Викимедија МКД континуирано организира уредувачки маратони со цел да ја збогати Википедија на македонски јазик со квалитетни и достапни информации. Преку овие настани, волонтерите и членовите на Вики Клубовите активно придонесуваат кон слободното знаење, обработувајќи различни теми од културата, историјата, географијата и многу други области.
Овој пат со цел да се збогати Википедија на македонски јазик со квалитетни содржини за Словенија, оваа година се организираше едномесечниот уредувачки предизвик „Запознајте ја Словенија“. Овој возбудлив проект им овозможи на членовите на Вики Клубовите во Македонија да дадат свој придонес кон збогатување на слободното знаење, истовремено запознавајќи се со богатата историја, култура и географија на Словенија.
Уредувачкиот маратон „Запознајте ја Словенија“ се одржуваше од 1 февруари 2025 до 28 февруари 2025. Проектот беше во организација на Здружението Викимедија МКД во соработка со Словенечки центар – Скопје, поддржан од Амбасадата на Словенија во Скопје. Главната цел беше да се намали недостатокот на содржини поврзани со Словенија на Википедија на македонски јазик. Сите членови на Вики Клубовите во Македонија, беа добредојдени да учествуваат и да го дадат својот придонес кон збогатување на Википедија на македонски јазик.
Учеството во уредувачкиот маратон беше едноставно и имаше само неколку основни правила:
Учесникот мораше да биде член на некој од Вики Клубовите во Македонија.
Напишаната статија мораше да биде на тема поврзана со Словенија.
Статијата мораше да биде нова.
За најдобрите пет учесници беа предвидени специјални награди и дипломи, кои ќе бидат доделени во текот на месец април на свечен настан во Скопје. Наградите ги обезбедуваат Словенечкиот Центар во соработка со Амбасадата на Словенија во Скопје. Па така со гордост ги објавуваме добитниците на награди:
- Горазд Војнески со освоени 673 поени
- Emilija Dobreva со освоени 577 поени
- Mito999 со освоени 203 поени
- Марко09 со освоени 113 поени
- Михаил Милевски со освоени 108,5 поени
Вкупно учествуваа 50 корисници и беа напишани 645 статии.
Овој успешен уредувачки маратон не само што ја збогати Википедија со вредни информации за Словенија, туку и ги мотивираше членовите на Вики клубовите да продолжат со нивниот придонес кон слободното знаење. Благодарение на нивниот труд, Википедија на македонски јазик стана побогата со нови и квалитетни содржини.