Одржана обука за ученици од основно училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ – Скопје

Образовната програма на Викимедија МКД претставува една од клучните активности на здружението, насочена кон унапредување на дигиталната писменост, критичкото размислување и активно вклучување на учениците и наставниците во создавањето и споделувањето на слободно знаење. Преку оваа програма, Викимедија МКД соработува со основни и средни училишта, факултети и други образовни институции, нудејќи обуки и работилници за уредување на Википедија, со цел младите да се стекнат со практични вештини за пишување, преведување и прилагодување енциклопедиски содржини на македонски јазик.

Во рамки на овие активности, на 5 февруари во 11:30 часот, во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ – Скопје, се одржа обука за уредување на Википедија, наменета за ученици кои за првпат имаа можност подетално да се запознаат со принципите и функционирањето на слободната енциклопедија.

Обуката започна со предавање одржано од Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма на Викимедија МКД. Таа им ги претстави на учениците основните правила на Википедија, значењето на слободното знаење, важноста на неутралната гледна точка, како и улогата на веродостојните извори при пишување енциклопедиски содржини. Преку примери и интерактивна дискусија, учениците се запознаа со начинот на креирање и уредување статии, како и со одговорноста што ја носи придонесувањето кон една глобална платформа каква што е Википедија.

По теоретскиот дел, обуката продолжи со практична работа, при што учениците имаа можност самостојно да уредуваат и да создаваат нови статии на Википедија на македонски јазик. На настанот учествуваа 6 ученици, под менторство на професорката Бранка Ивановска-Блажевска кои покажаа голем интерес и мотивација за активно вклучување во процесот на создавање слободни образовни содржини.

Како резултат на обуката, беа напишани 8 нови статии, со што учениците дадоа конкретен и видлив придонес кон збогатување на содржините на Википедија на македонски јазик. Преку овој процес, тие не само што се стекнаа со технички вештини за уредување, туку и научија како да работат со постоечки содржини, да преведуваат и прилагодуваат статии од други јазични изданија и да ги претставуваат информациите на јасен, неутрален и енциклопедиски начин.

Ваквите активности имаат особено значење во образовниот процес, бидејќи ги охрабруваат учениците активно да учествуваат во создавањето знаење, наместо да бидат само негови пасивни корисници. Истовремено, тие придонесуваат кон развој на критичко размислување, одговорно користење на интернетот и зголемена свест за важноста на слободните образовни ресурси.

Викимедија МКД и понатаму ќе продолжи со спроведување на вакви обуки во рамки на својата образовна програма, со цел да се зајакне соработката со образовните институции и да се поттикне поголемо учество на младите во уредувањето на Википедија. Преку ваквите иницијативи, здружението придонесува кон градење одржлива заедница на уредници и кон унапредување на квалитетот и достапноста на слободното знаење на македонски јазик.

Резултати од уредувачките денови и уредувачките викенди – јануари 2026

Во текот на јануари 2026 година, Викимедија МКД ги реализираше редовните уредувачки денови и уредувачки викенди, кои претставуваат важен дел од активностите за развој и збогатување на Википедија на македонски јазик. Овие настани повторно покажаа дека заедничката и координирана работа на волонтерите има значајно влијание врз зголемувањето на квалитетната слободна енциклопедиска содржина.

Во рамки на уредувачките денови и викенди, учесниците работеа на создавање нови, како и на подобрување на постојни статии од однапред утврдени тематски области. Со пишувањето на статии, уредниците придонесоа за зголемување на точноста, обемот и разновидноста на содржините на Википедија на македонски јазик, со што директно се подобрува и пристапот до слободно знаење за пошироката јавност.

Посебно значајно за 2026 година е воведувањето на нова практика за доделување награди, според која наградата за најактивните учесници во уредувачките денови и викенди ќе се доделува еднаш месечно. Оваа новина има за цел дополнително да ја мотивира заедницата за континуирано учество, како и да обезбеди почесто препознавање и вреднување на трудот и посветеноста на волонтерите.

