Прва викиекспедиција за 2026 година – Струмичко Поле

Во текот на 2026 година викиекспедициите продолжија со засилено темпо, а првата викиекспедиција оваа година повторно беше насочена кон Струмичкото Поле, со цел да се продолжи документацијата на селата од Струмичката Котлина. Со ова практично продолжи работата започната во претходната година, кога дел од селата од овој регион веќе беа посетени и фотографирани. Учесниците пристигнаа во Струмица на 30 април, од каде во следните два дена, на 1 и 2 мај ги реализираа планираните теренски активности низ повеќе села во општините Босилово и Василево.

Првиот ден започна со посета на селата Баница и Водоча, каде беа фотографирани повеќе цркви, манастири, споменици и други значајни објекти. Поради големиот број знаменитости во Баница, таму беше поминато повеќе време од планираното, а во Водоча беше посетен и манастирот со неговиот добро сочуван внатрешен простор. По ова, експедицијата продолжи кон селата Секирник и Турново, каде исто така беа документирани бројни верски и јавни објекти. Потоа следуваше посета на Иловица и Штука, две соседни села познати и по рударските активности во нивната околина, каде беа фотографирани цркви, џамија, манастир и вештачкото езеро над селата.

Во продолжение беа посетени Радово, Старо Балдовци, Петралинци и Дрвош, а особено внимание привлече напуштеното село Хамзали и новоизградената црква „Св. Климент Охридски“. Во околината беа фотографирани и остатоци од поранешни земјоделски објекти, како и просторот на некогашното село Гечерлија. До крајот на денот беа посетени и селата Гечерлија, Сарај и Дабиље, при што во Сарај беше фотографирана и новата католичка црква.

Вториот ден започна со посета на Добрејци, Просениково и Пиперево, каде повторно беа пронајдени и фотографирани повеќе значајни објекти, меѓу кои и недокументирана џамија во изградба. Потоа следуваше подолг престој во Василево, по што експедицијата се упати кон селата Доброшинци, Нова Маала и Висока Маала, како и кон езерото Турија и неколку историски населби во неговата околина. Посебно значајна беше посетата на напуштеното село Нивичино, познато по поврзаноста со аферата „Мис Стон“, каде денес е зачувана само селската црква.

Во вториот дел од денот беа посетени Сушево, Владиевци и Старо Владиевци, а покрај редовните фотографии на села и верски објекти, беа забележани и неколку нови градби за кои претходно немало достапни податоци.

Со оваа викиекспедиција беа посетени и документирани 25 села, неколку историски населби и голем број верски, културни и јавни објекти, при што беа изминати повеќе од 500 километри низ струмичкиот регион. Викиекспедициите и во 2026 година продолжуваат да даваат значаен придонес во збогатувањето на слободната содржина за Македонија, преку создавање и дополнување на фотографии и информации за населените места, културното наследство и локалните знаменитости.