Образовната програма на Викимедија МКД е една од најзначајните програми на здружението, чија цел е да ја доближи Википедија до образовните институции и да ги поттикне наставниците и учениците активно да придонесуваат кон создавање и подобрување на слободното знаење на македонски јазик. Преку организирање семинари, конференции, работилници и практични обуки, наставниот кадар добива можност да се запознае со начинот на функционирање на Википедија, правилата за уредување и придобивките од интегрирањето на Википедија во наставниот процес.
Па така, како продолжение на конференцијата за наставници што се одржа во мај, на 7 јули 2026 година во основното училиште „Гоце Делчев“ во Тетово беше реализирана практична обука за наставниците. Целта на оваа активност беше учесниците стекнатото теоретско знаење од конференцијата да го применат во пракса преку непосредна работа на Википедија, со поддршка од обучувачите на Викимедија МКД.

За време на обуката наставниците детално се запознаа со процесот на создавање нови статии, уредување и проширување на постоечки содржини, поставувањето внатрешни врски, категоризацијата на статиите, како и со основните принципи што ја прават Википедија сигурен и проверлив извор на информации. Преку практични примери и индивидуална работа, секој учесник имаше можност да ги примени стекнатите знаења и активно да придонесе кон збогатувањето на Википедија на македонски јазик.
На обуката учествуваа 12 наставници, кои во текот на активноста создадоа вкупно 19 статии. Напишаните статии претставуваат значаен придонес кон проширувањето на слободното знаење достапно за сите читатели на Википедија. Воедно, наставниците покажаа голем интерес за понатамошно вклучување во активностите на Викимедија МКД и за примена на стекнатите знаења во работата со своите ученици.

Обуката помина во работна и интерактивна атмосфера, при што учесниците поставуваа прашања, разменуваа искуства и дискутираа за можностите Википедија да се користи како дополнителна образовна алатка во наставата. Со ваквите активности се зајакнува соработката помеѓу Викимедија МКД и образовните институции, а наставниците стануваат дел од заедницата која активно придонесува за развојот на слободното знаење.
Викимедија МКД и во иднина ќе продолжи да организира обуки, работилници и други едукативни настани со цел да опфати што поголем број наставници, ученици и образовни институции. Преку ваквите активности се создаваат нови можности за подобрување на квалитетот и обемот на содржините на Википедија на македонски јазик, а истовремено се поттикнува развојот на дигиталната писменост и културата на споделување слободно знаење.
Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.