Уредувачки маратон на тема „Езера“ за членовите на Вики клуб Куманово

Во рамките на образовната програма на Викимедија МКД, Вики клубовите претставуваат места каде што младите ученици имаат можност да го истражуваат светот на знаењето на еден поинаков и креативен начин. Преку практична работа на Википедија тие учат како да користат проверливи извори, како да ги преточат информациите во енциклопедиски статии и како да придонесуваат кон заедничката ризница на слободно знаење. Овие активности не се само обука за дигитални и истражувачки вештини, туку и поттик за критичко размислување, соработка и активно граѓанско учество.

На 28 август 2025 година, Викимедија МКД организираше уредувачки маратон на тема „Езера“ за членовите нa  Вики клубот во Куманово. Настанот беше дел од редовните активности со кои младите ученици од Куманово се охрабруваат да го збогатуваат слободното знаење на Википедија на македонски јазик, истовремено стекнувајќи нови истражувачки и дигитални вештини.

Под внимателно менторство на координаторката на Вики клуб Куманово, Стојна Арсовска Доневска, на маратонот учествуваа 11 ученици. Тие работеа со голема енергија и ентузијазам, истражувајќи информации за езера од светот, и ги преточуваа своите сознанија во добро структурирани и енциклопедиски статии. Како резултат на нивниот заеднички труд, беа создадени и уредени 22 нови статии, со што се збогати содржината на Википедија на македонски јазик за темата езера.

Маратонот претставуваше и можност учениците дополнително да ги усовршат своите вештини за уредување, да ја продлабочат примената на правилата на Википедија и да ја истакнат важноста на проверливи и точни извори при создавањето на слободни содржини. Тие покажаа голема одговорност и креативност при подготовката на текстовите, а поддршката и насоките од менторката беа клучни за успешно завршување на задачите.

Овие активности имаат двоен придонес – од една страна, младите учат како критички да размислуваат, да истражуваат и да создаваат, а од друга страна, целата заедница добива поквалитетна и побогата Википедија на македонски јазик.

Со уредувачкиот маратон на тема „Езера“, Вики клуб Куманово уште еднаш покажа дека претставува динамична средина во која децата не само што учат, туку и активно придонесуваат во градењето на глобалната ризница на знаење. Викимедија МКД продолжува да ги поддржува ваквите иницијативи, кои ги инспирираат младите да станат дел од поширокото вики-движење и да ја почувствуваат важноста на слободното знаење во секојдневието.

Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.