Уредувачката седмица „Историја на човековите права“ претставува значајна иницијатива насочена кон збогатување на Википедија на македонски јазик со содржини поврзани со развојот, заштитата и значењето на човековите права низ историјата. Оваа седмица е дел од меѓународната иницијатива ,,Вики за човековите права“ посветена на човековите права и слободниот пристап до знаење, преку која волонтери и уредувачи од различни земји придонесуваат кон создавање поквалитетни и подостапни енциклопедиски содржини на оваа тема. Уредувачката седмица се одржува од 1 до 7 јуни 2026 година.
Целта на уредувачката седмица е да се поттикне создавање и подобрување на статии поврзани со историски документи, значајни личности, општествени движења, организации и настани кои имале важна улога во развојот на човековите права. Преку оваа активност, учесниците ќе имаат можност да придонесат кон проширување на слободното знаење и подобрување на достапноста на информации на македонски јазик.
Историјата на човековите права претставува долготраен процес исполнет со борби за еднаквост, слобода, достоинство и правда. Од раните идеи за човековите слободи во античките цивилизации, преку историски документи како Магна карта и Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот, па сѐ до Универзалната декларација за човекови права и современите движења за заштита на основните слободи — човековите права се темел на современото демократско општество.
Правила
За време на уредувачката седмица, учесниците се очекува да:
- создадат нови статии и да ги подобрат постоечките;
- додадат веродостојни надворешни врски во статиите; и
- додадат слики во статиите за да ги направат посликовити.
Покрај збогатувањето на енциклопедиската содржина, оваа иницијатива има и пошироко општествено значење. Преку слободното знаење и колективната работа, се овозможува поголема информираност за важноста на човековите права и нивната улога во современото општество. Секоја нова или подобрена статија претставува придонес кон создавање поквалитетен и подостапен образовен ресурс за сите читатели.
Награди
Награди се доделуваат на тројцата најплодотворни учесници во облик на вредносни купони, и тоа:
- Прва награда: купон во вредност од 4.000 денари.
- Втора награда: купон во вредност од 3.000 денари.
- Трета награда: купон во вредност од 2.000 денари.
За да се освои било која награда, потребно е да се создадат или подобрат најмалку 20 статии!