Викимедија МКД, како дел од глобалното Викимедија движење, континуирано делува во насока на унапредување на слободното знаење и неговата достапност преку проектите на Википедија на македонски јазик. Во рамки на оваа мисија, особено значајно место имаат уредувачките кампањи и тематските маратони кои служат како поттик за волонтерите, но и како организиран пристап кон систематско збогатување на енциклопедиската содржина.
Уредувачкиот натпревар „СИЕ Пролет 2026“ беше дел од поширока меѓународна иницијатива која ги обединува заедниците од државите на Средна и Источна Европа. Основната идеја на оваа иницијатива беше преку заедничка работа да се подобри и прошири покриеноста на теми поврзани со регионот, како и да се поттикне поголема меѓувики заедничка соработка. На тој начин, Википедија не се гледа само како збир на одделни јазични проекти, туку како мрежа на заедници кои заеднички придонесуваат кон глобалното знаење.
„СИЕ Пролет 2026“ се одржуваше во периодот од 1 до 30 април 2026 година. Во текот на овој период, уредниците имаа можност да работат на различни типови содржини, да ги прошируваат постоечките статии и да создаваат нови енциклопедиски записи. Тематскиот опсег опфаќаше широк спектар области, вклучувајќи историја, културно наследство, географија, општествени процеси, институции и други значајни аспекти од земјите на СИЕ регионот.
Сите статии требаше да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии требаше да бидат напишани на енциклопедиски стил и да имаат извори. При уредување на натпреварот или по завршувањето на истиот, сите учесници требаше да се запишат со кои статии учествувале.
Оценувањето на статиите беше задача на оценувачкиот одбор, составен од искусни Википедијанци, кои внимателно ги анализираа и оценија содржините според стандардите и правилата на Википедија. Процесот на оценување беше траен и темелен, осигурувајќи објективност и квалитет при изборот на победниците. Така, со гордост ги објавуваме добитниците на наградите:
- I награда: Тиверополник – вредносен купон во вредност од 10.000 денари.
- II награда: 19user99 – вредносен купон во вредност од 5.000 денари.
- III награда: Marco Mitrovich– вредносен купон во вредност од 3.000 денари.
Покрај овие награди, се доделуваат и следните дополнителни награди:
- Награда за најдобра статија:„Операција „Бура““ од Тиверополник – вредносен купон во вредност од 4.000 денари.
- Награда за најмногу уредени статии: 19user99 со 86 уедени статии за 51 различна земја учесничка – вредносен купон во вредност од 2.000 денари.
- Награда за најдобар постоечки корисник: IvanKonev123 – вредносен купон во вредност од 2.000 денари.
Вкупно учествуваа 9 уредници и беа создадени и подобрени 451 статии. Овој резултат претставува важен придонес кон долгорочната цел на Викимедија МКД за континуирано проширување на слободната енциклопедија и зајакнување на квалитетот на енциклопедиските содржини. Преку ваквите кампањи се поттикнува активна соработка меѓу уредниците, се развива култура на проверливо и одговорно пишување, и се гради заедница која не само што создава содржини, туку и го унапредува начинот на кој знаењето се организира и споделува.