Одржана конференција за наставници во ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ во Скопје

Конференциите за наставници претставуваат значаен дел од активностите на Викимедија МКД, насочени кон унапредување на образовниот процес преку користење на Википедија и другите проекти на Викимедија како современи образовни алатки. Овие настани овозможуваат размена на искуства, идеи и добри практики меѓу наставниците, како и запознавање со нови начини за примена на слободното знаење во наставата. Преку ваквите средби, Викимедија МКД настојува да ја зајакне соработката со образовните установи и да поттикне поголемо вклучување на наставниците и учениците во создавањето и збогатувањето на содржините на Википедија на македонски јазик.

Во рамките на својата образовна програма, организацијата континуирано работи на развивање активности кои ги поврзуваат образованието, дигиталната писменост и слободниот пристап до информации. Особено внимание се посветува на улогата на наставниците како важни чинители во пренесувањето на знаењето и поттикнувањето на учениците активно да учествуваат во образовни проекти. Конференциите претставуваат можност за дополнително зајакнување на оваа соработка, но и за претставување на резултатите и искуствата од досегашните активности.

На 12 ноември 2026 година, во просториите на ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ во Скопје, се одржа четвртата конференција за наставници за 2026 година, во организација на Викимедија МКД. На настанот учествуваа 21 наставници од училиштето, кои имаа можност да се запознаат со активностите на организацијата, со можностите што ги нуди Википедија во образованието, како и со искуствата од спроведувањето на образовните иницијативи во училиштата.

Конференцијата беше посветена на значењето на слободното знаење во современиот образовен процес, можностите за користење на Википедија како дополнителна наставна алатка и важноста од развивањето дигитални вештини кај учениците. Воедно, настанот претставуваше можност за размена на искуства и за поттикнување нови соработки меѓу Викимедија МКД и образовните установи.

Пред присутните се обрати Снежана Штрковска, извршен директор на Викимедија МКД, која ја претстави организацијата, нејзината мисија, цели и главни области на делување. Во своето излагање, таа се осврна на историјата и развојот на википедијанското движење, значењето на Википедија како најголема слободна енциклопедија во светот, како и на останатите проекти на Викимедија. Присутните имаа можност да се запознаат со работата на Викимедија МКД, нејзините програми, проекти и активности насочени кон создавање, збогатување и ширење на слободното знаење. Посебно беше истакната важноста на волонтерскиот придонес и заедничкото учество во создавањето содржини кои се слободно достапни за сите.

Свое излагање имаше и Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма на Викимедија МКД, која ги претстави активностите што се реализираат во рамките на образовната програма. Таа се осврна на обуките за уредување на Википедија, работата на вики клубовите и вклучувањето на учениците во збогатувањето на содржините на Википедија на македонски јазик. Посебно внимание беше посветено на практичниот дел од обуките, во кој учениците, со поддршка од своите наставници и координатори, преведуваат статии од други јазични изданија на Википедија, најчесто од англиски јазик. На овој начин, покрај придонесот кон зголемувањето на бројот на статии на македонски јазик, учениците ги усовршуваат своите јазични и дигитални вештини и стекнуваат дополнителни знаења од различни области.

На конференцијата се обрати и Ирена Трајковска Стерјовска, координатор на вики клубот при гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје, која го претстави значењето на вики клубовите и нивната улога во поттикнувањето на учениците да се вклучат во уредувањето на Википедија. Преку искуствата од работата со учениците, беше истакната важноста од практичната примена на стекнатите знаења, како и придобивките од вклучувањето на младите во активности што ја развиваат нивната самостојност, креативност и одговорност при користењето информации.

Во текот на конференцијата, присутните наставници покажаа голем интерес за презентираните теми и активно се вклучија во дискусијата преку поставување прашања и размена на мислења. Особено внимание привлекоа можностите за вклучување на учениците во активностите на Викимедија МКД, начинот на организирање на обуките и функционирањето на вики клубовите. Наставниците имаа можност да добијат дополнителни информации за образовните проекти и за начините на кои нивните училишта можат да воспостават соработка со организацијата. Ваквата заинтересираност уште еднаш ја потврди важноста на непосредната комуникација со наставниот кадар и потребата од продолжување и проширување на ваквите образовни средби.

Одржувањето на оваа конференција за наставници  претставува уште еден значаен чекор во континуираните напори на Викимедија МКД за унапредување на соработката со образовниот сектор. Преку овие настани се создава простор за поврзување на наставниците, споделување искуства и развивање нови идеи кои можат да придонесат за поквалитетен и посовремен образовен процес.

Викимедија МКД и во иднина ќе продолжи со организирање конференции, обуки и други образовни активности, со цел да се поттикне користењето на слободното знаење и да се овозможи што поголем број наставници и ученици да станат дел од википедијанското движење. Преку заедничка работа, размена на знаења и активна соработка со училиштата, организацијата останува посветена на својата мисија за создавање и споделување слободни образовни содржини достапни за сите.

Фотографскиот материјал од конференцијата можете да го погледнете на следнава врска.