Образовната програма на Викимедија МКД претставува една од клучните активности на здружението, насочена кон унапредување на дигиталната писменост, критичкото размислување и активно вклучување на учениците и наставниците во создавањето и споделувањето на слободно знаење. Преку оваа програма, Викимедија МКД соработува со основни и средни училишта, факултети и други образовни институции, нудејќи обуки и работилници за уредување на Википедија, со цел младите да се стекнат со практични вештини за пишување, преведување и прилагодување енциклопедиски содржини на македонски јазик.
Во рамки на овие активности, на 5 февруари во 11:30 часот, во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ – Скопје, се одржа обука за уредување на Википедија, наменета за ученици кои за првпат имаа можност подетално да се запознаат со принципите и функционирањето на слободната енциклопедија.

Обуката започна со предавање одржано од Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма на Викимедија МКД. Таа им ги претстави на учениците основните правила на Википедија, значењето на слободното знаење, важноста на неутралната гледна точка, како и улогата на веродостојните извори при пишување енциклопедиски содржини. Преку примери и интерактивна дискусија, учениците се запознаа со начинот на креирање и уредување статии, како и со одговорноста што ја носи придонесувањето кон една глобална платформа каква што е Википедија.
По теоретскиот дел, обуката продолжи со практична работа, при што учениците имаа можност самостојно да уредуваат и да создаваат нови статии на Википедија на македонски јазик. На настанот учествуваа 6 ученици, под менторство на професорката Бранка Ивановска-Блажевска кои покажаа голем интерес и мотивација за активно вклучување во процесот на создавање слободни образовни содржини.

Како резултат на обуката, беа напишани 8 нови статии, со што учениците дадоа конкретен и видлив придонес кон збогатување на содржините на Википедија на македонски јазик. Преку овој процес, тие не само што се стекнаа со технички вештини за уредување, туку и научија како да работат со постоечки содржини, да преведуваат и прилагодуваат статии од други јазични изданија и да ги претставуваат информациите на јасен, неутрален и енциклопедиски начин.
Ваквите активности имаат особено значење во образовниот процес, бидејќи ги охрабруваат учениците активно да учествуваат во создавањето знаење, наместо да бидат само негови пасивни корисници. Истовремено, тие придонесуваат кон развој на критичко размислување, одговорно користење на интернетот и зголемена свест за важноста на слободните образовни ресурси.
Викимедија МКД и понатаму ќе продолжи со спроведување на вакви обуки во рамки на својата образовна програма, со цел да се зајакне соработката со образовните институции и да се поттикне поголемо учество на младите во уредувањето на Википедија. Преку ваквите иницијативи, здружението придонесува кон градење одржлива заедница на уредници и кон унапредување на квалитетот и достапноста на слободното знаење на македонски јазик.