Програмата „ГЛАМ“ на Викимедија МКД е една од трите главни програми на организацијата, покрај програмата за образование и програмата за заедница. ГЛАМ е всушност англиски акроним за галерии (galleries), библиотеки (libraries), архиви (archives) и музеи (museums) и подразбира соработка, делување и спроведување активности во тесно партнерство во институции од овој вид. Ваквата соработка подразбира активности од различен вид, како што се работилници на зададена тема, обука на кадар од институциите за користење на Википедија, уредувачки сесии за збогатување на содржините на Википедија и нејзините сродни проекти, испраќање матичен Википедијанец кој би бил врска помеѓу институцијата и здружението и кој активно ќе ја подобрува содржината на Википедија и нејзините сродни проекти.
Мотивирани од ваквите цели, на 6 декември 2024 година во амфитеатарот на градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ,членови на Викимедија МКД одржаа конференција со работен наслов „Напредно уредување на Википедија“ наменет за вработени лица во музеи, библиотеки, галерии и архиви. Ова е прва од ваков вид одржана во Македонија, а воедно и прва наменска конференција од ваков тип во организација на Викимедија МКД во тесна соработка со ГБ „Браќа Миладинови“ – Скопје. Конференцијата, покрај теоретскиот дел и предавња, вклучи и обука на кадар од овие институции за користење на Википедија и давање нивен придонес кон развојот на енциклопедијата. Конференцијата беше посетена од 30 учесници од различни институции.
По воведното обраќање на претседателот на Здружението Николче Стојаноски и неговото потенцирање за важноста на соработката со овие институции за добивање на цврсти и веродостојни слободни содржини, се обрати и извршниот директор на Викимедија МКД, Снежана Штрковска. Нејзиниот осврт беше насочен кон тоа што е Википедија и како треба да изледа една солидна, доброверифицирана статија од енциклопедиски стил. По практичната едночасовна обука овозможена за присутните 30 учесници, излагање имаше и претставник на Викимедија Србија која исто така ја потенцираше важноста на овие институции за слободното знаење. Крајниот дел беше резервиран за Ана Вишинова, ГЛАМ координатор, која го преслика своето искуство и историскиот развој и значење на ГЛАМ програмата на Викимедија МКД.
Важноста од создавање на слободни содржини и дигитализација на материјали, документи, и културно-историско наследство беше препознаена од сите учесници на конференцијата. Различниот профил на учесници, кои всушност застапуваа институции од ваков тип, само ја потврди сплотеноста на дел од културните работници за соработка со Викимедија МКД и реализирање проекти од ваков вид.
Фотографскиот материјал од настанот можете да го погледнете на следнава врска.