Организациската структура на Викимедија МКД

Викимедија МКД како невладина организација која се стреми кон развој на програмски и волонтерски план се заснова, покрај другото, и на транспарентноста при нејзиното работење. Запознавањето на пошироката заедница со програмските активности, новости, буџетските и организациските работи на организацијата е клучен момент за развојот на самата организација, како на програмски така и на волонтерски план. Со основањето на Викимедија МКД се воспостави и нова организациска структура, односно нов претседател, извршен одбор и вработени лица во организацијата. Бидејќи сакаме да ја запознаеме пошироката јавност со раководните лица на Викимедија, ви претставуваме кратки фактографски податоци на лицата кои се дел од организациската структура на Викимедија МКД.

Претседател:

Николче Стојаноски (1987) е активен Википедијанец, долгогодишен администратор и бирократ на Википедија на македонски, администратор и активен уредник на Викиизвор, и голем придонесувач за македонски теми на Заедничката ризница. Со Википедија започнува да се занимавата од 2007 година, а енциклопедијата до денес е дел од неговиот професионален и приватен живот.

Николче Стојаноски е дипломиран професор по англиски јазик и книжевност, магистер по настава на англиски јазик и овластен преведувач од македонски јазик на англиски и обратно. Своето образование го заокружува во 2009 година, кога ги завршува студиите од вториот циклус, а паралелно се стекнува со правото на постојан судски преведувач од англиски на македонски и обратно. Паралелно со своите студии и образование, Николче активно се вклучува и во работата на Википедија на македонски јазик, а малку подоцна и Викиизвор на македонски јазик. Со своето корисничко име на Википедија опстојува од 22 декември 2007 година, кога ги прави првите уредувања на Википедија. Главни интереси за уредување и придонесување на енциклопедијата за него се јазиците, лингвистиката, географијата, историјата и книжевноста. Посветеноста на Википедија и уредувањето на енциклопедијата, а притоа следењето на основните начела и принципи на енциклопедијата, му довело до успешна кандидатура за администратор на Википедија на македонски јазик. Денес тој е еден од корисниците со најголем број придонеси на Википедија, администратор на Википедија на македонски јазик од 15 март 2009 година, бирократ на Википедија на македонски јазик од 23 април 2013 година и администратор и најголем придонесувач на Викиизвор на македонски јазик.

Своите придонеси Николче ги насочува и кон невладиниот сектор кој работите со активности и проекти поврзани со Движењето Викимедија. Набрзо од самото основање на ГЛАМ Македонија, Николче станува основач и член на одборот на здружението, кое патем е претходник на Викимедија МКД. Заедно со тимот, ГЛАМ Македонија има успешно завршено голем број проекти, настани, конференции, работилници, предавања, кампови  и останати сродни активности поврзани со проектите на Викимедија. Со основањето на Викимедија МКД, Николче станува еден од основачите на здружението, член на извршен одбор и од април 2024 година претседател на Викимедија МКД.

Познат на Википедија под корисничкото име MacedonianBoy, Николче и денес продолжува да ја поддржува македонската вики-заедницата на Википедија и во рамките на проектите на Викимедија МКД.

Извршен одбор:

Кирил Симеоновски (1990) дипломирал, магистрирал и докторирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работи во Народна банка на РСМ.

Википедијанец од 2008 година и администратор на Википедија на македонски јазик. Кирил Симеоновски бил претседател на здружението „Споделено знаење“, и со тимот на тоа здружение има успешно завршени бројни проекти и активности. Со основањето на Викимедија МКД, Кирил станува еден од основачите на здружението, и член на извршниот одбор.

Кирил се докажал и продолжува да биде активен во рамки на Википедијанските меѓународни активности, како претседател на меѓународни комитети, а годинава е и член на програмскиот комитет за најголемата википедијанска конференција, Викиманија 2024.

 

 

Лили Арсова (1967) живее и работи во Велес. Дипломирала на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Работи како професор во одделенска настава. За својата работа како наставник со ученици е наградувана на многу меѓународни и интернационални конкурси. Добитник е и на највисокото признание во 2018 година кога е прогласена за просветен работник на Репубика Македонија. Писател на литература за деца  и млади има издадено осум книги со проза и драмски текстови. Во Википедија на македонски јазик е член од  9 октомври 2017 година, а од 18 февруари 2020 година е и координатор на Вики клуб Велес. Лили Арсова е вклучена во бројни активности и проекти поврзани со Википедија: учество на работилници, Вики кампови, организирање на настани, среби, конференции за наставници, предавања и уредувачки маратони во Велес, а ангажирана е и како матичен Википедијанец веќе неколку години по ред. Активно уредува на Википедија на македонски јазик и на Викиизвор на македонски јазик.

 

 

Деан Лазаревски (1991) дипломиран економист на насоката е-бизнис на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2014 година. Моментално ги завршува магистерските студии на истиот факултет од областа на менаџмент на е-бизнис. Работните должности од 2018 година ги извршува во Општина Гази Баба, а од ноември 2022 е задолжен за буџетот и финансиските текови во Кабинетот на Претседателот на Републиката. Во 2019 година се приклучува кон тимот „Викиекспедиции” во кој активно учествува во десетици истражувачки проекти кои главно се насочени кон документирање на историските и природните знаменитости. Исто така ги извршува и задолженијата за промоција на експедициите на социјалните мрежни, со што ги запознава сите кои сакаат да добијат повеќе информации за овој дел од активностите. Деан е дел и од други проекти поврзани со Википедија.

 

 

Валентина Трајковска (1976) е магистер по филолошки науки и дипломиран професор по македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Предава македонски јазик во ОУ „Свети Климент Охридски” во Драчево, Скопје.

Активен Википедијанец од 2016 година, кога се вклучува како координатор на Вики клубот во Драчево. Валентина заедно со своите ученици – членови на Вики клубот, има учествувано и има организирано бројни проекти, од Вики кампови, работилници, конференции за наставници и други активности поврзани со Википедија.

 

 

 

Нино Богдановски (1991) дипломиран економист на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во моментов вработен во компанијата за транспорт и логистика Кине и Нагел Македонија

Во 2015 година се вклучува на проекти поврзани со Википедија на македонски јазик, и со тимот „Викиекспедиции” активно учествува во триесетина истражувачки проекти. Се јавува и како организатор и дел од други википедијански проекти, како на пример проектите и активностите поврзани со луѓе во Македонија што зборуваат на аромански и ромски јазик и луѓе кои користат знаковен јазик. Во моментов работи на конференцијата за обука на заедници од ЦЕЕ регионот за Викиекспедиции во нивните матични земји.