Викимедија МКД, во рамки на своите едукативни активности, редовно организира уредувачки маратони на различни теми, со цел поттикнување на младите кон активно создавање и збогатување на слободната енциклопедија – Википедија на македонски јазик. Преку овие настани, учениците и младите волонтери добиваат можност да научат повеќе за специфични области, да развиваат вештини за истражување и пишување, и да придонесат кон ширење на знаење достапно за сите.
На 24 јуни 2025 година, за членовите на Вики клубот Демир Хисар, се одржа уредувачки маратон посветен на темата „Новинарство“. Под раководство на координаторката на Вики клуб Демир Хисар, Александра Шундовски уредувачкиот маратон привлече голем интерес кај членовите кои активно земаа учество во целосната програма. Уредувачкиот маратон беше структуриран во два дела: едукативен и практичен.
Во првиот дел од настанот, учесниците имаа можност да присуствуваат на инспиративно предавање од Благоја Шундовски – новинар, музичар и писател, кој со децении активно работи во медиумската сфера. Тој зборуваше на тема: „Што значи да се биде новинар“, објаснувајќи ги основните принципи и улогата на новинарството во едно демократско општество. Освен што ги запозна присутните со основните алатки и знаења потребни за новинарска работа, Шундовски сподели и лични искуства, анегдоти и вистински ситуации од својата новинарска кариера, што дополнително го разубави предавањето и го доближи новинарството до младите.
Вториот дел од настанот беше посветен на практичната работа – уредување статии на Википедија. Поттикнати од слушнатото и со поддршка од ментори, вкупно 6 членови на Вики клубот активно се вклучија во креирање содржини поврзани со новинарството. Тие уредуваа и напишаа вкупно 8 нови статии за добитници на Пулицеровата награда – најпрестижното признание во областа на новинарството. Со тоа, не само што стекнаа нови знаења за истакнати новинари и нивните придонеси, туку и го збогатија македонскиот јазичен корпус на Википедија со значајни информации кои досега недостасуваа.
Уредувачкиот маратон помина во позитивна атмосфера, со многу ентузијазам, соработка и желба за учење. Настанот уште еднаш потврди дека ваквите активности имаат клучна улога во поттикнување на младите кон критичко размислување, креативно изразување и активно граѓанско учество преку дигитални алатки.
Викимедија МКД ќе продолжи да организира уредувачки маратони на различни теми, со цел да се зголеми квантитетот и квалитетот на содржините на Википедија на македонски јазик, но и да се гради нова генерација на млади, писмени и информирани уредници кои ќе придонесуваат за општото добро.
Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.