По повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, Викимедија МКД организираше уредувачки маратон, на 6 март 2026 година во просториите на Викимедија МКД, во МКЦ. Овој настан беше посветен на поттикнување на родовата еднаквост на Википедија, имајќи предвид дека жените и нивните достигнувања сè уште се помалку застапени во енциклопедиските содржини. Преку вакви активности се настојува да се намали родовиот јаз во содржината на Википедија и да се зголеми видливоста на значајните придонеси на жените во различни области. На настанот учествуваа 9 ученици од СУГС Гимназија “Јосип Броз Тито”- Скопје, кои активно се вклучија во збогатувањето на содржините на Википедија на македонски јазик.
Уредувачкиот маратон беше посветен на темата „Жени ботаничари“, со што се истакна значајниот придонес на жените во развојот на ботаниката и природните науки. Преку процесот на уредување, учесниците имаа можност да се запознаат со животот, научната работа и достигнувањата на бројни ботаничарки кои дале значаен придонес во проучувањето на растителниот свет.

Темата на уредувачкиот маратон се поврзува со годишната ГЛАМ програмата на Викимедија МКД за оваа година, насловена „Ботаника на Македонија“, која има за цел збогатување и подобрување на содржините поврзани со ботаниката и растителниот свет во Македонија. Преку оваа програма се поттикнува создавање на нови енциклопедиски статии, како и проширување на веќе постојните содржини, со цел подобра достапност на знаење на македонски јазик.
Голем дел од овие теми сè уште не се доволно обработени на Википедија на македонски јазик, па така учениците ги преведуваа и прилагодуваа статиите од англиската верзија на Википедија. Учениците работеа на преведување на постоечки енциклопедиски содржини, при што се запознаа со начинот на адаптација на текстови, уредување на енциклопедиски статии и почитување на правилата и стандардите на Википедија. На овој начин се овозможува проширување на Википедија на македонски јазик со квалитетни и проверени информации, кои претходно биле достапни само на други јазици.

Во исто време, уредувачките активности се одвиваа и во рамки на вики клубовите низ државата, каде што членови од Вики клуб Куманово, Вики клуб Велес и Вики клуб Драчево паралелно пишуваа статии на истата тема, придонесувајќи кон заедничката иницијатива за одбележување на овој ден и за збогатување на Википедија на македонски јазик. Во текот на активноста, вкупно учествуваа 15 ученици и напишаа вкупно 36 статии, со што придонесоа за подобрување на застапеноста на жените научници на Википедија на македонски јазик.
Настанот се одвиваше во работна и мотивирачка атмосфера, при што учениците со голем интерес учествуваа во процесот на создавање слободно знаење. Покрај пишувањето на статии, тие имаа можност да научат повеќе за функционирањето на Википедија, за важноста на слободните лиценци и за значењето на придонесувањето кон отворени образовни ресурси.
Со ваквите активности, Викимедија МКД продолжува да ја исполнува својата мисија за поттикнување на младите да учествуваат во создавањето и споделувањето на слободно знаење. Воедно, преку теми поврзани со жените во науката се придонесува кон зголемување на нивната видливост во енциклопедиските содржини и кон подигнување на свеста за нивниот значаен придонес во научниот и општествениот развој.
Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.