Започнува „СИЕ Пролет 2026“ – приклучете се и збогатете ја Википедија

Започнува уредувачкиот натпревар „СИЕ Пролет 2026“, дел од меѓународната иницијатива што има за цел збогатување на содржините на Википедија поврзани со земјите од Средна и Источна Европа. Овој натпревар традиционално се организира секоја година, обединувајќи уредувачи од различни јазични заедници, со цел да се подобри квалитетот и опфатот на слободното знаење за регионот.

Натпреварот се одржува во периодот од 1 до 30 април 2026 година и е отворен за сите регистрирани корисници на Википедија на македонски јазик. Учесниците можат да создаваат нови статии или да ги подобруваат постоечките, согласно зададената листа на предложени теми, како и правилата и насоките на натпреварот.

Главната цел на „СИЕ Пролет 2026“ е да се намалат содржинските празнини за теми поврзани со регионот на Средна и Источна Европа, но и да се поттикне активноста на заедницата, да се мотивираат нови уредувачи и да се зајакне соработката помеѓу постоечките членови. Преку ваквите иницијативи, Википедија на македонски јазик продолжува да расте и да се развива како значаен образовен и информативен ресурс.

Сите статии треба да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии треба да бидат напишани на енциклопедиски стил и да имаат извори. При уредување на натпреварот или по завршувањето на истиот, сите учесници треба да се запишат со кои статии учествувале. Во натпреварот имаат можност да учествуваат сите регистрирани корисници на Википедија на македонски јазик освен членовите на оценувачкиот одбор, а за најдобрите учесници се обезбедени награди.

Наградите за овој натпревар се предвидени да бидат вредносни купони за техничка стока и ваучери за книги. Наградите ќе бидат купени по завршувањето на уредувачкиот натпревар во вид на ваучери од продавница со седиште во Македонија. Наградите се следниве:

  • Прва награда за најдобар уредник  – вредносен купон во висина од 10.000 денари.
  • Втора награда за најдобар уредник  – вредносен купон во висина од 5.000 денари.
  • Трета награда за најдобар уредник  – вредносен купон во висина од 3.000 денари.

Покрај овие три награди, овој уредувачки натпревар предвидува и:

  • Награда за најдобра статија – вредносен купон во висина од 4.000 денари
  • Награда најдобар постоечки учесник кој претходно не учествувал на уредувачките натпревари „СИЕ Пролет“ – вредносен купон во висина од 2.000 денари
  • Награда за најмногу уредени статии од различни земји учеснички на натпреварот – вредносен купон во висина од 2.000 денари

За да може некој учесник да добие награда во некоја од категориите, мора да има напишано/подобрено најмалку 20 статии од списоците на другите учесници во натпреварот и истите да бидат оценети со просечна оценка од најмалку 2,0 од страна на членовите на оценувачкиот одбор).

Ги повикуваме сите заинтересирани да се приклучат на „СИЕ Пролет 2026“ и да дадат свој придонес во создавањето и споделувањето на слободното знаење, истовремено збогатувајќи ја содржината на Википедија на македонски јазик и проширувајќи ги темите поврзани со Средна и Источна Европа.