Уредувачки натпревар „Европска книжевност“- многу нови статии и нови награди

Уредувачките натпревари кои ги организира Викимедија МКД претставуваат еден од најуспешните и највлијателни начини за поттикнување квалитетно создавање содржини на Википедија на македонски јазик. Тие се наменети за сите корисници – од искусни уредувачи до ентузијасти кои сега го започнуваат својот пат на Википедија. Преку овие тематски активности се охрабрува пишувањето и подобрувањето на постојните статии, а воедно се поттикнува и соработката, размената на знаење и развивањето на чувството за заедништво во вики-заедницата.

Со секој нов натпревар, Викимедија МКД настојува да отвори простор за збогатување на содржините во важни и често недоволно обработени области. Токму таков беше и уредувачкиот натпревар на тема Европска книжевност, кој им овозможи на учесниците да се нурнат во богатите литературни традиции на европските народи и да придонесат кон создавање и подобрување на статии од оваа значајна област.

Уредувачкиот натпревар на тема „Европска книжевност“ се одржуваше од  13 септември до 12 октомври 2025 година. Главна тема на натпреварот беше европската книжевност и сите статии поврзани со неа беа признаени и бодувани. Темата вклучуваше статии за книжевници, книжевни дела, книжевни правци, но и општи статии за книжевноста во европските земји.

Сите статии требаше да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии требаше да бидат напишани на енциклопедиски стил и да имаат извори.  При уредување на натпреварот или по неговото завршување, сите учесници требаше да се запишат со кои статии учествувале.

На натпреварот можеа да учествуваат сите регистрирани корисници на Википедија на македонски јазик, освен членовите на оценувачкиот одбор. Учествуваа 14 корисници и вкупно беа напишани 302 статии. Најдобрите учесници ги добија следниве награди:

  • Прва награда за најдобар уредник –Тиверополник– вредносен купон од 12.000 денари
  • Втора награда за најдобар уредник – 19user99– вредносен купон од 6.000 денари

Покрај овие награди беше предвидена и следнава награда:

Им упатуваме искрени честитки на сите добитници, а уште поголема благодарност на сите учесници кои вложија време, знаење и посветеност. Вашите статии претставуваат значаен придонес во развојот на слободното знаење и во промовирањето на богатото европско книжевно наследство.

Продолжуваме заедно да ја градиме поквалитетната, подостапна и побогата Википедија на македонски јазик!