Па така резултатите за јануари 2026 се следниве:

  • Учествуваа вкупно 11 уредници
  • беа напишани 120 статии, а подобрени 9 статии.

Врз основа на остварените резултати, бројот на уредувања и вкупниот придонес во текот на месецот, беше избран и добитникот на наградата за јануари 2026 година.  Добитник на наградата:

  • Bojan9Spasovski – вредносен ваучер од 2500 денари

Викимедија МКД упатува искрена благодарност до сите уредници кои учествуваа во јануарските уредувачки денови и викенди, без разлика на обемот на нивниот придонес. Секое уредување, секоја нова или подобрена статија, претставува важен чекор кон унапредување на Википедија на македонски јазик и ширење на слободното знаење.

Со ваквите активности, Викимедија МКД продолжува да ја зајакнува уредувачката заедница и да создава простор за активно вклучување на нови и искусни уредници. Со нетрпение ги очекуваме и следните уредувачки денови и уредувачки викенди, како и новите резултати што ќе произлезат од заедничката работа.

Уредувачки натпревар „Минералогија“- учествувајте и освојте награди

Уредувачките натпревари претставуваат една од редовните активности на Викимедија МКД, насочени кон поттикнување на создавање и унапредување на квалитетна слободна енциклопедиска содржина на Википедија на македонски јазик. Преку овие натпревари, Викимедија МКД ги мотивира уредниците да обработуваат одредени тематски области, да ја збогатуваат постоечката содржина и да придонесуваат кон зголемување на достапното слободно знаење.

Натпреварите се отворени за сите заинтересирани, без разлика на нивното искуство во уредување, и претставуваат одлична можност за стекнување нови знаења, развој на уредувачки вештини и активно вклучување во заедницата на Википедија.

Уредувачки натпревар на тема „Минералогија“, има за цел збогатување и унапредување на содржините на Википедија на македонски јазик од областа на минералогијата и сродните научни дисциплини. Натпреварот се одржува во периодот од 1 февруари до 28 февруари 2026 година и е отворен за сите заинтересирани уредници, како за почетници, така и за искусни корисници на Википедија.

Во рамките на натпреварот, учесниците можат да создаваат нови или да подобруваат постоечки статии поврзани со минерали, минералошки процеси, кристалографија, значајни минералози и други теми од областа на минералогијата. Сите статии треба да бидат напишани во енциклопедиски стил и да содржат релевантни и проверливи извори, во согласност со правилата и насоките на Википедија.

За да учествуваат во натпреварот и да влезат во конкуренција за награди, учесниците треба да ги пријават своите статии на официјалната страница на натпреварот.

Награди

За најуспешните учесници на уредувачкиот натпревар „Минералогија“ ќе бидат доделени награди, во согласност со утврдените правила и критериуми за оценување. Статиите ќе бидат оценувани врз основа на нивниот квалитет, обем, енциклопедиски стил, користење на релевантни извори и усогласеност со правилата на Википедија.

Наградите имаат за цел да го вреднуваат вложениот труд и да го поттикнат понатамошното активно учество на уредниците во создавањето и споделувањето на слободно знаење.

За да се освои било која награда за плодотворност, потребно е да се создадат или подобрат најмалку 25 статии оценети со просечна оценка од најмалку 2,0 од страна на членовите на Оценувачкиот одбор, а за да се освои посебната награда, посебно е да се создадат или подобрат најмалку 15 статии за минерали оценети со просечна оценка од најмалку 2,0 од страна на членовите на Оценувачкиот одбор. Наградите се следниве:

  • Прва награда: купон во вредност од 12.000 денари
  • Втора награда: купон во вредност од 6.000 денари
  • Трета награда: купон во вредност од 3.000 денари

Покрај главните награди предвидени се и следниве награди:

  • Награда за најдобра статија – вредносен купон во вредност од 5.000 денари.
  • Награда за најдобар нов учесник – вредносен купон во вредност од 2.000 денари.
  • Посебна награда – вредносен купон во вредност од 3.000 денари.

