На 26 април, во просториите на Музејот на современата уметност во Скопје, со почеток во 18:00 се одржа јубилеен настан за одбележување 10 години од спроведувањето на проектот „Викиекспедиции“. Настанот беше организиран од неговите членови, кои се дел од македонскиот огранок на Википедија, здружението Викимедија МКД. Настанот привлече бројни посетители – љубители на фотографијата, историјата, културата и вљубеници во македонското рурално наследство, кои имаа можност да се запознаат со една поинаква и автентична слика за нашата земја.
Проектот „Викиекспедиции“ е долгогодишна иницијатива којашто целосно се спроведува на волонтерска основа од 2015 година. Главна цел е систематско документирање на македонските села и нивната околина преку фотографирање, истражување на локалната историја и култура, како и преку создавање и збогатување содржини на Википедија на македонски јазик. Благодарение на овој проект, многу населени места и нивните природни и културни богатства, кои сè уште остануваат недоволно познати за пошироката јавност, денес се видливи и достапни за секој читател на Википедија.
Од започнувањето на проектот до денес променети се осумнаесет различни членови на екипата којашто ги спроведува теренските истражувања, но составот во последните шест години e стабилен и го сочинуваат четири членови, секој со своја специфична улога: истражувач, кој ги проучува и бележи податоците за селата и нивните знаменитости; фотограф, кој визуелно го документира сето она што е забележително и значајно; возач, кој ја олеснува мобилноста и пристапот до понекогаш тешко достапни населени места; и оператор на дрон, кој овозможува снимање од птичја перспектива, притоа откривајќи нови димензии на македонската убавина.
Во изминатите десет години, во рамки на проектот се истражени 46 различни области низ Македонија, посетени се вкупно 1083 села, што претставува речиси 62% од сите села во државата. Притоа, направени се над 18.500 фотографии кои сведочат за живописната природа, богатото културно наследство и автентичниот рурален живот. Овие материјали резултираа со создавање и подобрување на повеќе од 3.200 статии на Википедија на македонски јазик, што претставува значаен придонес кон дигитализацијата и зачувувањето на македонската култура.
На изложбата беа претставени 100 внимателно одбрани фотографии, кои го отсликуваат истражувачкиот дух на тимот, љубовта кон татковината и стремежот кон зачувување на сето она што ја прави Македонија уникатна. Посетителите имаа можност да видат импресивни пејзажи, автентична архитектура, цркви и манастири, споменици на културата, како и моменти од секојдневниот живот во руралните заедници. Покрај тоа, изложени беа и карти на Македонија со местоположбата на документираните места и знаменитости, фотографии од учесниците за време на експедициите, дел од опремата со којашто се создадени фотографиите, бележлиниците со прибраните информации од истражувањата, како и брендирани производи.
Настанот беше збогатен и со официјални обраќања на членовите на тимот на проектот: Тони Ристовски, Кирил Симеоновски, Нино Богдановски, Деан Лазаревски како и најмладиот член на тимот Никола Трајковски. Тие пред присутните говореа за мотивацијата зад проектот, за предизвиците на теренските истражувања, како и за важноста на мисијата да се зачува и промовира богатото македонско културно и природно наследство. Нивните инспиративни зборови уште повеќе ја нагласија вредноста на вложениот труд и важноста на волонтерството во зачувувањето на идентитетот и историјата на Македонија.
Настанот не беше само од културна природа, туку и силна порака за важноста на документацијата, истражувањето и зачувувањето на нашето заедничко наследство. Тој претставуваше вистинско патување низ селата во Македонија, нудејќи една поинаква перспектива за убавините на нашата земја – таа што ја имаат оние кои патуваат низ заборавените патишта и ги забележуваат скриените бисери на македонската рурална душа.
Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.