Дали си љубител на природата и сакаш да пишуваш? Дали сакаш твоето знаење да остане достапно за сите, засекогаш? Оваа есен, имаш шанса да станеш дел од заедницата што ја гради најголемата енциклопедија на светот – Википедија. Придружи ни се на уредувачкиот натпревар на тема „Реки и езера“, наменет исклучиво за средношколци, и освои вредни награди додека учиш, истражуваш и споделуваш знаење.
Уредувачки натпревар на тема „Реки и езера“ има за цел да помогне во подобрување на постоечките и создавање на нови статии на тема „Реки и езера“. Право на учество на натпреварот ќе имаат исклучиво ученици средношколци, на возраст од 15 до 18 години. Сите останати немаат право на учество на натпреварот!
Натпреварот започнува на 6 октомври 2025 година и завршува на 26 октомври 2025 година.
Учесниците во рамките на натпреварот треба да уредуваат статии, кои недостигаат на Википедија на македонски јазик и да подобруваат веќе постоечки. Сите статии треба да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии треба да бидат напишани на енциклопедиски стил и да имаат извори. При уредување на натпреварот или по завршувањето на истиот, сите учесници треба да се запишат со кои статии учествувале.
Напомена: На крајот од секоја седмица ќе биде прогласена најдобрата статија создадена во тој временски период, а не најголем број на создадени статии. Сепак можете да учествувате со повеќе добри статии, со што ќе си ја зголемите можноста да добиете една од наградите.
Статиите ќе ги прегледува жири, кое ќе биде составено од тројца википедијанци. Жирито ќе ја донесе конечната одлука за победниците.
Наградите за овој натпревар се предвидени да бидат вредносни купони за книги/материјали, техничка стока или спортска опрема по избор на добитникот. На натпреварот ќе се доделат три награди за најдобрите статии по седмица, како и три награди за најдобрите уредници по завршување на трите недели. Еден учесник има можност да добие повеќе награди, на пример награда за најдобра статија по седмица, како и награда за најдобар вкупен придонес. Наградените ќе бидат прогласени по оценувањето на статиите од страна на жири-комисијата. Наградите се следниве:
- Прва седмица – Вредносен купон во вредност од 2.000 денари.
- Втора седмица – Вредносен купон во вредност од 2.000 денари.
- Трета седмица – Вредносен купон во вредност од 2.000 денари.
На крајот од трите седмици:
- Прва награда: вредносен купон во вредност од 6000 денари.
- Втора награда: вредносен купон во вредност од 4000 денари.
- Трета награда: вредносен купон во вредност од 2000 денари.
Приклучи се и направи разлика
Ова не е само натпревар – ова е можност да оставиш свој траен печат во дигиталниот свет на знаењето. Учествувај, научи нешто ново, запознај се со начелата на Википедија и најважно – помогни на заедницата да стане побогата со квалитетни информации.
Твоето знаење заслужува да биде споделено. Учи, уредувај, освој.