Одржана работилница ,,Растенијата околу нас“ за ученици од вики клубот од ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Скопје

Работилниците што ги организира Викимедија МКД претставуваат значаен дел од нашата мисија за ширење на слободното знаење и поттикнување на младите генерации активно да учествуваат во неговото создавање. Преку различни едукативни активности, обуки и тематски работилници, учениците и наставниците се запознаваат со принципите на уредување на Википедија, важноста на користење релевантни и проверливи извори, како и со начинот на креирање квалитетна енциклопедиска содржина. Овие работилници имаат двоен ефект – од една страна го збогатуваат македонското говорно подрачје со нови информации, а од друга страна придонесуваат за развој на дигиталната писменост и критичкото размислување кај младите.

Во рамките на овие активности, на 24.04.2026 година се одржа работилницата „Растенијата околу нас“, која беше наменета за членовите на Вики клубот при ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“. Оваа работилница беше тематски насочена кон растителниот свет, со цел учениците да се запознаат подетално со различни видови растенија, нивните карактеристики, значење и распространетост, а потоа стекнатото знаење да го преточат во енциклопедиски статии на Википедија.

На работилницата учествуваа вкупно 7 ученици и 1 наставничка, кои покажаа голем интерес и посветеност во текот на целиот процес. Работата беше организирана преку комбинација на теоретски и практични активности. Краток воведен дел од работилницата беше посветен на предавање од страна на Боса Филиповиќ и Снежана Штрковска. Тие ги запознаа учениците со мисијата на Викимедија, значењето на слободното знаење и можностите што ги нуди Википедија како платформа за учење и споделување информации. Преку своето излагање, дополнително ги мотивираа учениците активно да се вклучат во уредувањето и создавањето квалитетни содржини.

Потоа следеше практичниот дел, каде учениците самостојно, но со поддршка од менторите, започнаа со пишување и уредување на статии. Како резултат на нивната работа, беа напишани вкупно 23 нови статии, кои претставуваат вреден придонес кон збогатување на содржините на Википедија на македонски јазик.

Атмосферата за време на работилницата беше динамична, мотивирачка и исполнета со ентузијазам. Учениците активно соработуваа, разменуваа идеи и си помагаа меѓусебно, што дополнително придонесе за успешноста на настанот. Ваквиот пристап на учење преку практика се покажа како многу ефикасен, бидејќи учениците беа директно вклучени во процесот на создавање знаење.

Оваа работилница уште еднаш ја потврди важноста на Вики клубовите и нивната улога во образовниот процес. Преку ваквите активности, учениците не се само пасивни корисници на информации, туку стануваат активни создавачи и споделувачи на знаење. Воедно, тие развиваат чувство на одговорност за точноста и квалитетот на информациите што ги објавуваат.

Фотографскиот материјал од настанот, може да го погледнете на следнава врска.