Викиманија 2026 оваа година се одржа по 21. пат во Париз, Франција, обединувајќи ја меѓународната википедијанска заедница на едно место. Овој најголем годишен собир на википедијанци се одржа во периодот од 21 до 25 јули 2026 година, а на него присуствуваа над 1.200 учесници од различни делови на светот. Во текот на неколкудневната програма, учесниците имаа можност да разменат знаења, искуства и идеи, да воспостават нови соработки и да разговараат за идниот развој на Википедија и останатите проекти на Викимедија.
Македонскиот тим, составен од Кирил Симеоновски, Тони Ристовски и Јован Тасевски, беше дел од овој значаен меѓународен настан. Покрај учеството во бројните предавања, работилници и дискусии, тимот имаше можност да ги претстави искуствата од Македонија и достигнувањата на македонската википедијанска заедница. Присуството на Викиманија беше и одлична можност за запознавање со успешни практики од други земји, размена на идеи со претставници на различни википедијански заедници и воспоставување контакти кои можат да придонесат за идни соработки и проекти.

Овогодишното издание на Викиманија беше во знакот на 25-годишнината од создавањето на Википедија, значаен јубилеј кој послужи како повод за осврт кон развојот на најголемата слободна енциклопедија во светот. Во изминатите две и пол децении, Википедија прерасна во глобален проект создаван и одржуван од огромен број доброволци, со милиони статии на стотици јазици. Јубилејот истовремено беше можност за одбележување на досегашните постигнувања, но и за разговор за современите предизвици со кои се соочуваат слободното знаење и википедијанското движење во дигиталниот свет.
Под мотото „слобода, еднаквост и веродостојност“, Викиманија понуди разновидна програма составена од предавања, презентации, панел-дискусии, работилници и други активности. Темите опфаќаа повеќе области од работата на Википедијанското движење – од образовните и ГЛАМ-програмите, преку развојот и примената на нови технологии, па сè до активностите насочени кон развојот и зајакнувањето на заедницата. Посебно внимание беше посветено на размената на добри практики и искуства меѓу учесниците, со што се создаде простор за учење едни од други и развивање нови идеи за идни активности.
Со комбинација од физичко присуство во импресивниот простор во Париз и виртуелно учество преку современи дигитални платформи, настанот овозможи поголема достапност и инклузивност. На тој начин, покрај учесниците кои отпатуваа во француската престолнина, дел од програмата можеа да ја следат и голем број членови на заедницата кои не беа во можност физички да присуствуваат. Овој хибриден пристап дополнително ја нагласи глобалната природа на Викиманија и стремежот знаењето, искуствата и дискусиите да бидат достапни за што поголем број луѓе.

Значаен дел од учеството на македонскиот тим беше и презентацијата посветена на искуствата од активностите на отворено, односно организирањетото викиекспедиции во Македонија. Преку неа беа претставени практичните искуства стекнати низ повеќегодишната работа на терен, како и пристапите што се користат при планирањето, организирањето и спроведувањето на ваквите активности. Презентацијата беше поделена во три главни дела, овозможувајќи систематски приказ на целиот процес – од почетната идеја и подготовките до создавањето и објавувањето слободни содржини.
Првиот дел претставуваше вовед во активностите на отворено, при што беа разгледани нивните предности и недостатоци, како и потребата од одржливо планирање. Беше истакната важноста на теренската работа за документирање места и културно, историско и природно наследство кои се недоволно застапени на Википедија и на Ризницата.
Вториот дел ги опфати шесте чекори за истражување и планирање на експедициите, од поставување цели и планирање ресурси, до реализација на теренската посета, создавање содржини и евалуација на резултатите. Преку практични примери беше истакната важноста на добрата подготовка за успешна реализација на експедициите.
Третиот дел беше посветен на фотографирањето за време на експедициите, вклучувајќи ја потребната опрема, изборот на објекти за фотографирање, правните аспекти и геотагирањето. Посебно внимание беше посветено на правилното прикачување, опишување и категоризирање на фотографиите на Ризницата за нивно полесно користење во проектите на Викимедија.

Претставувањето на овие искуства пред меѓународната заедница беше можност македонскиот тим да покаже како активностите на терен можат директно да придонесат кон документирањето на локалното наследство и создавањето слободни содржини. Воедно, разговорите со останатите учесници овозможија размена на различни пристапи и идеи кои во иднина можат да бидат применети и во активностите во Македонија.
Покрај официјалната програма, Викиманија традиционално претставува и простор за непосредно поврзување на луѓето кои стојат зад Википедија. Средбите со уредници, организатори, програмери и претставници на организации од различни земји овозможија создавање нови контакти, продлабочување на постојните соработки и размена на искуства за предизвиците со кои се соочуваат локалните заедници.
Викиманија 2026 заврши со порака за зајакнување на отпорноста и поврзаноста на заедницата, развој на нови алатки и начини за соработка и продолжување на заедничката мисија за создавање и споделување слободно знаење. Средбата во Париз уште еднаш покажа дека силата на википедијанското движење лежи во неговата разновидна и посветена глобална заедница. По 25 години од создавањето на Википедија, нејзината основна идеја останува непроменета – независното, проверливото и слободно знаење да биде достапно за секого.