Програмата „ГЛАМ“ е една од трите главни програми на Викимедија МКД, покрај програмата за образование и програмата за заедница. Програмата ГЛАМ во својата суштина е визија за зголемување на содржината на Википедија и сродните проекти преку тесна соработка со институции како галерии, библиотеки, архиви и музеи. Ваквата соработка подразбира организирање активности од различен вид, како што се работилници на зададена тема, обука на кадар од институциите за користење на Википедија, уредувачки сесии за збогатување на содржините на Википедија и нејзините сродни проекти, испраќање матичен Википедијанец кој би бил врска помеѓу институцијата и здружението и кој активно ќе ја подобрува содржината на Википедија и нејзините сродни проекти.
Во 2024 година, како и минатите години, програмата ГЛАМ беше тематски ориентирана и овогодинашната тема беше „клима и климатските промени“. Соработката со Управата за метеоролошки работи од Скопје придонесе за успешноста на програмата. Матичните википедијанци неуморно работеа на создавање нови статии и намалување на овој јаз во содржината на Википедија. Покрај големиот број на статии, се организираа различни работилници со предавања и заеднички уредувања, што пак ја прави оваа програма уште побогата и поуспешна.
Викимедија МКД во соработка со Здружението „Вила Зора“ од Велес и Локалната библиотека „Гоце Делчев“, како и ученици од Еколошката секција од ООУ „Васил Главинов” под раководство на координаторот Лили Арсова, во просториите на Локалната библиотека „Гоце Делчев” во Велес на 18 април 2024 година одржа предавање и работилница на тема „Клима и климатски промени”. Успешноста на овој настан резултира со нови членови на Викимедија МКД и што е најважно нови статии поврзани со климатските промени на Википедија на македонски јазик.
Исто така беше одржана работилница и во Охрид. На ден 26 јуни 2024 година членовите на Вики клуб Охрид одржаа работилница на тема „климатски промени“. Работилницата се одржа во просториите на селското домаќинство „Пирустија Неданоски“ во село Рамне, Охрид. Википедија на македонски јазик се стекна со нови содржини од оваа област, а учесниците се стекнаа со нови знаења.
На 30 мај 2024 година во просториите на Музејот на македонската борба во Скопје, Викимедија МКД организираше предавање и уредувачки маратон за учениците од средното училиште „Јосип Броз“ од Скопје. Во заедничка соработка со Македонското еколошко друштво, настанот овозможи и едукативен дел, но и уредувачки дел каде учениците дадоа свој придонес за оваа тема преку пишување статии на Википедија на македонски јазик.
Придонесот и на Вики Кампот од Струга, кој се одржа од 11 до 13 октомври 2024, беше одличен и ги надмина целите зададени за тој настан. Климатските промени беа главната тема на уредување на Википедија, се создаваа голем број статии на Википедија на македонски јазик на оваа тема, и се учеа голем број нови работи и вештини. Неуморните учесници вложија големи напори и сето тоа се исплатеше! Википедија на македонски јазик на вики кампот се стекна со нови 215 статии!
На новите соработки започнати во 2024 година, покрај Управата за метеоролошки работи од Скопје, Вила Зора од Велес, Македонското еколошко здружение и Институтот за македонска книжевност, им се продружуваат и новопотпишаните меморандуми за соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и Општина Демир Хисар. Овие соработки, како и веќе многубројните постоечки, имаат за цел да ја збогатат слободната содржината на македонски јазик на Википедија, да отворат нови можности за проектни активности и да ја збогатат понудата на Викимедија МКД за да може секој да се пронајде за тоа на каков начин може да придонесе и да вложи свој труд за општокорисно добро. Викимедија МКД ја движат волонтерскиот дух и љубовта кон слободната содржина, и продолжува кон остварување на тие зададени цели.
Првичните очекувања од програмата се надминати, а резултатите се фантастични! Со повеќе од 500 нови статии, севкупно, како резултат на програмата „ГЛАМ“, Викимедија МКД добива уште поголема мотивација да придонесува слободни содржини – енциклопедиски и веродостојни!