Преку овој уредувачки натпревар, Викимедија МКД има за цел да го поттикне создавањето на квалитетна слободна енциклопедиска содржина, да ја зајакне уредувачката заедница и да го промовира значењето на слободното знаење. Ги охрабруваме сите заинтересирани да се вклучат и да дадат свој придонес кон развојот на Википедија на македонски јазик.

Одржана обука за ученици од СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“- Скопје

Образовната програма на Викимедија МКД претставува една од клучните активности на здружението, насочена кон вклучување на учениците и наставниците во процесот на создавање, споделување и користење на слободно знаење. Програмата има за цел да ја унапреди дигиталната писменост кај младите, да ги развие нивните истражувачки вештини и критичко размислување, како и да ги запознае со принципите на слободните лиценци и одговорното онлајн уредување. Преку директна работа со ученици, Викимедија МКД придонесува кон збогатување на содржините на Википедија на македонски јазик и поттикнува активно граѓанство и учество во дигиталното општество.

Во рамките на оваа образовна програма, на 30.01.2026 година, во просториите на Викимедија МКД сместени во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, беше одржана обука за ученици. Најпрво предавање одржа Боса Филиповиќ, менаџер за образовната програма на Викимедија МКД, која ги запозна учениците со мисијата и активностите на Викимедија МКД, основните принципи на Википедија, правилата за енциклопедиско пишување, како и со значењето на слободното знаење и одговорното онлајн уредување. На обуката учествуваа 6 ученици од гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје, кои покажаа голем интерес за процесот на создавање и уредување енциклопедиски содржини.

По теоретскиот дел, следуваше практичниот дел. Учениците работеа на избор на теми и структурирање на текстовите во согласност со стандардите на Википедија. Со поддршка од менторите на Викимедија МКД, учениците уредуваа статии, ги структурираа содржините и ги усогласуваа со стандардите на Википедија. Преку оваа работа, тие стекнаа практично искуство во уредување и одржување на статии во рамките на најголемата онлајн енциклопедија.

Како резултат на обуката, учесниците напишаа вкупно 13 нови статии, со што дадоа придонес кон зголемување и унапредување на слободната енциклопедиска содржина на македонски јазик. Ваквите активности ја потврдуваат важноста на соработката помеѓу образовните институции и Викимедија МКД и ја нагласуваат улогата на учениците како активни создавачи, а не само корисници на знаење.

Викимедија МКД и понатаму ќе продолжи со реализација на вакви обуки и едукативни настани, со цел да се поттикне интересот за слободното знаење и да се зајакне културата на споделување и соработка меѓу младите.

Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.

Уредувачки натпревар „Митологија“- нови статии и нови награди

Уредувачките натпревари претставуваат една од клучните активности преку кои Викимедија МКД континуирано придонесува кон развојот и збогатувањето на Википедија на македонски јазик. Преку овие тематски настани, уредниците се поттикнуваат да создаваат, прошируваат и подобруваат статии од определени области, со што се зголемува и квалитетот и разновидноста на слободното знаење достапно за јавноста. Уредувачките натпревари, покрај тоа што овозможуваат фокусирана работа на конкретна тема, претставуваат и одлична можност за вклучување на нови уредници, размена на искуства и унапредување на уредувачките вештини.

Во таа насока, Викимедија МКД го организираше уредувачкиот натпревар на тема „Митологија“, кој се одржуваше во периодот од 29 ноември до 28 декември 2025 година. Темата „Митологија“ беше избрана со цел да се збогати Википедија на македонски јазик со содржини поврзани со митолошките системи, божества, легенди, јунаци, симболи и верувања од различни култури и цивилизации, кои претставуваат значаен дел од светското културно и духовно наследство.

