена за таква, бидејќи  општината треба да изготви за истото посебен елаборат. Оваа природна реткост е толку непромовирана што дури ни нашата Википедија нема статија за неа. Тоа беше дополнителен предизвик и стимул за нашиот тим да ја истражи оваа локација.

За да дојдете до оваа месност треба да пристигнете во селото Нов Истевник, кое нашиот тим веќе го имаше посетено во рамки на проектот „Викиекспедиции“ во 2018 година. Откако тимот на истражувачи се исклучи од регионалниот пат кон главниот дел од селото, најпрвин се упати да ја фотографира селската црква „Св. Димитриј“, од која нашиот тим немаше претходни фотографии. Црквата за жал повеќе не постои, бидејќи целосно изгорела во текот на 2021 година и од нејзе се останати само остатоци. До црквата се наоѓаат селските гробишта и трпезарија, која е обновена во понов период.

Од црквата, тимот дојде до сретсело, од каде води пешачката патека до месноста „Кукуље“ во времетраење од триесетина минути. Патеката е делумно уништена и не е целосно означена поради шумските пожари во 2021 година во околината, па доколку сакате самите да го истражувате овој регион најдобро е да се водите по спортските апликации за планинарење или сателитските снимки. Месноста „Кукуље“ некогаш била уредена и таму се наоѓаат клупи и летниковци, како и информативни табли, а воедно е поставена и заштитна ограда над месноста. Оваа појава на ерозивни форми има научно објаснување, но месното население има легенди за тоа како настанале, слично како кај Куклици.

Истражувањето на природниот феномен „Кукуље” беше воедно и последна геокспедиција за 2024 година. Нашиот тим ќе продолжи и во иднина со истражување, фотографирање и во подобрување на постоечките и создавање на нови статии за засебните и специфични географски области, а со тоа вас ве потикнуваме да се запознаете за значењето на природата и наследството што таа ни го оставила.

 

Трета викиекспидиција за 2024 година – Тетовски регион

Викиекспедициите се покажаа како еден од најуспешните проекти на Викимедија МКД, со значителен придонес во истражувањето на македонските предели и збогатувањето на содржините на Википедија. Овој проект има за цел да го документира и популаризира културното и природното наследство на Македонија преку подобрување на постоечките статии и создавање нови за градови, села, географски подрачја и карактеристични обележја од сите региони на државата.

На 21 јули 2024 година, нашиот тим на Википедијанци ја спроведе третата Викиекспедиција за оваа година. Овојпат, фокусот беше насочен кон истражувањето на Тетовскиот регион, кој е богат со историја, природни убавини и културни објекти.

Поради близината на Тетово и селата околу него, тимот на википедијанци тргна во раните утрински часови на 21 јули и најпрвин се упати кон високите планинските делови. Така, најпрвин беше посетено селото Бозовце.  Од Бозовце, истражувачите се упатиja кон Вешала, од каде претходно немаше никакви слободни фотографии. Покрај истражените работи за кои тимот знаеше претходно да ги фотографира, во селото имаше споменик од НОБ. По Вешала, следеше селото Бродец, каде беа фотографирани селската џамија и основното училиште. Потоа следеше поранешното општинско седиште Шипковица, кое имаше бројни општествени објекти, како и две селски џамии.

Од Шипковица, тимот се упати кон скијачкиот центар Попова Шапка, бидејќи истиот припаѓа на атарот на селото Лисец и со тоа претставува негов дел. Пред да се стигне до Попова Шапка, истражувачите влегоа и во самото село Лисец. Тука беа направени фотографии, а потоа и мала пауза во манастирот „Св. Ѓорѓи“ над селото Мала Речица.

По ова, тимот повторно се упати кон планинскиот дел, односно кон селото Вејце, а од од Вејце  се спуштија во Селце, во кое поради неговата поставеност претставуваше предизвик да се влезе и да се дојде до селската џамија и основното училиште. По него, беше посетено селото Лавце, каде се наоѓа Тетовското кале и кое има две цркви и една џамија.

Кога  тимот повторно дојде до градот, се упати на север во селото Ѓермо, планинско село до кое има асфалтен пат, како и основно училиште и селска џамија. Од Ѓермо, беа посетени македонските села Једоарце, Отуње и Сетоле, во кои селските цркви беа пронајдени релативно лесно, бидејќи се веднаш покрај асфалтниот пат.

Оваа Викиекспедиција не само што ги документираше убавините на Тетовскиот регион, туку и значително ја збогати Википедија со нови фотографии и податоци за селата, црквите, џамиите и другите обележја од овој дел на Македонија. Ова е уште еден успешен чекор во мисијата на Викимедија МКД за зачувување и споделување на македонското културно и природно богатство.

Одржана конференција за вработени во ГЛАМ институции во Градска библиотека „Браќа Миладиновци”

Програмата „ГЛАМ“ на Викимедија МКД е една од трите главни програми на организацијата, покрај програмата за образование и програмата за заедница. ГЛАМ е всушност англиски акроним за галерии (galleries), библиотеки (libraries), архиви (archives) и музеи (museums) и подразбира соработка, делување и спроведување активности во тесно партнерство во институции од овој вид. Ваквата соработка подразбира активности од различен вид, како што се работилници на зададена тема, обука на кадар од институциите за користење на Википедија, уредувачки сесии за збогатување на содржините на Википедија и нејзините сродни проекти, испраќање матичен Википедијанец кој би бил врска помеѓу институцијата и здружението и кој активно ќе ја подобрува содржината на Википедија и нејзините сродни проекти.

Мотивирани од ваквите цели, на 6 декември 2024 година во амфитеатарот на градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ,членови на Викимедија МКД одржаа конференција со работен наслов „Напредно уредување на Википедија“ наменет за вработени лица во музеи, библиотеки, галерии и архиви. Ова е прва од ваков вид одржана во Македонија, а воедно и прва наменска конференција од ваков тип во организација на Викимедија МКД во тесна соработка со ГБ „Браќа Миладинови“ – Скопје. Конференцијата, покрај теоретскиот дел и предавња, вклучи и обука на кадар од овие институции за користење на Википедија и давање нивен придонес кон развојот на енциклопедијата. Конференцијата беше посетена од 30 учесници од различни институции.

По воведното обраќање на претседателот на Здружението Николче Стојаноски и неговото потенцирање за важноста на соработката со овие институции за добивање на цврсти и веродостојни слободни содржини, се обрати и извршниот директор на Викимедија МКД,  Снежана Штрковска. Нејзиниот осврт беше насочен кон тоа што е Википедија и како треба да изледа една солидна, доброверифицирана статија од енциклопедиски стил. По практичната едночасовна обука овозможена за присутните 30 учесници, излагање имаше и претставник на Викимедија Србија која исто така ја потенцираше важноста на овие институции за слободното знаење. Крајниот дел беше резервиран за Ана Вишинова, ГЛАМ координатор, која го преслика своето искуство и историскиот развој и значење на ГЛАМ програмата на Викимедија МКД.

Важноста од создавање на слободни содржини и дигитализација на материјали, документи, и културно-историско наследство беше препознаена од сите учесници на конференцијата. Различниот профил на учесници, кои всушност застапуваа институции од ваков тип, само ја потврди сплотеноста на дел од културните работници за соработка со Викимедија МКД и реализирање проекти од ваков вид.

Фотографскиот материјал од настанот можете да го погледнете на следнава врска.