Oдржана конференција за наставници и започна со работа вики клубот во ОOУ „Видoe Подгорец“ во село Колешино, Струмица

Конференциите за наставници претставуваат еден од клучните проекти на Викимедија МКД, насочен кон унапредување на образованието преку користење на слободни и отворени образовни ресурси. Преку овие конференции, Викимедија МКД има за цел да ги запознае наставниците со можностите што ги нуди Википедија и сродните вики-проекти, како и да поттикне нивна активна примена во наставниот процес. Проектот е насочен кон развој на дигиталната писменост, критичкото размислување и активно учество на учениците во создавањето знаење.

Во рамки на овој проект, на 11.02.2026 година се одржа конференција за наставници во основното училиште „Видoe Подгорец“, кое се наоѓа во селото Колешино, Струмица. Настанот беше организиран во соработка со училиштето и беше наменет за наставниот кадар, со цел да се претстават можностите за користење на Википедија како современа образовна алатка и да се охрабрат наставниците да ги вклучат учениците во активности поврзани со слободното знаење.

Конференцијата започна со излагање на Снежана Штрковска, извршен директор на Викимедија МКД. Во своето обраќање таа зборуваше општо за Википедија, нејзината историја, принципите на слободно знаење и начинот на функционирање на оваа глобална енциклопедија. Таа истакна дека Википедија е еден од најкористените извори на информации во светот, но и дека е важно наставниците и учениците да знаат како правилно и одговорно да ја користат, со посебен акцент на проверка на извори, неутралност и точност на информациите.

По неа, свое излагање имаше Боса Филиповиќ, менаџер за образовната програма на Викимедија МКД, која детално ја претстави образовната програма на организацијата. Таа зборуваше за целите на програмата, за моделите на соработка со основни и средни училишта, како и за начините на кои уредувањето на Википедија може да се интегрира во наставата по различни предмети. Во своето излагање, таа посочи дека учениците преку оваа програма не само што стекнуваат знаења, туку развиваат и вештини за истражување, тимска работа и одговорно користење на дигитални алатки.

Во продолжение, Лили Арсова, координаторка на Вики клуб Велес, го сподели своето практично искуство од работата со ученици во рамки на вики клубот. Таа зборуваше за процесот на формирање и одржување на вики клуб, за мотивацијата на учениците, како и за позитивното влијание што редовното уредување на Википедија го има врз нивната самодоверба и интерес за учење. Нејзиното излагање беше особено значајно за наставниците, бидејќи понуди конкретни примери и идеи кои можат да се применат и во други училишта.

На конференцијата присуствуваа 30 професори, кои со внимание ги следеа излагањата и активно учествуваа во дискусијата. Наставниците покажаа интерес за можностите за понатамошна соработка со Викимедија МКД, како и за вклучување на учениците во идни активности поврзани со уредување на Википедија и користење на отворени образовни ресурси.

Истиот ден, по завршувањето на конференцијата за наставници, беше отворен и започна со работа вики клубот во истото училиште и беше организирана обука за учениците од вики клубот за уредување на Википедија. Обуката имаше едукативен и практичен карактер и беше наменета за ученици кои за првпат се запознаа со основните правила и принципи на Википедија.

На обуката учествуваа 8 ученици, кои под менторство на обучувачите од Викимедија МКД научија како да креираат и уредуваат статии и како да придонесуваат со квалитетна содржина. Како резултат на оваа активност, беа напишани 9 статии на Википедија, со што учениците дадоа конкретен придонес кон збогатување на содржините на македонски јазик.

Со одржувањето на вакви настани, Викимедија МКД продолжува активно да работи на зајакнување на соработката со образовните институции низ државата и на промоција на слободното знаење. Конференцијата и обуката во основното училиште „Видoe Подгорец“ во село Колешино претставуваат уште еден чекор кон создавање поотворена, подигитална и поинклузивна образовна средина.

Фотографскиот материјал од Конференцијата за наставници може да го погледнете на следнава врска, а од обуката за ученици од вики клубот во Колешино тука.