Викимедија МКД продолжува со традицијата на организирање уредувачки маратони со кои се поттикнува создавањето и унапредувањето на слободната содржина на македонски јазик. Овие натпревари претставуваат можност сите љубители на знаењето – било да се почетници или искусни уредувачи – да придонесат во збогатување на Википедија, истовремено натпреварувајќи се за вредни награди.
Па така уредувачкиот натпревар на тема „Митологија“, се одржува во периодот од 29 ноември до 28 декември 2025 година. Целта на натпреварот е да се поттикне создавање квалитетни и проверливи статии поврзани со митологиите од целиот свет – антички, народни, религиски, регионални и современи митолошки системи.
Цел на натпреварот
Митологијата претставува значаен дел од културното и духовното наследство на човештвото. Преку овој натпревар сакаме да се прошири и продлабочи содржината на Википедија на македонски јазик во оваа област, со создавање или подобрување на статии кои обработуваат:
- митови и легенди
- богови, божества и херои
- митолошки суштества и симболи
- митолошки места, предмети и концепти
- историски извори и традиции поврзани со митолошки наративи
Особено се охрабрува создавање статии од општа, интернационална и научна важност.
Во натпреварот може да учествува секој регистриран корисник на Википедија на македонски јазик, освен членовите на оценувачкиот одбор. Учесниците можат да креираат нови статии или да ги уредуваат, прошируваат и подобруваат постоечките, сè додека придонесите се нивни сопствени и усогласени со правилата на Википедија.
Какви статии се прифатливи?
Во натпреварот влегуваат статии што се директно поврзани со митологија, без оглед на потеклото или културата.
Не се прифаќаат содржини за уметнички дела (филмови, серии, книги, игри) кои само користат митолошки мотиви – освен ако не се обработува нивната историска или митолошка основа.
Сите статии треба да бидат:
- добро напишани и енциклопедиски
- со наведени извори
- без машински преводи без учесникот да вложи напори за нејзино средување
- структуирани според стандарди на Википедија
Статиите ќе ги прегледува Оценувачки одбор којшто ќе биде составен од тројца википедијанци кои не можат да учествуваат на натпреварот. Оценувачкиот одбор ќе ја донесе конечната одлука за победникот. Членовите на оценувачкиот одбор ќе ги прегледаат сите статии и секоја ќе ја бодуваат поединечно со бодови од 1 до 10.
Награди
За најуспешните учесници се обезбедени вредни награди во форма на вредносни ваучери:
- I награда – 12.000 денари
- II награда – 6.000 денари
- III награда – 3.000 денари
Дополнителни награди:
- Награда за најдобра статија – 5.000 денари
- Награда за најдобар нов учесник – 2.000 денари
Со овој натпревар сакаме да ги поттикнеме љубителите на митологијата, ентузијастите и сите подготвени да придонесат кон слободното знаење, да се вклучат и да помогнат во збогатувањето на Википедија на македонски јазик со нови, квалитетни и добро проверени информации. Учеството е отворено и едноставно, а секој придонес има значење за заедницата и за развојот на енциклопедијата.
Ги охрабруваме сите заинтересирани да се приклучат, да создаваат и да споделуваат знаење, а воедно да ја почувствуваат динамиката и духот на вики-заедницата. Придружете ни се во овој уредувачки натпревар и дадете свој придонес во оформувањето на богата и достапна база на информации од митологијата на светот.