Успешно заврши натпреварот „Статии без илустрација 2026“

„Статии без илустрација 2026“ беше натпревар посветен на збогатување на постоечките статии на Википедија на македонски јазик со соодветни фотографии и други визуелни илустрации. Голем број статии содржат квалитетни и корисни информации, но сè уште немаат илустрации што би ја надополниле нивната содржина и би им овозможиле на читателите подобро да се запознаат со темата.

Илјадници фотографии се достапни на Заедничката ризница, поставени преку бројни ГЛАМ проекти, институционални соработки, фотографски натпревари и други активности што се одржувале низ годините. Овие визуелни материјали претставуваат вреден ресурс на слободно знаење кој заслужува да биде правилно и целосно искористен. Преку внимателен избор и вметнување илустрации во соодветните статии се подобрува не само нивниот изглед, туку и нивната едукативна и информативна вредност. На тој начин, содржините стануваат попрегледни, поинтересни и подостапни за читателите.

Токму со таа цел, Викимедија МКД и оваа година им овозможи на уредувачите да дадат свој придонес во овој натпревар и воедно да освојат награди. Натпреварот се одржа од 1 јули до 31 август 2026 година, со јасно утврдени критериуми за учество и бодување.

Награди беа предвидени за највредните учесници кои имаа поставено илустрација на најмалку 100 различни постоечки статии на Википедија на македонски јазик. Секоја валидно илустрирана статија носеше еден поен, независно од бројот на слики вметнати во неа. Не се земаа предвид новосоздадени статии создадени само за целите на кампањата. Учесниците можеа да користат неограничен број фотографии, под услов тие да се со слободна лиценца или во јавна сопственост. При секое зачувување на измена, задолжително се вклучуваше ознаката #WPWPMK, како и на самата статија.

По завршувањето на кампањата, со гордост ги објавуваме добитниците на наградите:

Првата награда- Тиверполник 1148 валидни илустрации – вредносен купон во износ од 12.000 денари.

Втората награда беше доделена на четворица корисници кои исто така остварија значителен број придонеси:

  • Lili Arsova390 валидни илустрации – вредносен купон во износ од 6.000 денари
  • P.Nedelkovski 290 валидни илустрации – вредносен купон во износ од 6.000 денари
  • Chnitke – 285 валидни илустрации – вредносен купон во износ од 6.000 денари
  • SirGoldenBlade 128 валидни илустрации – вредносен купон во износ од 6.000 денари

Вкупно учествуваа 8 уредници, а беа поставени 2352 валидни илустрации во статии на Википедија на македонски јазик.

Со завршувањето на натпреварот, голем број статии добија визуелно збогатување кое придонесува кон нивно подобро претставување и полесно разбирање на содржината. Секоја правилно избрана и поставена фотографија претставува дополнителна вредност за статијата и овозможува слободните визуелни содржини од Заедничката ризница да ја исполнат својата вистинска цел – да бидат користени, споделувани и достапни за сите.

Им благодариме на сите уредници кои учествуваа во натпреварот и одвоија време за пронаоѓање и вметнување соодветни илустрации. Нивниот придонес уште еднаш покажува дека и со навидум мали уредувања може значително да се подобри квалитетот на Википедија на македонски јазик.

Им честитаме на добитниците на наградите и се надеваме дека ваквите активности ќе продолжат да поттикнуваат што повеќе уредници активно да придонесуваат кон создавањето поквалитетна, побогата и повизуелна слободна енциклопедија.