Одржана обука за ученици во СОУ „Коле Нехтенин” во Штип

Викимедија МКД постојано ја покажува својата посветеност кон образованието и развојот на младите преку организирање обуки, кои им даваат на младите луѓе не само можност да научат нови вештини, туку и да ги применат на начин кој е од корист за заедницата. Фокусот е насочен кон нивното активирање и поттик да станат волонтери и придонесувачи на Википедија, со што стануваат значаен дел од глобалното движење на слободното знаење. Со овие обуки, Викимедија МКД има за цел да ги инспирира младите генерации да го прифатат концептот на слободно знаење и да станат активни учесници во создавањето на содржини достапни за сите.

Во духот на таа мисија, на 24 октомври 2024 година, во просториите на СОУ „Коле Нехтенин“ во Штип, се одржа обука за учениците од ова училиште, со цел да се охрабрат и да се вклучат во уредувањето на Википедија. Настанот започна во 10:00 часот и беа присутни 17 ученици, кои со голема заинтересираност присуствуваа на обуката, подготвени да го надградат своето знаење и да стекнат практични вештини во користењето и уредувањето на најпознатата слободна енциклопедија. Првиот дел од обуката започна со обраќање на извршниот директор на Викимедија МКД, Снежана Штрковска, која ја истакна важноста на слободната енциклопедија Википедија и улогата на здружението во развојот на македонската верзија на оваа платформа. Таа на присутните им ги претстави главните активности на Викимедија МКД, како и придобивките кои ги носи слободниот пристап до знаењето за општеството. По воведното обраќање на Снежана Штрковска, збор зеде и менаџерот за образовна програма на Викимедија МКД, Боса Филиповиќ. Таа ја истакна важноста на Вики клубовите како можност на младите да се вклучат во уредувањето на статии и да станат дел од една динамична заедница на уредници.

По воведните говори, се премина на практичниот дел од обуката, каде што учениците, водени од своите ментори, започнаа со уредување на статии на Википедија. Овој дел од обуката се покажа како многу инспиративен за учениците, кои активно се вклучија во процесот на уредување, изразувајќи голем ентузијазам и мотивираност. Учениците се запознаа со техниките на уредување, научија како се истражува и структурира содржина и на кој начин се применуваат правилата на Википедија во создавањето на квалитетни статии. Секој ученик имаше можност самостојно да уреди статија, со што на учениците им се овозможи да ја почувствуваат важноста на нивниот придонес кон слободното знаење достапно на македонски јазик.

Вкупно беа напишани 19 нови статии. Преку оваа обука, учениците не само што научија како да уредуваат на Википедија, туку и го почувствуваа значењето на волонтерската работа и на заедничката мисија за создавање и проширување на слободните информации. Многумина од нив изразија желба и во иднина да продолжат со уредување, станувајќи дел од заедницата на уредници на Википедија, со цел да придонесат кон подобрување на квалитетот и квантитетот на содржините достапни на македонски јазик.

Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.