Во периодот од 15 јануари до 5 февруари 2026 година, Викимедија МКД го организираше уредувачкиот натпревар #1Lib1Ref 2026, како дел од меѓународната иницијатива #1Lib1Ref, чија цел е подобрување на квалитетот и проверливоста на содржините на Википедија преку наведување извори во статии коишто се без наводи или содржат непотврдени изјави. Со оваа активност, уште еднаш беше истакната важноста на цитирањето како еден од основните принципи на Википедија и предуслов за нејзината доверливост.
Во текот на натпреварот, уредниците покажаа висок степен на ангажираност во додавањето на извори. Нивниот придонес значително ја подобри содржинската вредност на бројни статии и ја направи Википедија на македонски јазик уште покорисен и посигурен извор на информации за пошироката јавност. Па така со гордост ги споделуваме резултатите од натпреварот:
- Во натпреварот учествуваа 4 уредници
- Додадени се вкупно 1.346 додадени наводи
- Збогатени се 451 статии на Википедија на македонски јазик
Збирниот резултат за секој учесник се пресметуваше како збир од бројот на додадени наводи и бројот на збогатени статии, што овозможи јасен и транспарентен увид во вкупниот придонес на уредниците во рамки на натпреварот. За да се освоеше било која награда, потребно беше да се наведат најмалку 100 извори во најмалку 50 различни статии. Па така добитниците на награди се следниве:
- Првo место: Тиверополник – вкупно 880 поени – купон во вредност од 6.000 денари.
- Второ место: Pitikjp22 – вкупно 511 поени – купон во вредност од 4000 денари.
- Трето место: P.Nedelkovski – вкупно 218 поени – купон во вредност од 2.000 денари.
Секој додаден извор претставува чекор кон поквалитетна и посигурна енциклопедија, достапна бесплатно за сите корисници. Преку ваквите активности, Википедија на македонски јазик продолжува да се развива како релевантен и доверлив извор на слободно знаење.
Викимедија МКД им упатува искрена благодарност на сите уредници кои учествуваа во #1Lib1Ref 2026 за нивниот труд, посветеност и континуирана поддршка на слободното знаење. Натпреварот уште еднаш покажа дека и малите уредувања можат да имаат големо влијание врз квалитетот на содржините на Википедија.