Во текот на маратонот, учесниците имаа можност да работат на создавање на нови статии, како и на уредување и проширување на постоечки текстови од областа на митологијата, при што особено внимание беше посветено на користењето веродостојни извори и почитувањето на правилата и стандардите на Википедија. Придонесите опфатија широк спектар на теми – од антички митологии, преку народни верувања, па сè до помалку познати митолошки ликови и преданија.

Вкупно учествуваа 7 корисници и беа напишани 138 статии. По завршувањето на уредувачкиот маратон, сите прифатени уредувања беа разгледани и оценети од стручно жири составено од искусни уредници. Врз основа на утврдените критериуми, беа избрани најуспешните учесници и доделени следниве награди:

  • Прво местоТиверополник – вредносен купон во вредност од 12.000 денари.
  • Второ место19user99 – вредносен купон во вредност од 6.000 денари.

Покрај главните награди, беше доделена и следнава награда:

Уредувачкиот натпревар „Митологија“ уште еднаш ја потврди важноста на ваквите тематски активности за развојот на Википедија на македонски јазик, како и интересот на уредувачката заедница за теми поврзани со културата, историјата и митолошкото наследство. Викимедија МКД им се заблагодарува на сите учесници за нивниот труд и ангажман и ги охрабрува и понатаму активно да придонесуваат кон слободното знаење.

Македонската вики-заедница го прослави 25-тиот роденден на Википедија

На 15 јануари 2026 година, во Скопје свечено беше одбележан 25-тиот роденден на Википедија, еден од најзначајните проекти за слободно знаење во современиот свет. Четврт век по нејзиното основање во 2001 година, Википедија денес претставува глобална платформа што обединува милиони волонтери и милијарди читатели, нудејќи слободен пристап до знаење на стотици јазици. Роденденот на Википедија не е само повод за славење, туку и момент за потсетување на идејата дека знаењето треба да биде достапно за сите, без разлика на локација, јазик или општествен статус.

Токму во тој дух, македонската заедница на уредници, поддржувачи и пријатели на Википедија се собра за заеднички да го одбележи овој значаен јубилеј. Прославата се одржа во просториите на „Јавна соба“ во Скопје и започна во 19:00 часот, во пријатна и отворена атмосфера која овозможи не само официјално одбележување на роденденот, туку и продлабочена размена на идеи, искуства и визии за иднината на Википедија на македонски јазик. Присуствуваа 46 википедијанци, членови на Викимедија МКД, волонтерени и љубители на слободното знаење.

Настанот официјално го отвори Снежана Штрковска, извршен директор на Викимедија МКД, која во своето обраќање го истакна значењето на Википедија како проект што со години придонесува за ширење на слободното знаење и за јакнење на културата на споделување информации. Таа се осврна и на улогата на Викимедија МКД во поддршката на заедницата и развојот на вики-проектите во земјава.

Во продолжение следуваа говори од членовите на заедницата. Кирил Симеоновски се осврна на улогата на Википедија како образовен и општествен ресурс, потенцирајќи дека нејзината сила лежи во волонтерскиот дух и во заедничката одговорност за квалитетот на содржините. Тој зборуваше за континуитетот на уредувањето и за важноста на одржување активна и мотивирана заедница.

Тони Ристовски зборуваше за викиекспедициите, нагласувајќи ја нивната улога во документирањето на културното и природното наследство, како и во збогатувањето на содржините на Википедија со проверливи и теренски собрани информации.

Валентина Трајковска и Ирена Трајковска Стерјовска се осврнаа на Вики клубовите, при што ја истакнаа нивната важност како простор за едукација, вклучување нови уредници и градење на активна и мотивирана заедница, особено меѓу младите.

Ана Вишинова зборуваше за соработката на Википедија со музеите и ГЛАМ програмата на Викимедија МКД, посочувајќи ги придобивките од институционалните партнерства, размената на знаење и отворањето на културните содржини кон пошироката јавност преку вики-платформите.

Филип Белчев, се осврна на јазикот и на современите термини што се примаат во македонскиот јазик. Тој го нагласи значењето на Википедија како место каде што јазикот се развива, се документира и се прилагодува на новите општествени и технолошки текови.

