Уредувачките натпревари претставуваат една од редовните активности на Викимедија МКД, насочени кон поттикнување на создавање и унапредување на квалитетна слободна енциклопедиска содржина на Википедија на македонски јазик. Преку овие натпревари, Викимедија МКД ги мотивира уредниците да обработуваат одредени тематски области, да ја збогатуваат постоечката содржина и да придонесуваат кон зголемување на достапното слободно знаење.
Натпреварите се отворени за сите заинтересирани, без разлика на нивното искуство во уредување, и претставуваат одлична можност за стекнување нови знаења, развој на уредувачки вештини и активно вклучување во заедницата на Википедија.
Уредувачки натпревар на тема „Минералогија“, има за цел збогатување и унапредување на содржините на Википедија на македонски јазик од областа на минералогијата и сродните научни дисциплини. Натпреварот се одржува во периодот од 1 февруари до 28 февруари 2026 година и е отворен за сите заинтересирани уредници, како за почетници, така и за искусни корисници на Википедија.
Во рамките на натпреварот, учесниците можат да создаваат нови или да подобруваат постоечки статии поврзани со минерали, минералошки процеси, кристалографија, значајни минералози и други теми од областа на минералогијата. Сите статии треба да бидат напишани во енциклопедиски стил и да содржат релевантни и проверливи извори, во согласност со правилата и насоките на Википедија.
За да учествуваат во натпреварот и да влезат во конкуренција за награди, учесниците треба да ги пријават своите статии на официјалната страница на натпреварот.
Награди
За најуспешните учесници на уредувачкиот натпревар „Минералогија“ ќе бидат доделени награди, во согласност со утврдените правила и критериуми за оценување. Статиите ќе бидат оценувани врз основа на нивниот квалитет, обем, енциклопедиски стил, користење на релевантни извори и усогласеност со правилата на Википедија.
Наградите имаат за цел да го вреднуваат вложениот труд и да го поттикнат понатамошното активно учество на уредниците во создавањето и споделувањето на слободно знаење.
За да се освои било која награда за плодотворност, потребно е да се создадат или подобрат најмалку 25 статии оценети со просечна оценка од најмалку 2,0 од страна на членовите на Оценувачкиот одбор, а за да се освои посебната награда, посебно е да се создадат или подобрат најмалку 15 статии за минерали оценети со просечна оценка од најмалку 2,0 од страна на членовите на Оценувачкиот одбор. Наградите се следниве:
- Прва награда: купон во вредност од 12.000 денари
- Втора награда: купон во вредност од 6.000 денари
- Трета награда: купон во вредност од 3.000 денари
Покрај главните награди предвидени се и следниве награди:
- Награда за најдобра статија – вредносен купон во вредност од 5.000 денари.
- Награда за најдобар нов учесник – вредносен купон во вредност од 2.000 денари.
- Посебна награда – вредносен купон во вредност од 3.000 денари.
Преку овој уредувачки натпревар, Викимедија МКД има за цел да го поттикне создавањето на квалитетна слободна енциклопедиска содржина, да ја зајакне уредувачката заедница и да го промовира значењето на слободното знаење. Ги охрабруваме сите заинтересирани да се вклучат и да дадат свој придонес кон развојот на Википедија на македонски јазик.