Во рамките на образовната програма на Викимедија МКД, континуирано се реализираат активности насочени кон промовирање на слободното знаење и развивање на медиумската писменост кај младите. Преку соработка со основни и средни училишта, како и со различни образовни институции, учениците имаат можност да се запознаат со принципите на Википедија, да научат како да уредуваат статии и да придонесат кон збогатување на Википедија на македонски јазик со нови и проверени содржини.
Како дел од оваа програма, на 4 ноември 2025 година беше одржана работилница на тема „Езера во Северна Америка“ со ученици од СОУ „Коле Нехтенин“во Штип. На почетокот се обрати Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма која ги запозна учесниците за самата енциклопедија, како функционира Википедија, кои се придобивките од употребата на Википедија како наставно средство и како правилно да се користи Википедија како информативен извор за точни и потврдени информации.

Потоа под водство на координаторот на вики клубот во Штип професорката Лиљана Манова и со поддршка од тимот на Викимедија МКД учениците започнаа да пишуваат статии. Целта на работилницата беше да се поттикне интересот кај младите за природните богатства во светот, преку пишување за езерата како важни природни екосистеми. Работилницата се одвиваше во пријатна и работна атмосфера, каде учениците покажаа голем интерес за темата и активно се вклучија во сите делови од активноста.

На работилницата учествуваа 15 ученици кои научија како да структурираат статија на енциклопедиски начин и како резултатот од оваа активност беше создавање на 27 нови статии, со што беше даден придонес во зголемувањето на достапноста на информации за природните ресурси во светот. Работилницата претставуваше можност учениците да ги поврзат своите знаења од географија со практична примена во дигитален контекст, но и да развијат критичко размислување, тимска работа и дигитална култура.
Со ваквите активности, Викимедија МКД продолжува да ја гради својата мрежа на активни вики клубови и да го поддржува младинското учество во создавањето на слободно и отворено знаење. Работилницата во Штип уште еднаш покажа дека младите имаат огромен потенцијал да придонесуваат и да ја збогатуваат Википедија на македонски јазик со квалитетна и корисна содржина.
Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.