Настанот беше заокружен со излагањето на Николче Стојаноски, претседател на Викимедија МКД, кој им се заблагодари на сите присутни за нивната посветеност, ангажман и поддршка. Тој нагласи дека успехот и опстојувањето на Википедија се должат токму на волонтерите и на заедничкиот труд вложуван низ годините.

По завршувањето на официјалниот дел, прославата продолжи во поопуштен дух со дружење меѓу присутните. Следуваа разговори, споделување искуства и размислувања за идните чекори на заедницата, а особено впечатлив момент беше сечењето на роденденската торта, со што симболично беше одбележан 25-годишниот пат на Википедија. Тортата претставуваше симбол на заедничкиот труд, истрајноста и континуираната посветеност на волонтерите кои со години вложуваат време и знаење.

Покрај самиот настан и преувкусната торта, Википедија доби и свои подароци. На самиот ден на роденденот, на 15 јануари 2026 година, Викимедија МКД објави повик до корисниците на Википедија да објават статии, нови или подобрени, како роденденски подарок за Википедија. Повикот траеше преку целиот ден, и беа објавени 17 нови статии и 14 Википедијанци дадоа свој подарок на Википедија и ја подобрија содржината на енциклопедијата.

Во завршницата на настанот беше истакнато дека ваквите средби не се само прослава на минатото, туку и поттик за иднината. Роденденот на Википедија послужи како потсетник дека слободното знаење е процес што постојано се гради и надградува, и дека секој поединец може да биде дел од тој процес. Беше нагласена потребата од понатамошно зајакнување на заедницата, вклучување нови уредници и продолжување на мисијата за создавање квалитетна, проверлива и достапна содржина.

Со оваа роденденска прослава, македонската вики-заедница уште еднаш ја потврди својата посветеност кон вредностите на Википедија и визијата за иднина во која знаењето останува слободно, отворено и достапно за сите. Прославата на 25-от роденден не беше само свечен настан, туку јасен показател дека Википедија ќе продолжи да живее и да се развива преку луѓето кои стојат зад неа.

Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следна врска.

Уредувачки денови и уредувачки викенди 2025 – многу нови статии и нови награди

Континуираното уредување е срцето на Википедија, а уредувачките денови и уредувачките викенди претставуваат платформа каде што знаењето се создава заеднички. Во текот на 2025 година, оваа активност прерасна во динамична и продуктивна иницијатива која ги обедини уредниците на Википедија на македонски јазик околу една заедничка цел — проширување и подобрување на слободното знаење.

Преку редовни уредувачки сесии, кои се одвиваа двапати неделно, како и за време на викендите, учесниците работеа на пишување нови и унапредување на постоечки статии од различни области. Покрај конкретниот придонес во бројки, овие настани имаа значајна улога во зацврстувањето на уредувачката заедница и поттикнувањето на соработката меѓу волонтерите.

Како признание за посветеноста и континуираниот ангажман, беа доделени награди на уредниците кои остварија најдобри резултати според вкупниот учинок од уредувачките денови и викенди. Наградите беа во форма на купони за книги и техничка опрема, а право на учество во изборот за награди имаа уредници кои:

  • учествувале во најмалку 100 уредувачки сесии;
  • биле активни во најмалку 10 месеци од годината; и
  • создале или значително подобриле најмалку 150 енциклопедиски содржини.

По завршувањето на циклусот за 2025 година, ги објавуваме резултатите и ги издвојуваме  уредниците со највисок вкупен придонес:

  • Добитник на прва награда: П.Неделковски — купон во вредност од 15.000 денари
  • Добитник на втора награда: 19user99 — купон во вредност од 9.000 денари

Во рамките на уредувачките денови и викенди во 2025 година активно учествуваа 38 уредници, при што беа создадени и подобрени вкупно 682 статии. Овие резултати претставуваат јасен показател за значењето на волонтерскиот придонес и континуираната работа на заедницата.

