Преку образовната програма на Викимедија МКД, учениците од средните училишта низ земјата имаат можност да се запознаат со процесот на создавање и уредување на содржини на Википедија. Преку оваа програма, младите учат како критички да пристапуваат кон информации, како правилно да користат извори и како да придонесуваат кон слободното знаење достапно за сите. Една од активностите што поттикнува активно учество и креативност се уредувачките натпревари, кој им овозможуваат на учениците да ги применат стекнатите вештини на конкретна тема.
Уредувачкиот натпревар на тема „Реки и езера“ започна на 6 октомври 2025 година и заврши на 26 октомври 2025 година. Овој натпревар имаше за цел да помогне во подобрување на постоечките и создавање на нови статии на темата „реки и езера“. Право на учество на натпреварот имаа исклучиво ученици средношколци. На натпреварот учествуваа 28 средношколци и вкупно беа напишани 112 статии.
Сите статии требаше да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии мораа да бидат напишани на енциклопедиски стил и да имаат извори. Статиите ги прегледуваше жири, кое беше составено од тројца википедијанци. Жирито ја донесе конечната одлука за победниците. Членовите на жирито ги прегледуваа сите статии и секоја ја бодуваа поединечно со бодови од 1 до 10. Па така со гордост ги објавуваме добитниците на награди:
- Прва награда: Горазд Војнески – вредносен купон во вредност од 6000 денари.
- Втора награда: Ritxyql – вредносен купон во вредност од 4000 денари.
- Трета награда: Doni12345 -вредносен купон во вредност од 2000 денари.
Покрај овие награди беа предвидени и награди за најдобри статии и тоа за секоја седмица поединечно. Добитниците на овие награди се следните:
- Прва седмицa: Doni12345 со статијата „Камел “– вредносен купон во вредност од 2.000 денари.
- Втора седмицa: Doni12345 со статијата „Ејвон“ – вредносен купон во вредност од 2.000 денари.
- Трета седмица: Doni12345 со статијата Сарасвати (река) – вредносен купон во вредност од 2.000 денари.
Со овој натпревар, Викимедија МКД уште еднаш ја потврди важноста на соработката меѓу образованието и дигиталното знаење. Преку ваквите активности, младите стануваат дел од глобалната заедница на Википедија и придонесуваат кон развојот на слободното знаење на македонски јазик. Натпреварот „Реки и езера“ покажа дека ентузијазмот, љубопитноста и желбата за учење можат да создадат вредни содржини што ќе им служат на идните генерации.
Искрени честитки до сите добитници на награди за нивниот труд, посветеност и креативност! Воедно, голема благодарност до сите ученици кои учествуваа и со своите статии придонесоа кон збогатување на Википедија на македонски јазик. Вашиот ангажман е доказ дека младите луѓе можат да бидат двигатели на слободното знаење и да бидат позитивен пример во заедницата.