Иницијативата продолжува и понатаму, отворајќи простор за нови учесници и идеи. Сите кои сакаат да придонесат кон слободното знаење се добредојдени да се приклучат и да станат дел од Википедија на македонски јазик.

Знаењето расте кога се споделува.
Вклучи се. Уредувај. Придонеси.

Википедија слави 25 години слободно знаење

На 15 јануари 2026 година Википедија одбележува значаен јубилеј – 25 години постоење како најголема слободна енциклопедија во историјата на човештвото. Основана во 2001 година како амбициозен експеримент за заедничко создавање знаење, Википедија денес претставува еден од најкористените извори на информации во светот. Таа е достапна на стотици јазици и секојдневно им служи на милиони корисници, благодарение на принципите на слободен пристап, неутралност и заедничка соработка.

Во Македонија, овој значаен јубилеј го одбележува македонска вики заедница и здружението Викимедија МКД, кое со години активно работи на промоција, поддршка и развој на Википедија на македонски јазик и останатите проекти на Фондацијата Викимедија. Преку организирање на уредувачки маратони, обуки за нови уредници, соработки со образовни, културни и научни институции, како и преку поддршка на волонтерската заедница, Викимедија МКД придонесува Википедија на македонски јазик континуирано да се збогатува со квалитетни, проверени и релевантни содржини.

Дваесет и пет годишнината на Википедија не е само повод за свечено одбележување, туку и можност да се потсетиме дека вистинската сила на овој проект лежи во луѓето кои го создаваат. Секоја статија, секоја дополнета информација и секоја уредувачка интервенција е резултат на доброволна посветеност и желба за споделување знаење. Токму затоа, улогата на локалните заедници и здруженија, како што е Викимедија МКД, е од суштинско значење за долгорочниот развој и квалитет на Википедија.

По повод овој голем јубилеј, роденденот на Википедија ќе се прослави со свечена прослава која ќе се одржи во 19 часот во „Јавна соба“. Настанот ќе биде посветен на заедничко славење на 25-годишниот пат на Википедија, со осврт на нејзината историја, значењето на слободното знаење и улогата на заедницата во нејзиниот успех. Прославата ќе биде можност за дружење, размена на искуства, неформални разговори и зајакнување на врските меѓу членовите на вики-заедницата.

Во рамки на прославата ќе се одбележи придонесот на долгогодишните уредници и поддржувачи, како и улогата на Викимедија МКД во развојот на проектите на Фондацијата Викимедија во Македонија. Настанот има за цел да ја истакне вредноста на заедништвото, волонтерството и споделувањето знаење како темели врз кои е изградена Википедија.

Дваесет и петтиот роденден на Википедија претставува симболичен момент за поглед нанапред – кон иднината на слободното знаење. Преку оваа прослава, македонската вики-заедница не само што ја одбележува историјата на проектот, туку и ја потврдува својата заложба за негов понатамошен развој.

Исто така, по повод овој јубилеј, Викимедија МКД ги повикува сите активни уредници на Википедија да се вклучат во одбележувањето со конкретен придонес. Ги охрабруваме сите да напишат нова статија или да подобрат постоечка, да обработат тема која досега не била доволно застапена или да го збогатат постојното знаење со нови извори и информации.

Пишувањето на статија ќе биде нашиот роденденски подарок за Википедија – симболичен, но исклучително вреден подарок од заедницата, кој ќе го одбележи овој значаен јубилеј. Со секоја нова статија, ние не само што ја славиме историјата на Википедија, туку и активно придонесуваме за нејзината иднина, оставајќи трајно наследство на слободно знаење за сите сегашни и идни генерации.

#1Lib1Ref 2026 – да ја подобриме цитираноста на Википедија

Википедија е најголемата слободна енциклопедија на светот и постои благодарение на волонтерскиот труд на илјадници уредници. Секој внесен извор, секоја проверена информација и секоја добро поткрепена статија ја прават Википедија посигурна и поповерлива за сите кои ја користат. Но, процесот никогаш не завршува – секоја недоволно цитирана статија претставува можност за подобрување.

Во духот на оваа мисија, Википедија на македонски јазик се приклучува на меѓународната иницијатива #1Lib1Ref, која ја поттикнува заедницата да додава веродостојни извори и да ја зајакнува доверливоста на енциклопедијата. Иницијативата се одвива како натпревар, и е отворен за сите кои сакаат да придонесат – од почетници до искусни уредници. Натпреварот се организира на локално ниво на македонската Википедија, но истовремено е дел од поширок регионален проект во Средна и Источна Европа.

Заинтересираните уредници може да учествуваат на овој повик и да ја подобрат содржината на Википедија која нема или има мал број на наводи. Натпреварот се одржува од 15 јануари 2026 до 5 февруари 2026 година.

Натпреварот има предвидено и соодветни награди за уредниците кои ќе го исполнат критериумот и соодветно ќе зачуваат уредувањето, односно:

  • За да се освои награда, потребно е да се наведат најмалку 100 веродостојни извори во најмалку 50 различни статии, и
  • Во описот на измената задолжително да се внесе #1Lib1Ref и #1Lib1RefCEE.

Наградите кои се предвидени за овој натпревар се:

  • Прва награда: купон во вредност од 6.000 денари.
  • Втора награда: купон во вредност од 4.000 денари.
  • Трета награда: купон во вредност од 2.000 денари.

Покрај овие награди предвидени се и регионални награди.

Вашата работа има вистинско влијание. Секој вметнат извор не само што ја зајакнува енциклопедијата, туку ја прави информацијата достапна и проверлива за илјадници луѓе секој ден. Придружувајќи се на #1Lib1Ref, станувате дел од глобална заедница која гради доверлива и квалитетна Википедија. Пронајдете извор, вметнете го, зачувајте ја статијата и гледајте како вашата мала акција станува дел од голема промена. Можеби токму вие ќе бидете еден од наградените учесници!

„Фотолов 2026“ – проектот продолжува и во 2026 година

Ќе посетите некој концерт, изложба или фестивал? Сакате да споделите фотографии од настанот за образовно-информативни цели? Фотолов е проект токму за вас!

Што е „Фотолов“?

Фотолов 2026“ e проект наменет за поединци и групи заинтересирани да организираат посета на место или настан со цел да создадат фотографии коишто би ги објавиле под лиценца за слободна документација за да може да се користат на проектите на Викимедија. Важно е содржините да содржат точни описи и подоцна истите да бидат употребени во статии на Википедија на македонски јазик.

Како да учествувате?

Секој кој е заинтересиран да спроведе фотолов потребно е да го пополни следниот Формулар за пријавување. Предложувачот треба јасно да ги претстави своите планови, образложувајќи кој настан ќе го фотографира, со кое превозно средство ќе патува (доколку е ова важно), колку време ќе трае потфатот (дали е еднодневен и неколкучасовен настан или трае повеќе дена), колку членови ќе учествуваат во екипата (ако ги има) и колкави се проценетите трошоци. Врз основа на содржината на барањето, заедницата ќе донесе одлука за тоа дали предлогот треба да биде одобрен. Сите фотографски материјали под лиценца за слободна документација да бидат подигнати на Заедничката ризница.

Имам трошоци?

Право на надомест за направените трошоци за време на фотоловот има секој предлагач на фотолов одобрен од страна на заедницата на Википедија на македонски јазик. Трошоците што подлежат на надомест вклучуваат: патни трошоци, трошоци за локален превоз, трошоци за храна и пијалаци доколку е настан што трае повеќе дена, и трошоци за влезници, сето ова во висина до 4.000 денари, под услов да има подигнато најмалку 30 фотографски записи и да се приложат соодветни докази за трошоци.

Викимедија МКД ви овозможува преку забава да документирате настани за корист на општата читателска публика!